145
27 shares, 145 points

Првиот произведен примерок од освеженото моделско годиште на Mercedes S-Class денес извозе самостојно од фабриката до плацот за нови автомобили. Технологијата на автономно возење побудува нови размислувања. Дали во иднина автомобилите сами ќе патуваат од фабрика до новиот дом.

Марката со сребрената ѕвезда денес испиша уште едно историско поглавје. Со самостојното возење од производствената лента до плацот за испорака, Mercedes S-Class покажа уште еден интересен начин за примена на технологијата на автономното возење во иднина.

За официјалниот старт на производството новото моделско годиште, S 560 4Matic без возач зад воланот самостојно извозе километар и половина од фабриката до плацот. Возачот го заменија камери, радарски и ултразвучни сензори, раководени со соодветен софтвер.

Во не толку далечна иднина е можно Mercedes S-Class самостојно да си го пронаоѓа патот од фабриката до новиот сопственик.“

Според изјавите на првите луѓе во Mercedes, очигледно е дека во марката навистина постои расположение произведените примероци од S-Class во иднина секојдневно да го минуваат ова растојание самостојно. И повеќе од тоа. Маркус Шефер, еден од главните луѓе во производството: „Во не толку далечна иднина е можно Mercedes самостојно да си го пронаоѓа патот од фабриката до новиот сопственик.“

Работните процеси во фабриката во Зинделфинген не заостануваат во иновативноста. Во оваа водечка фабрика на Mercedes за моделите од високите класи се користи таканаречена Индустрија 4.0. Само еден пример. До монтажната лента е потребно да се испорачуваат над 500 најразлични компоненти и модули. За процесот да се поедностави, до работната позиција на работникот што работи на одреден модел се испорачува „сортирана корпа“. Во неа се наоѓаат точно компонентите кои се потребни за конкретното возило што се изработува точно според нарачката на сопственикот. Работниците не мораат постојано да шетаат од класичните регали со компоненти до позицијата на возилото, се ослободува повеќе простор за работа, а и самата работа е попрегледна и поергономска.

Покрај Mercedes S-Class, од Зинделфинген излегуваат E-Class, CLS, Maybach, GT – и идните EQ

Во фабриката во Зинделфинген, односно во матичниот погон на Mercedes во индустриското предградие на Штутгарт, освен S-Class се произведуваат и E-Class, CLS и CLS Shooting Brake, Mercedes-Maybach и Mercedes-AMG GT. Во иднина оттука ќе излегуваат и моделите од новата марка за електрични возила EQ. Секој ден од погоните излегуваат по околу 200 возила.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

145
27 shares, 145 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *