за

Mercedes S-Class на струја до 50 километри

Mercedes S 560 e

Буквата Е во ознаката е новото Д во ознаката. Исто како што дизелот им носеше многу придобивки на возачите во неговите рани години, така плагин-хибридот ги привилегира денешните возачи. Во Mercedes S-Class, исто така

Mercedes S-Class и натаму е мерило меѓу лимузините од високата класа, со класична форма и врвен комфор. Конкуренцијата од Минхен и Инголштат го следи нивото, но сцената секогаш му дава предност на крстосувачот со сребрена ѕвезда. Моментно е во тек масовна електрификација на моделската понуда на Mercedes, којашто секако дека не може да го одмине и S-Class. Новиот модел во гамата на овој модел вози со плагин-хибриден погон и ја носи ознаката S 560 e.

Најзначајната разлика во споредба со претходните варијанти на S-Class со хибриден погон е во зголемениот капацитет на литиум-јон батеријата. Со енергијата во неа, лимузината од 2,2 тони може да извози на струја до 50 километри, без потреба од активирање на обичниот мотор. Доколку возачот е внимателен со педалот за забрзување, петметарскиот Mercedes може да постигне „електрични“ 130 километри на час.

Mercedes S 560 e 1
Луксузните лимузини повеќе ја немаат привилегијата да загадуваат двојно повеќе од обичните автомобили

Кога ќе се истроши енергијата во батеријата или ќе се побара посилно забрзување, тогаш се вклучува трилитарскиот V6, со моќност зголемена на 367 КС. Хибриден погон користат и „поевтините“ верзии S 450 и S 500, но таму станува збор за благ хибрид, во комбинација со 48-волтна мрежа. И нивниот шестцилиндарец се разликува: Моторот таму не е V6, туку шестe цилиндри им се во линија.

Во соработка со електромотор од 122 КС, електрифицираниот S 560 e постигнува системска моќност од 476 КС. Спринтот до темпо сто трае точно пет секунди, а крајната брзина е џентлменски ограничена на 250 km/h. Вредноста на забрзувањето е меѓу S 450 и S 500, иако овие варијанти имаат послаба моќност. Но, објаснувањето е во тежината. Плагин-хибридот со големата батерија и пратечката техника тежи речиси 200 килограми повеќе од „благите“ хибриди.

Доколку дневната тура е покуса од 50 километри и хибридниот Mercedes S-Class се приклучува на полнач по час и половина преку ноќ, возењето може да биде само на струја

Штутгарт декларира просечна потрошувачка од 2,5 литри бензин на сто километри. Погрешни се надевањата дека со 70-те литри во резервоарот на S 560 e ќе се извозат 2.800 километри, без долевање гориво. Според нормите, потрошувачката кај плагин-хибридите се одредува според сценариото дека возилото секогаш поаѓа со полна батерија и вози на струја додека не се истроши енергијата во батеријата, а потоа се активира и обичниот мотор. Затоа, овие 2,5 литри на S 560 e, исто како и на сите останати плагин-хибриди на пазарот, повеќе се за шоу, отколку од корист.

Поради големата батерија, и багажникот на Mercedes S 560 e располага со зафатнина од само 395 литри, место вообичаените 530 литри за S-Class. Доколку со возилото секојдневно се минуваат помалку од 50 километри и истото стои приклучено на полнач цела ноќ, возачот навистина може да ја користи големата лимузина како електричен автомобил, без да потроши ниту грам гориво. Во случај кога треба да се појде на долго патување, хибридниот S-Class е независен од полначите за струја.

Mercedes S 560 e 2
Хибридниот погон прикажува цел филм на џиновските дисплеи во кокпитот на S-Class

Големиот крстосувач може да стане „независен“ и од самиот возач. Зависно од тоа колку ставки ќе се штиклираат во ценовникот за дополнителна опрема, со неговите 110 страници, Mercedes S-Class е во состојба самостојно да ја следи лентата, додека возачот релаксирано ја следи ситуацијата, подготвен да реагира во случај да попушти концентрацијата на вештачката интелигенција.

Покрај плагин-хибридот S 560 e, во понудата од мотори за Mercedes S-Class влегуваат двата благи хибриди S 450 и S 500, со 48-волтна мрежа и со линиски шестцилиндарец, како и два дизела. Паралелно постои и класичен S 560, со четирилитарски V8, без каква било електрификација на погонската спрега и со нормирани десет литри бензин за секои сто километри. Неговите десет литри сепак се многу подалеку од реалноста отколку 2,5-те литри на плагин-хибридот. Штутгарт во меѓувреме го рекламира својот S 560 e како најдобар плагин-хибрид во сегментот. И мора така, затоа што основната цена за моделот во германскиот ценовник изнесува 114.317 евра.

Технички податоци · Mercedes-Benz S 560 e

Должина x Ширина x Висина (m): 5,36 x 1,90 x 1,49
Меѓуоскино растојание (m): 3,17
Мотор: V6, бензин, 2996 ccm, турбонатполнење, директно впрскување
Моќност: 270 kW / 367 КС при 5500-6000/min
Вртежен момент: 500 Nm при 1800-4500/min
Електромотор: 90 kW / 122 PS
Вртежен момент на E-мотор: 440 Nm
Батерија: Литиум-јон, 13,5 kWh
Системска моќност: 350 kW / 476 PS
Крајна брзина: 250 km/h (лимитирана)
Забрзување 0 до 100 km/h: 5,0 s.
Досег: 50 km
Просечна потрошувачка (според NEDC): 2,5 L
Емисија на CO2: 57 g/km (Euro 6d-Temp)
Празно возило / Носивост: min. 2215 kg / max. 610 kg
Багажник: 395 L
Тежина на приколка: Не се предвидува влечење приколка
Круг на вртење: 12,3 m
Гуми: 245/50 R 18 напред, 275/45 R 18 назад
Основна цена во Германија: 114.317 евра

Без врева, а ги има 15 на број: Овие Мерцедеси возат со две срца

Викторија Лоба во реклама од А-Класа за Мерцедес

Славенички поход ги донесе мерцедесовци во Скопје

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda Fabia Combi Scoutline

Skoda Fabia во моделска изведба меѓу комби и СУВ

ford focus iv

Комплетен водич за новиот Ford Focus: Цени, опрема, мотори, перформанси