Mercedes е одликуван за најиновативна марка во премиум сегментот и за марка со најмногу иновации во подрачјето на корисничкиот интерфејс и вмрежувањето.
Маркус Шефер, главен во делот на истражувањето на ниво на целиот концерн Daimler и оперативен директор на Mercedes, имаше двојна причина за радост во рамките на наградите за најиновативните автомобилски марки за годинава. Во овој реномиран избор, организиран од консултантската компанија PwC, марката Mercedes е одликувана за најиновативна во премиум сегментот, а понатаму е одликувана посебно за достигнувањата во подрачјето на интерфејсот и вмрежувањето.
„Работиме со полна сила на преодот кон мобилноста на иднината – со иновативни и одржливи луксузни возила што ги одушевуваат нашите клиенти. Притоа, клучни теми се декарбонизацијата и дигитализацијата“, изјави Маркус Шефер при виртуелното врачување на двете награди.
Титулата на „најиновативна премиум марка“ се темели на иновативните сериски модели, како што се GLC и верзиите EQ Power на A-, B- и GLE-Class со плагин хибриден погон. Предноста на Mercedes се покажува најмногу во тоа што марката со своите 36 иновации ги престигнала конкурентите за една третина.
Меѓу најиновативните светски новитети според експертите се плагин верзијата на GLE со особено ниска потрошувачка и голем досег на струја, потоа активниот асистент за сопирање во GLC, кој прв во сегментот реагира и при наближување кон застој на пат, како и неговиот активен асистент при престројување. Покрај тоа, Mercedes со студијата ESF 2019 прикажа иновации во делот на безбедноста, како заштита на патници во 360 степени, што го предупредува возачот при паркирање и реагира активно.
Решавачки критериуми за одликувањето за најиновативна премиум марка во делот на интерфејсот и вмрежувањето биле Over-the-Air-Updates во A и B-Class, со коишто се вчитуваат и нови функции на возилото. Новитет во сегментот претставува и известувањето при оштетување на паркирано возило кај GLC.
Компанијата PwC ги одликува најиновативните автомобилски марки уште од 2012 година. Вкупно биле истражувани и оценувани 1.465 иновации во минатата и во оваа година.