162
46 shares, 162 points

Мак Аутостар ги објави цените за неколку нови и освежени моделски серии, вклучувајќи ја веројатно најважната меѓу нив, Mercedes A-Class Sedan. Поточно, најважен е CLA, креацијата на Славче Таневски, којашто исто така фигурира во македонскиот ценовник. Има и нови цени за C-Class, нов старт за класичниот A-Class и комплетирање на гамата на новиот „Geländewagen“ со дизел со 286 КС. Има и нов GLE, благи хибриди, S-Class со електромотор…

Класичарот во средната класа, Mercedes C-Class, добива силна конкуренција, и тоа од сопствените редови. Штутгарт првпат ја нуди новата генерација на A-Class и во лимузинска изведба, покрај стилската купе-лимузина CLA. Со 4.549 милиметри, лимузината е за 130 милиметри подолга од A-Class со пет врати, при исто меѓусокино растојание од 2.729 милиметри. Багажникот на A-Class Limousine собира 410 литри, што е за 30 литри повеќе од класичната изведба на компактот.

Илјада евра разлика во цената меѓу лимузинскиот и комбилимузинскиот Mercedes A-Class

Тоа што е најважно, секако е цената: Лимузината во изведбата А 180 е за 1.000 евра поскапа од верзијата со пет врати. Моторот во оваа верзија е 1,33-литарски турбо бензинец со 136 КС. По него следи A 200 со истиот мотор, но во верзија со моќност од 163 КС. Познатиот турбо-дволитарец работи во A 220 со 190 КС и седумстепен менувач со двојна спојка, за 35.000 евра. Единствен дизел е A 180 d со 1,5-литарски мотор со 116 КС и цена од 32.490 евра.

Mercedes A-Class премиера Македонија 6

Новитети има и кај „основната“ A-Class. Со воведувањето на моделската изведба А 160, со 1,33-литарски турбо-бензинец со 109 КС и 180 њутнметри, влезот во марката со сребрената ѕвезда отсега чини 25.490 евра. Покрај него е нов и A 180, кој чини 26.990 евра за неговите 136 КС. Пријатно изненадување е раното појавување на A 35 AMG 4Matic+ со дволитарец со 306 КС и цена од 50.990 евра. Во текот на годинава се очекува и A45, иако уште не е официјално потврдена точната моделска ознака. Најдостапен дизел е A 180 d со седумстепен менувач со двојона спојка и цена од 32.990 евра. На тоа следат уште A 200 d и A 220 d.

Новиот CLA, кого го водиме како „домашен“ Mercedes, веќе е достапен за нарачка во Македонија

Најмакедонскиот Mercedes, поточно најмакедонскиот најактуелен Mercedes, креиран од дизајнерот Славче Таневски, исто така веќе фигурира во новиот ценовник на Мак Аутостар. Стартот го одбележува CLA 180 со 1,33-литарец со 136 КС, за 33.770 евра, по него се CLA 200, CLA 220, CLA 250 и CLA 180 d. Неодамнешното интервју со македонскиот дизајнер е достапно на следнава врска.

Уште еден нов модел дизајниран од Таневски е B-Class. Ванот ги користи истите мотори и воопшто цената платформа од A-Class, и за разлика од претходникот, настапува со многу повпечатлив изглед. Стартот е со Mercedes B 180, со веќе стандардниот 1,33 турбо-бензинец со 136 КС, по цена од 29.990 евра.

Mercedes B-Class

Средната класа на Mercedes имаше темелно моделско освежување. Основната изведба е C 160 со 1,6-литарски бензинец со 129 КС и цена од 33.990 евра. Кај дизелите, C 180 d вози со 1,6-литарец со 122 КС, во C 200 d сега се добива моќност од 160 КС, во C 220 d следат 194 КС. Хибридниот модел C 300 de е привлечна понуда, особено покрај фактот што со ослободувањето од акциза, неговата цена е иста со класичниот C 300 d со 245 КС. Има и хибрид во верзија со дволитарски бензинец во C 350 e, со цена од 50.990 евра. Застрашувачки се вредностите кај C 63 AMG S, кој со четирилитарски V8 со 510 КС чини „само малку“ под 100.000 евра. Гени на AMG испорачува и C 43, со трилитарец со 390 КС и триесет илјади евра помалку од монструмскиот C 63.

Mercedes C-Class facelift

Тоа што се забележува во ценовникот на Mercedes е изобилството хибриди. Покрај двете изведи со хибриден погон во гамата на C-Class, кај крстосувачот E-Class се нудат E 300 de и Е 300 е, при што вториов дополнително располага и со погон на сите тркала. Мерцедесот на сите мерцедеси, S-Class, исто така е достапен во верзија S 560 L e, со бензински 367 КС и електрични 122 КС, кој со ослободувањето од акциза е за десетина илјади евра поевтин од „обичниот“ S 560 L – релативно, затоа што станува збор за вредности далеку над 100.000 евра.

mercedes e-class c-class дизелот хибрид

Ценовниот врв му припаѓа неприкосновено на S-Cabriolet 65 AMG со мотор V12 со 630 КС и цена за македонскиот пазар од 329.990 евра. Релативна цена, затоа што ценовникот на дополнителна опрема на Mercedes вообичаено не знае за горна граница.

Mercedes GLE

Голем новитет во СУВ-понудата е GLE, со три дизел и две хибридни варијанти. GLE 300 d со дволитарски дизел со 245 КС лини 83.990 евра, по него е GLE 350 d со шестцилиндарец од три литри и 272 КС, додека врвот му припаѓа на GLE 400 d, со 340 КС и 97.000 евра. Хибридните модели се GLE 450 со 367+22 КС и GLE 580 со 490+22 КС. Тие се ослободени од акциза, што се огледува и во цената, иако во конкретната ценовна класа, тоа не е најубедливиот продажен аргумент: 92.500 евра за „послабиот“ модел и 122.470 евра за GLE 580.

Mercedes G 350 d

За крај следува комплетирање на понудата од моделски изведби во гамата на новиот G-Class. Освен G 500 и G 63 AMG, отсега е достапен и G 350 d со трилитарски дизел со 286 КС и цена од 118.230 евра.

Тоа се само позначајните новитети за македонскиот пазар. Со нагласок на „само“.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

162
46 shares, 162 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *