за

Mercedes GT стартува од 115.000 евра

Марката со сребрената ѕвезда денес ги објави цените за новата серија тркачи. Суперспортскиот GT на германскиот пазар чини 115.000 евра, а заедно со него стартуваат и верзиите AMG од класата C.

Mercedes динамично го одбележува влегувањето во есента и го објави стартот за нарачките за ѕвездите на салонот во Париз, Mercedes-AMG GT и Merceces-AMG C 63. Првиот почнува од 115.430 евра според германскиот ценовник, додека C 63 од 76.100 евра. Испораката следува во првиот квартал од 2015 година. Обата модела го означуваат и стартот на новата номенклатура, во којашто ознаките на куќниот специјалист за брзина и трки следуваат веднаш по основното име – Mercedes-AMG. Освен во стандардната изведба, GT и C 63 се достапни и во верзии S, со посилни мотори.

Новиот GT е втор модел што Mercedes-AMG го развива самостојно. Моторот е вграден зад предната оска, менувачот е назад, каросеријата во поголемиот дел е од алуминиум – тоа се одлични предуслови за врвни возни својства. За динамиката се движи нов четирилитарски V8 со битурбо натполнење. Стандардната изведба постигнува 462 КС, додека верзијата GT S извлекува 510 КС. Со 3,08 килограми по коњска сила, GT забрзува до сто за 3,8 секунди и постигнува 310 km/h.

Mercedes-amg c 63 s

По традиција, стартот на продажбата на моќните модели на AMG се одбележува со серијата „Edition 1“, со специфични елементи во каросеријата и ентериерот, а соодветно на тоа и многу „посолена“ цена од стандардните изведби. Edition 1 е достапен само за GT S и чини 148.512 евра. Пазарна премиера заедно со суперспортското купе доживува и Mercedes-AMG C 63. Моторот е идентичен со оној во GT, со 476 КС во C 63 и 510 КС во изведбата C 63 S. Со потрошувачка од 8,2 литри, C 63 е најштедливиот спортски автомобил со мотор V8 што моментно се нуди на пазарот. Во стандардната опрема спаѓаат активно подвозје со електронска регулација на амортизерите во три степени, механичка блокада на задниот диференцијал и претпрограмираните модуси на возење на AMG Dynamic Select. Екстремната верзија C 63 S дополнително поседува композитни сопирачки дискови, електронска блокада на задниот диференцијал и динамични лежишта на моторот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Daimler не планира да го преземе Aston Martin

Opel Corsa E: Од овој материјал се направени бестселерите