145
64 shares, 145 points

Mercedes GLS 580 4Matic! Колку само им значи на фановите на марката и генерално на авто-фановите кога ќе се соочат со возило со ваква ознака. А, таа всушност кажува многу. S-Class меѓу теренците, со благ хибриден V8, плус три реда седишта со електрично местење и товарен простор од 2,4 метри кубни.

Најголемиот и најлуксузниот СУВ-модел на Mercedes пристига како премиера на салонот во Њујорк, со напредок во подрачјата во коишто е најсилен – попросторен, покомфорен, полуксузен. Остана простор должината да се зголеми за 77 милиметри (на 5.207 mm) и ширината за 22 милиметри (на 1.956 mm). Меѓуоскиното растојание порасна за 60 mm (на 3.135 mm), од што најмногу профитира средниот ред седишта.

Со притискање копче, третиот ред потонува во под, а средниот се преклопува, по што се добива зафатнина колку во првиот Peugeot Partner, од 2,4 метри кубни. Првпат се испорачува и изведба со шест седишта, односно со две фотелји среде кабината. Моторот во топ-моделот GLS 580 4Matic ги има сите осум цилиндри кои им се толку неопходни на Американците, но затоа има и не толку мала помош од стартер-генератор, мала батерија и 48-волтна мрежа, односно работи како благ хибрид.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Осумцилиндарецот постигнува 489 КС и вртежен момент од 700 њутнметри, на што следуваат екстра 250 њутнметри и 22 КС преку EQ Boost, како што Mercedes ја води „погонската надградба“ на благ хибрид. Втора погонска варијанта е GLS 450 4Matic, со трилитарски шестцилиндарец со 367 КС и 500 Nm (+250 Nm и 22 КС од EQ Boost). Понудата од дизели ја сочинуваат GLS 350 d 4Matic со 286 КС и 600 Nm, и GLS 400 d 4Matic со 330 КС и 700 Nm. Во двата модела работи линиски шестцилиндарец. Деветстепен автоматик е стандард во целата гама.

Мрежата со 48-волти овозможува нови функции и побрзи реакции на активното подвозје

Четирипати зголемениот напон дозволува и нови и подобри функции на активното подвозје. Официјално наречено E-Active Body Control, во исто време нуди врвен комфор, динамични возни својства и висока теренска проодност.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Бидејќи аеродинамиката во последно време е голема окупација на техничарите на Mercedes, не треба да изненади тоа што коефициентот на отпор на воздух изнесува само 0,32. Има и нова функција, за автоперална. Со притискање на копче, масивниот GLS се подигнува во крајната положба, при што поради геометријата на водењето на тркалата се скусува ширината на трагата и се овозможува возилото воопшто да пристапи во автоперална.

Главните обележја на новиот Mercedes GLS:
  • Систем MBUX и за вториот ред седишта, со два дисплеи од 11,6 инчи на допир, за гледање филмови, за музика и за сурфање на нет
  • Може да се нарача посебен таблет за ракување со сите комфорни и забавни финкции на MBUX на задните седишта
  • Електрично местење на седиштата во сите три редови, исто како и функција за лесен пристап до третиот ред седишта
  • Едноставно соборување на сите задни седишта со притискање копче
  • Во последниот ред може комотно да се сместат патници високи до 1,94 метар
  • Автоматски клима уред со пет зони, со доплата
  • Пневматска амортизација како стандард

Mercedes уште од 1997 година ги произведува врвните СУВ-моделски серии во САД, од кадешто тие се испорачуваат глобално. Од 2006 година постои и GL, со седум седишта. Пред четири години, моделот беше преименуван во GLS, заради нагласување на луксузниот карактер на возилото.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Моментно Mercedes нуди седум СУВ-модели: GLA, GLC, GLC Coupé, GLE, GLE Coupé, GLS, G-Class. Наскоро пристига и GLB, која засега се води само како концептен автомобил. Сите овие серии, досега се имаат продадено во повеќе од шест милиони примероци.

Продажбата на новиот Mercedes GLS во САД и Европа ќе започне кон крајот на годинава.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

145
64 shares, 145 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *