Активното подвозје има долга историја во Mercedes, уште од времето на ABC во луксузниот CL. За новиот Mercedes GLE исто така е достапно активно подвозје, но со неколку нови функции. Тие во најголем дел се заслуга на 48-волтната мрежа. За Штутгарт, ова е најинтелигентното подвозје за СУВ-модел во светот. GLE навистина танцува.
Во Mercedes, и подвозјето почна да работи на струја. Техничарите во Штутгарт развија ново активно подвозје под името E-Active Body Control, како електрохидраулично подвозје што работи под напон од 48-волти. Тоа се нуди како опција и само во комбинација со пневматска амортизација Airmatic, по цена што достига вредност на нов Smart.
Што тогаш умее ова подвозје, а не умеат останатите: Приспособување на притискачкиот и повратниот óд на секое тркало посебно, со цел да се спречи страничното наведнување на каросеријата, но и непријатното потонување или подигнување на предниот дел од каросеријата. На тоа се надоврзува функција на скенирање на возната подлога и таканаречена функција Curve, којашто го контролира станичното наведнување во свијоци.
Скенирањето на патот, Mercedes всушност почна да го вградува во серија во 2013 година. Станува збор за подвозје што „предвидува“ и се подготвува да реагира на нерамнините на патот уште додека возилото им се приближува на истите.
Новото активно подвозје E-Active Body Control е следно поглавје во оваа традиција на Mercedes. Дополнителните функции во основа произлегуваат од предностите што ги нуди 48-волтната мрежа. Четирикратното зголемување на работниот напон дозволи побрза работа, но и поголема моќ на одредени компоненти во подвозјето, со што фактички се овозможија новите функции, како фамозното танцување. Социјалните мрежи буквално се преплавени со сцени во кои GLE се гледа во улога вообичаена за американски лоу-рајдер.
> Објавите по социјалните мрежи брзо доведоа до прекарот „танцувачки автомобил“ за Mercedes GLE
Основа на E-ABC е пневматската амортизација Airmatic, којашто ја одржува висината на каросеријата на константно ниво, независно од натовареноста на возилото. Секако дека постои и функција за подигнување, односно спуштање на каросеријата. Во посебните програми за теренско возење може да се изберат уште неколку дополнителни нивоа за возилото.
Покрај тоа, хидропневматиката произведува динамички сили, коишто се спротивставуваат на силите во пневматската амортизација и на тој начин го контролираат, односно го спречуваат клатењето на каросеријата во кој било правец. При сопирање или забрзување, каросеријата не се спушта или подигнува. Кога се вози по лош пат, системот дури е способен да поврати дел од електричната енергија, поради што потрошувачката на струја е преполовена во споредба со системот што се вградува во S-Class.
GLE со активното подвозје може да понуди комфор на луксузна лимузина, но и крајната спротивност на тоа, СУВ со спортски возни својства.
Инженерите му смислија неколу нови функции на „теренецот од E-Class“:
Ослободување: Ако се случи GLE да заглави, на пример во песок, доволно е возачот да префрли во возната програма за терен и да избере, оригинално „Freifahrmodus“, што најверно може да се разбере како модус за ослободување. Во тој случај, каросеријата повеќепати се подигнува и спушта, што има за цел да го зголеми или намали притисокот од тркалата врз песокот. Така се подобрува тракцијата и големиот СУВ може да го продолжи возењето. Очигледно, тоа е функцијата на којашто мислат инженерите во Mercedes, кога кажуваат дека нивниот GLE танцува.
Местење на тркалата поединечно: Тоа е следната нова функција при возење по терен. Преку големиот средишен дисплеј, возачот може да го спушти или подигне секое тркало одделно, со цел да се подобри поставеноста на возилото при совладување одредена пречка. На пример, оваа функција е корисна кога едно тркало ќе се најде во бразда или кога амортизацијата ќе се „притисне“ до крај.
Спуштање на задниот дел при товарање: Преку копчето во багажникот се спушта опашот до одредено ниво, заради полесно товарање или растоварање на багажникот. Висината напред не се менува. Задната оска може да се спушти најмногу 40 mm од актуелната положба, но не повеќе од вкупно 70 милиметри.
Заедно со E-ABC следуваат и функциите што се познати од S-Class
Наведнување во свијоци. Во возниот профил Curve, GLE се наведнува слично како мотоцикл, во три степени. На тој начин се смалуваат попречните сили што дејствуваат врз патниците. Возењето во свијок е попријатно, особено за совозачот и патниците назад.
Скенирање на возната подлога: Доколку се доплати за стерео-повеќенаменска камера, таа постојано ја снима површината на патот пред возилото. Амортизацијата се приспособува да реагира уште пред тркалата да ги згазнат нерамнините на патот и на тој начин се спречуваат непријатните движења на каросеријата. Тоа води кон значајно подобрување на возниот комфор.
Вака дејствува Е-Активната контрола на каросеријата
E-Active Body Control ја дополнува пневматската амортизација со хидропневматски систем што делумно учествува во потпирањето на каросеријата. Притоа, пневматската амортизација ја носи главнината од тежината на каросеријата и бавно го дотерува нивото. Хидропневматиката, пак, произведува динамички сили, кои што се спротивставуват на силите во пневматската амортизација и активно го спречуваат задвижувањето на каросеријата.
Секој амортизер, во своите две работни комори поседува по еден приспособлив вентил за придушување (ADS+), како и резервоар за хидрауликата. Амортизерот преку хидраулични водови е поврзан со интелигентни единици, кои се составени од мотор и пумпа. Тие работат под напон од 48-волти. Преку управувањето со единицата мотор-пумпа може да се предизвика движење на маслото на таков начин, што се создава разлика во притисокот во амортизерот и брзо се произведува активациска сила.
Координацијата на единиците мотор-пумпа на сите четири тркала се одвива преку централна контролна единица. Таа ги регулира и вентилите и компресорот за пневматската амортизација, односно сето време го контролира целото подвозје.
Тоа што каросеријата самостојно се спушта за 15 милиметри при возење по автопат, по новото електрохидраулично подвозје во GLE станува здодевно како електрика на задни прозорци во список на опрема. Доколку се избере Sport+, каросеријата се спушта за 25 mm. Во спротивна насока, растојанието од подлогата може да се зголеми за 60 милиметри. Mercedes не би бил тоа што е, ако не понуди опција и за тоа. При доплата за пакетот On&Offroad Paket, може да се избира меѓу три степени на подигнување, односно 30, 60 или 90 милиметри.
Само трите опции што се поврзани со активното подвозје чинат колку Smart; Тоа покажува колку многу технологија има во електрохидрауличното подвозје на Mercedes GLE
Уште „најдобрата“ вест. За да се ужива во електрохидрауличното подвозје E-Active Body Control потребни се 7.735 евра според германскиот ценовник, но претходно мора да се избере пневматска амортизација, со цена од 2.034 евра. Значи, вкупно 9.769 евра. За возилото да биде соодветно подготвено за сите пригоди и непригоди, логично е да се посегне и по техничкиот пакет за терен, со негови 2.261 евра, вклучувајќи целосно варијабилен погон на сите тркала, теренска редукција, посебна теренска интелигенција на програмите за возење, заштита на подвозје и слично. Само овие три опции заедно чинат повеќе од Smart, колку најдостапниот модел во понудата на Mercedes-Benz Cars. Огин скапо? На Штутгарт мора да му се признае за тоа што може да си дозволи, на своите клиенти да им понуди во ценовникот толку скапа, и секако, напредна опрема. Тоа едноставно е доверба.
Куса историја од Mercedes M-Class до GLE: Веќе достапен за тест-возење во Мак Аутостар
Mercedes CLA со одличен почеток: Плус 8,5% во продажбата
Бушава абецеда според Mercedes: Меѓу GLA и GLC доаѓа GLB
Трикратна ѕвезда во салонот на Mercedes: Цивилен болид AMG GT R