за

Mercedes GLE или автомобилот што е подобар од реалноста

Mercedes GLE 400 d test
Mercedes GLE 400 d test

Во светот на секој пасиониран возач и секоја страсна возачка постојат автомобили што им предизвикале суштински промени во нивната перцепција. Фиќото, на пример, наспроти поширокото мислење, во реалноста е фантастично брзо автомобилче и вистинско уживање е да се вози. Потоа, Rover 75 веројатно е првата кола по измислувањето на далечинското заклучување, по која возачите сé уште се завртуваа додека притискаа копче на клучот, само за уште еднаш да ја погледнат и да уживаат во глетката. И, Mercedes GLE. Тој прави човек да се премисли.

Ова превозно средство што според потеклото е спој меѓу W123 и G-Klasse, претставува автомобил што наведува на премислување. Тоа обично се случува кога човек ќе се оддалечи од возилото и ќе се најде во друга средина. По минута или можеби две поминати надвор, потсвесно се враќаат претходните слики од зад воланот на Mercedes. Или од било кое друго место во големиот СУВ-модел, што за чудо не е ниту најголем со сребрена ѕвезда во маската. Тогаш, човек се премислува што воопшто излегол од автомобилот и посакува да се врати.

Кога човек ќе се најде во друга средина, посакува да се врати таму каде што му било поубаво, зад воланот на Mercedes GLE. И воопшто, на кое било седиште во овој СУВ од E-Class

Mercedes GLE го предизвикува тоа чувство, зашто многу работи му успеваат надреално добро. На пример, колкумина седат во канцеларија во фотелја што е поудобна од овие и колку можат да издржат најдолго во неа, без да се подместат? Тука се полни резервоарот, се седнува и се вози без запирање, дур не се дојде на одредиштето. Mercedes GLE е еден од малкуте автомобили, со кои е мошне веројатно дека возачот и патниците ќе пристигнат на целта повеќе одморени, отколку при поаѓањето.

New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Слично е со звуците од средината. Наспроти онаа префинета и суптилно оркестрирана хармонија од звуци во личната концертна дворана меѓу предната и задната регистерска таблица, по отворањето врата треба да се зачекори во свет на фрустирани трубачи седнати меѓу четири тркала, на звуци од турирање продувани дизели и слични панаѓурски активности.

Mercedes GLE е како унапредена реалност, како проширена перцепција

Затоа, најдобро e мудро да се избира местото каде ќе се излегува од овој Geländewagenluxuseleganzklasse. Во право беа маркетиншките мајстори на куќата, кога ја снимија рекламата со лавот во E-Class. Овој Mercedes треба да се применува внимателно, зашто е вредно прибежиште и не смее да се дозволи, чувството што го посредува тоа, да се уништи со лоши влијанија однадвор.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Назад пишува GLE 400 d, меѓутоа е апсолутно неважно колку коњски сили, цилиндри и њутнметри стојат зад неа. Можеби Mercedes треба да продолжи во стилот на благородничката марка од Гудвуд, која место вредности на КС и Nm, долги години користеше само опис „доволно“.

Не постои обична светилка во овој Mercedes, само диодна техника; Дисплеи место обични инструменти, исто така

Истото може да важи и за техниката за комфор и функционалност што Mercedes ја вградува во секој GLE. Сите функции на осветлување во предните и задните светла ги преземаат светлечки диоди, со тоа што задните диоди светат со различна силина во зависност од средината. Пристапот и стартувањето на моторот се без клуч, за ефектното осветлување на кабината се избира меѓу 64 бои, на средишниот дисплеј се прикажува сликата од задната камера при возење во рикверц. Автоматска двозонска клима, навигација со хард-диск и електромотор за капакот на багажникот се подразбираат.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Концептот на ракување MBUX е стандард – сега разликува и дали командата доаѓа од возачкото или од совозачкото седиште – исто како и двојниот дисплеј со пречник колку телевизор или поврзувањето со паметен телефон. Одржување на брзината при спуштање по стрмнина, самостојното запирање при опасност од судир и препознавањето пешак и велосипедист на пат, следењето лента со активен зафат во сопирачките или системот Pre-Safe, Mercedes ги вградува како што на друго место следуваат лакирани ретровизори или огледало во штитник за сонце.

Пакетот AMG јасно се препознава во надворешната појава на GLE

На сето тоа се надоврзуваат и веројатно двесте опции што ги поседува овој Mercedes GLE 400 d. Пакетот AMG за надворешност дефинитивно се забележува, а најсигурно преку бандажите од 20 инчи, полирани и со гуми 275/50, па уште и со перфорирани предни дискови и фалбаџиски натпис Mercedes-Benz на сопирачките клешти.

New photo by Automedia MK / Google Photos

AMG-натписот и делото не смеат да недостигаат и во внатрешноста. Тоа што претходно го спомнавме дека се издвојува со комфорот, всушност се спортски седишта, како дел од пакетот под знакот на фината спортска марка на Mercedes, заедно со волан што е зарамнет долу или педали од челик и микрофибер на дел од седиштата и на таванот.

Пневматиката значајно влијае врз комфорните својства; Со денешната техника, таа помага и возните својства да се унапредат

Во возењето не се случува ништо и така е замислено да биде. Голем придонес за тоа секако дека има и пневматската амортизација, во првиот степен на спектакуларност – затоа што постои втор, а тоа е системот E-Active Body Control, прочуен по танцувачките способности што му ги пренесува на големиот СУВ. Меѓутоа, покрај цената за оваа опција од близу 8.000 евра во германскиот ценовник, голема привилегија е GLE да се направи да танцува.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со префрлување во динамичен режим за возење, пневматиката почнува да работи повеќе во корист на возните својства отколку во корист на комфорот, а соодветно се менуваат и реакцијата на моторот, на менувачот и сервоподдршката во управувањето. Mercedes GLE 400 d со своите 2,3 тони, одненадеж почнува да посредува чувство како да се вози некоја AMG-изведба на A-Class. Возачите кои имаат претстава со колкава маса и инерција се соочуваат подвозјето и контролните системи, кога далеку над два тони залетани со брзина за автопат ќе се впуштат во слалом, веројатно само ќе ја протресат главата, во знак на одушевување од тоа што денес се способни да го изведат инженерите во водечките автомобилски куќи.

Дали моторот е бензин или дизел, тоа денес го „знае“ само црвеното поле на бројачот на вртежи

Моторот апсолутно не дозволува да му се открие горивото што го користи и единствено бројачот на вртежи укажува дали се работи за бензин или дизел. Ова секако е дизел, со шест цилиндри во линија, кои не знаат за вибрација и работат меко и тивко. Mercedes го пушти трилитарецот како прв дизел во светот, што ја исполнува нормата Euro 6d, со сите форми на пречистување што ги бараат законите денес: Оксидациски катализатор, SCR-катализатор, впрскување Адблу, филтер за честички. Деветстепениот автоматик и постојаниот погон на сите тркала се достојни партнери за моторот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кулминацијата во овој Mercedes не е во забрзувањето или во тежината на приколка што смее да се влече, туку на сосем друго место. Долгогодишните возачи на марката знаат дека тоа се однесува на ракувањето, на промисленото изведување на пристапот и вклучувањето на сите функции со кои располага возилото. Со сензорските полиња на воланот, со средишниот контролер кој се ракува со прст, па уште и со интерфејсот што го разбира говорот, Штутгарт моментно го има најдобриот концепт на ракување. И како кулминација на кулминација, единствено во Mercedes, возачот може да избере опција, возилото да го прашува каква возна програма да вклучи по седнувањето зад воланот.

Автомобилот е германски изум и тоа уште се чувствува

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа што повторно го докажува овој Mercedes GLE е неговото германско потекло. СУВ-моделот од E-Class е германски исто колку што секоја тревка во појас од сто метри покрај патиштата во земјата е прецизно скусена и уредно исправена, исто толку германски колку што во Хамбург нема потреба да се носи чадор, затоа што луѓето ги оставааат чадорите во посебни корпи на секои стотина метри, за некој друг подоцна да ги користи и, исто толку германски колку што е изумот на автомобилот сам по себе.

Технички податоци

Mercedes-Benz GLE 400 d 4MATIC

New photo by Automedia MK / Google Photos

Мотор

Конструкција

 

6/R, 4 вентили по цилиндар

Зафатнина

cm³

2.925

Пречник x Од

mm

82,0 x 92,3

Моќност

kW/КС

243/330 при 3.600-4000/min

Вртежен момент

Nm

700 при 1.200-3.000/min

Компресија

 

15,5: 1

Подготовка на смеша

 

Common-Rail

Пренос на сила

Погон

 

Постојан на сите тркала

Менувач

 

9-степен, автоматски, 9G-TRONIC

Преносни односи

 

Краен пренос

1. степен

2. степен

3. степен

4. степен

5. степен

6. степен

7. степен

8. степен

9. степен

Рикверц

3,27

5,35

3,24

2,25

1,64

1,21

1,00

0,86

0,72

0,60

4,80

Подвозје

Предна оска

Двојна попречна водилка, спирални пружини, едноцевни гасни амортизери, стабилизатор

Задна оска

Оска со повеќе водилки, спирални пружини, двоцевни гасни амортизери, стабилизатор

Сопирачки

Диск напред и назад, вентилирани, електрична паркирна сопирачка, ABS, BAS, ESP

Управување

Управување со запчеста летва, електрично серво

Бандажи

8,0 J x 19 H2

Гуми

255/50 R 19 W

Димензии и тежини

Меѓуоскино растојание

mm

2.995

Ширина на трага напред / назад

mm

1.667/1.687

Должина

mm

4.924

Ширина

mm

1.947

Висина

mm

1.772

Круг на вртење

m

12,0

Багажник

l

630-2.055

Празно возило

kg

2.265

Носивост

kg

805

Дозволена тежина

kg

3.070

Резервоар / резерва

l

65/9,0

Перформанси и потрошувачка на гориво

0-100 km/h

s

5,8

Крајна брзина

km/h

240

Потрошувачка NEDC

l/100 km

7,5-7,0

Емисија на CO2

g/km

199-184

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

toyota levin hybrid kina

Кинескиот пазар повторно расте по цела година во минус

Електричниот Porsche Taycan пред публиката во Гудвуд

Електричниот Porsche Taycan пред публиката во Гудвуд