за

Mercedes GLB е најмладиот брат на G-Class: Почнува продажбата

Mercedes GLB е помладиот брат на G-Class
Mercedes GLB е помладиот брат на G-Class

Осум моделски изведби. Толку различни каросериски варијанти и видови на возила нуди Mercedes во семејството што ја користи техниката од A-Class. Комплетно нова изведба е Mercedes GLB, кој во многу карактеристики ги покажува гените од G-Class.

Најавите за новата моделска изведба во гамата на A-Class траеја долго. Mercedes не сакаше светот да го пропушти пристигањето на GLB, како нова и осма варијанта во семејството модели од компакт класата. Неизвесноста вредеше, затоа што GLB донесе големо освежување во понудата во овој сегмент, со стилот по пример на легендарниот G-Class, но и со можноста новиот СУВ-модел на Mercedes да се нарача со седум седишта.

Од Мак Аутостар го објавија почетокот на продажбата на Mercedes GLB на македонскиот пазар. Моделот од неделава е изложен во салонот, цените се познати уште од претходно. Понудата почнува со моделската изведба со турбо-бензинец од 1,33 литар во GLB 200, со моќност од 163 КС и со исклучување на цилиндрите заради заштеда на гориво. Цената на стандардната изведба на овој модел изнесува точно 42.000 евра. Дволитарец со 224 КС работи во GLB 250, чијашто посебност е двостепениот од на вшмукувачките вентили преку системот Camtronic. Неговата цена: 48.980 евра. Овој мотор може да се добие и во комбинација со погон на сите тркала 4Matic.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кај дизелите, понудата почнува со GLB 180 d со 116 КС и цена од 43.990 евра, додека GLB 200 со новиот дволитарец со 150 КС чини 43.990 евра. Посилна варијанта е GLB 220 d со 190 КС. Со исклучок на основниот мотор, сите дизели се достапни во комбинација со 4Matic. Круната на понудата вообичаено пристига од AMG, во форма на GLB 35 4Matic+ со 306 КС и цена од 64.000 евра.

Каросеријата е долга 4,64 метри, широка 1,84 и висока 1,66 метар. Меѓуоскиното растојание од 2,83 метри е за десет сантиметри подолго во споредба со ванот B-Class, кој исто така ја користи платформата од A-Class. Багажникот стандардно нуди 560 литри во изведбата со пет седишта, а по соборувањето се добиваат 1.755 литри, што е на исто рамниште со комби од средна класа. За средната клупа да лизга 14 сантиметри по должина е потребна доплата, додека местењето на клупата по агол е стандард.

Mercedes GLB ги исполнува сите предуслови да стане бестселер на марката, како СУВ-модел и воедно како модел од семејството компакти на марката, коешто бележи голем раст во продажбата

Колку што се издвојува дизајнот на каросеријата во стил на G-Class, толку има посебен печат и во изгледот на кокпитот. Целата арматурна табла изгледа како да е од едно парче дел и само визуелно е поделена на возачка и совозачка страна. Двојниот дисплеј пред возачот е веќе вообичаена слика во Mercedes, Секако дека и системот MBUX не отсуствува. Нов детал е држачот пред совозачот, во стил на класичните теренци.

Траги од старите теренци се препознаваат и во хоризонтално поставените рачки во вратите. Диодни светла со повеќе снопови се достапни како опција. Изведбите на Mercedes GLB со погон 4Matic стандардно се опремени со теренски пакет. Во комбинација со ЛЕД-светлата со повеќе снопови, во тој случај се постигнува мошне ефикасно осветлување на теренот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Системите за асистенција ги користат придобивките од подобрената работа на камерите и радарите, кои ја следат ситуацијата и до 500 метри пред возилото. Во одредени услови се овозможува и делумно автопилотирано возење. Со користење на информациите од навигацијата, радарскиот темпомат самостојно подзабавува пред свијоци, што дополнително го растоварува возачот и овозможува покомфорно возење.

Со доплата е достапна и приспособлива амортизација, со којашто може да се избира меѓу комфорна работа на подвозјето или повеќе спортски нагласок. Нова занимација на експертите за комфор во Mercedes е функцијата Energizing, којашто соодветно ги приспособува светлата во кабината, комфорните системи во возилото и музиката, но и масажата во седиштата, во зависност од програмата што ќе се избере.

Повеќе нагласок е ставен на теренските својства на Mercedes GLB

Суштинскиот квалитет на GLB е во нагласокот на теренските способности, доколку се избере варијанта 4Matic. Во тој случај, возачот има на располагање три режими на работа на погонската спрега. Распределбата на вртежниот момент меѓу двете оски се врши во сооднос 80:20 во режим Еко/Комфор. Кога ќе се избере спортски режим распределбата се менува на 70:30. Третиот режим е теренски, при што распределбата се „заклучува“ на сооднос 50:50 меѓу двете оски.

New item by Automedia MK / Google Photos

Меѓу компонентите на 4Matic спаѓаат пренос до задната оска кој е интегриран во менувачот со двојна спојка, како и заден диференцијал со интегрирана ламеласта спојка. Ламелите се отвораат или затвораат под дејство на електромотор. Во посебен пакет за теренско возење се добива и анимација на моментната положба на возилото на терен, како странично навалување или степен на нагорнина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen го потпиша договорот за соработка со Ford

Volkswagen го потпиша договорот за соработка со Ford

Lexus LC Cabriolet

Овој Lexus е лето