139
19 shares, 139 points

Во вообичаената практика, Мак Аутостар ги објавува цените за новопристигнатите модели на Mercedes во исто време со останатите европски пазари. Mercedes GLA во новата генерација е сменет значително, моделот стартува на македонскиот пазар од 36.990 евра во изведбата GLA 180.

Точно во ден, кога Mercedes го објави почетокот на продажбата на новиот GLA на германскиот пазар, Мак Аутостар веќе го има подготвено ценовникот за моделот за македонскиот пазар. Mercedes GLA пристига како осми член во семејството модели околу A-Class. Тој е веќе познато име во компактната гама, којашто сега вклучува и лимузинска изведба на A-Class, теренски ориентиран модел со седум седишта GLB, а дополнително и лимузина со продолжена каросерија за кинескиот пазар.

Во споредба со моделот од претходната генерација, новиот Mercedes GLA повеќе преоѓа во СУВ-модел. Со висина од 1,61 метар, новиот модел е за повеќе од десет сантиметри повисок. Внатрешноста нуди повеќе простор, иако каросеријата е покуса за неколку сантиметри.

Понудата од мотори ја сочинуваат три бензинци и три дизели. Стартот му припаѓа на Mercedes GLA 180 со 1,33-литарскиот турбо бензинец со 136 КС, чијашто цена изнесува 36.990 евра. Посилната изведба од овој мотор во GLA 200 располага со 163 КС, а цената во тој случај расте на 38.890 евра. Следен е GLA 250, со познатиот турбо-дволитарец со 224 КС, кој соодветно на новиот данок за возила од 1-ви јануари, чини 45.000 евра. Овој мотор може да се комбинира и со погон на сите тркала и во тој случај, треба да се смета на доплата од 2.990 евра.

Кај дизелите стартува GLA 180 d, со 1,5-литарец со 116 КС и цена од 37.990 евра. Новиот дволитарски дизел во GLA 200 d ја качува моќноста на 150 КС и цена од точно 40.000 евра. Врвот му припаѓа на GLA 220 d, со верзија на овој мотор со 190 КС и цена од 43.990 евра. Двата посилни дизели се достапни и со погон на сите тркала 4Matic. За конструкцијата на новиот погон на сите тркала може да се дознае повеќе во нашата најава за моделот.

Врвот му припаѓа на GLA 45s AMG 4Matic+ со 421 КС, врвот во ценовникот исто така: 76.990 евра

Мак Аутостар ги има и цените за AMG-изведбите. Спортските и престижни специјалисти возат со 306 КС, во верзија GLA 35 AMG, односно со 387 КС и 421 КС, во верзиите 45 AMG и 45s AMG. Дволитарецот со 421 КС постави рекорд на најмоќен турбо бензинец со работна зафатнина до два литри. Цените изнесуваат соодетно 59.990 евра, 69.990 евра и 76.990 евра. Погонот на сите тркала 4Matic+, посебно дотеран од AMG, следува стандардно во трите екстремни изведби.

Mercedes GLA
Mercedes GLA

Со исклучок на GLA 180, кој во основната верзија се испорачува со мануелен менувач, сите изведби располагаат со менувач со двојна спојка, со 7 степени во GLA 200 и 8 степени во останатите изведби.

Засега се познати само основните технички податоци. Mercedes GLA 200 со 7-степен DCT користи бензинец со 1.332 сантиметри кубни, со турбо натполнење, моќност од 163 КС при 5500/min и вртежен момент од 250 Nm меѓу 1620 и 4000/min. Потрошувачката на гориво во просек изнесува 5,7 литри на сто километри, според NEDC, емисијата на СО2 е 130 g/km. Спринтот до темпо сто трае 8,7 секунди, крајната брзина изнесува 210 километри на час.

Осум модели во семејството на A-Class: Напролет пристига Mercedes GLA


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

139
19 shares, 139 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *