167
22 shares, 167 points

Првпат модел на Mercedes доживува премиера на интернет. Новиот GLA е повисок за десет сантиметри од претходникот, нуди повеќе простор и јасно се ориентира како автомобил што става нагласок на стилот. Досега се произведоа повеќе од еден милион примероци од ова моделско име, новакот ќе се појави во салоните напролет.

Моделското семејство на Mercedes A-Class сега е комплетно, со премиерата на купе-СУВ моделот, којашто се случи попладнево во 14 часот, првпат во веб-формат. Mercedes GLA го означува влезот во понудата од СУВ-модели на марката. Со висината од 1,61 метар, новакот е повисок од претходната генерација за повеќе од десет сантиметри. Се седи повисоко, но има и повеќе простор над глава. Повеќе простор има и за колената на патниците назад. Каросеријата воедно се скуси за 1,5 сантиметар.

Карактерот на теренец го оддава исправениот нос, кусите каросериски превиси напред и назад, како и заштитните панели околу целото возило. Изведбите со погон 4Matic стандардно поседуваат пакет за теренско возење, кој вклучува дополнителна програма за работа на подвозјето и погонот, помош при спуштање по стрмнина, анимација за терен во дисплејот, како и посебна функција на светлата при возење по терен.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Вообичаено за марката, мноштво новитети има и меѓу системите за асистенција. Нови се надгледувањето на сообораќајот при скршнување, автоматското повлекување кога наидува возило на брза помош, предупредувањето за велосипед или возило при отворање врата, како и укажувањето дека човек се приближува кон пешачки премин.

Активниот асистент за сопирање се вклучува и целосно го запира возилото, заради избегнување судир или ублажување на ударот. Системот реагира до брзина од 60 km/h, а во одредена ситуација може да спречи судир при возење со темпо 50.

Mercedes GLB е најфункционалниот и најпросторен модел во семејството на A-Class, додека GLA е спортски брат и СУВ што става повеќе нагласок на животниот стил

Продажбата во Европа стартува напролет, во почетокот на летото ќе следат и испораки во САД, а неколку месеци подоцна GLA ќе биде достапен и на големиот кинески пазар. Според стратезите во Штутгарт, се очекува GLA да биде меѓу најпродаваните моделски изведби во моделското семејство компакти, односно веднаш зад класичниот A-Class. Производството за Европа и САД е во Раштат, Германија, додека моделот за Кина ќе се произведува локално. СУВ-моделите моментно се најпродаван сегмент на Mercedes, со повеќе од 6,5 милион продадени примероци.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Покрај покривот што има силуета како на купе, впечатливи белези на Mercedes GLA се двата гребени на хаубата и нагласениот надолжен појас по страните на каросеријата. Изборот на бандажи досега до големина од 20 инчи. Коефициентот на отпор на воздух е импресивен, со 0,28.

Практичен детал се вратите што ги покриваат праговите, за ногавиците да не се валкаат од истите. Задните светла се состојат од два дела, со цел да се постигне поширок отвор на багажникот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кокпитот го носи силниот и препознатлив печат на целото семејство на A-Class. На располагање стојат три изведби: Два дисплеи од по 7 инчи, еден дисплеј од 7 и еден од 10,25 инчи, и два дисплеи од 10,25 инчи. Друг препознатлив детал се петте тркалезни отвори за воздух во стил на турбина. Системот за напредно ракување MBUX е стандарден.

Просторноста на кабината на Mercedes GLA е зголемена значително, исто како и функционалноста

Иако е за 1,5 сантиметар покус од претходникот, новиот GLA нуди повеќе простор во кабината. Тоа се однесува најмногу за просторот за нозе назад, како и во багажникот. Во табелата е целосниот преглед и споредба со претходниот модел.

Надворешни димензии
GLA
Разл.

Должина

mm

4.410

-14

Ширина

mm

1.834

+30

Висина

mm

1.611

+104

Меѓуоскино растојание

mm

2.729

+30

Трага напред

mm

1.605

+46

Трага назад

mm

1.606

+46

Внатрешни димензии

Простор за глава напред

mm

1.037

+22

Простор за глава назад

mm

969

-6

Простор за нозе напред

mm

1.045

-18

Простор за нозе назад

mm

976

+116

Ширина кај лакти напред

mm

1.456

+34

Ширина кај лакти назад

mm

1.455

+45

Ширина кај рамена напред

mm

1.419

+28

Ширина кај рамена назад

mm

1.393

+43

Ширина на багажник max.

mm

1.272

+85

Длабочина на баг.max.

mm

1.422

+27

Ширина на отвор на баг.

mm

1.050

+5

Зафатнина на багажник

L

435

+14

Седењето напред во GLA е на 140 mm повисоко отколку во A-Class и 50 mm повеќе од B-Class. Задната клупа може со доплата да се поместува надолжно за 14 сантиметри, како и да се мести аголот на клупата.

Растојанието од подлогата исто така е зголемено, за девет милиметри, и изнесува најмногу 143 милиметри, зависно од големината на бандажите. При избор на верзија со погон на сите тркала 4Matic, пренесувањето на погонот до задната оска е интегрирано во менувачот со двојна спојка. Во диференцијалот на задната оска е интегрирана спојка со шест ламели, со облога од карбон и способност за пренос до 1.000 њутнметри. Абењето се компензира автоматски. Целиот електромеханички систем е различен од претходникот, кадешто активирањето на спојката беше хидраулично.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Погонот на сите тркала има спортски нагласок. Преку Dynamic Select може дополнително да се влијае врз погонот на сите тркала. Изборот се состои од Eco/Comfort (распределба 80:20%), Sport (70:30%) и теренски модус со заклучување 50:50%.

Понудата од мотори ја сочинуваат четирицилиндарски бензинци и дизели. Се најавува и плагин-хибридна изведба по пример на A 250e и B 250e. Основата е 1,33-литарецот во GLA 200, со исклучување на дел од цилиндрите при мало оптоварување, додека врвот му припаѓа на Mercedes AMG GLA 35 4Matic со дволитарец со 306 КС и 400 њутнметри.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

 

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

167
22 shares, 167 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *