за

Кога имаш возило што светот ти го прави дом

Mercedes G-Class Earthcruiser Escape

Mercedes G-Class е сосем природен избор како основа за возилото за експедиции што го изработува австралиската компанија Earthcruiser. Единственото ограничување за овој суперкампер не е теренот, туку горивото. Но, Австралијците го решаваат и тоа. Експедицијата надвор од цивилизацијата трае колку што ќе трае и залихата од 350 литри гориво.

За погонот на Earthcruiser Escape се грижи шестцилиндарски турбодизел со 184 КС и 400 њутнметри, во комбинација со автоматски менувач со пет степени. Со меѓусокино растојание продолжено на 3,43 метри, возилото за освојување на светот располага со блокада на предниот, средишниот и задниот диференцијал.

Амортизерите се заменети со помоќни и поголеми, вграден е компресор за воздух и резервоар за гориво со дополнителни 250 литри. Напред и назад се наоѓа по еден чекрк со влечна моќ од по 6,1 тони, кои гарантираат извлекување и од најдлабоката кал.

Идејата со покривот што се извлекува нагоре е да се овозможат компактни димензии за прекуокеански превоз на возилото во контејнер

На светските авантуристи им значи и тоа што димензиите за Earthcruiser одговараат за стандарден ISO-контејнер, во случај кога треба да се прелетаат океани. Тоа е воедно и целта со задниот дел од покривот кој се извлекува нагоре, заради дополнителен простор.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Назад се поставени две резервни тркала и „планинарски прибор“. Капаците веднаш зад задните тркала го отвораат пристапот до големи прегради. Поставени од двете страни на возилото, тие можат да послужат и како маса или работна површина, доколку се преклопат надолу. Отстрана се наоѓа и преграда со надворешен туш и пристап до резервоарот од 250 литри за питка вода.

До просторот за престој се пристапува преку вратата што е поставена веднаш зад возачката врата. Постои и директен пристап од возачката кабина, но тој е тесен и служчи само во итен случај. Опремата на Earthcruiser Escape вклучува туш и преклоплив тоалет, како и блок за готвење, со шпорет, мијалник и ладилник со погон на дизел.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Назад се наоѓа мал простор за седење со маса и кревет по цела ширина. Со спуштање на масата се добива двоен кревет. Клима уредот и дисплејот за ракување со електрониката во кабината се стандардна опрема.

Кога возилото мирува, литиум-јон акумулаторите се полнат преку трите соларни модули на покривот, додека при возење, таа задача ја презема посебен генератор. Назад се поставени моќни рефлектори кои се насочуваат по потреба, а има и посебна лента со светлечки диоди на покривот. Со сто литри гориво во првиот резервоар, Escape тежи 3,9 тони и поседува дозволена носивост од 600 килограми.

Само литиум-јон батериите чинат 13.000 австралиски долари

Стандардната опрема вклучува и сателиско лоцирање, надзор со пет камери, ГПС-навигација и дигитален хотспот. Цената изнесува 350.000 австралиски долари, односно нешто повеќе од 220.000 евра. Една третина од цената отпаѓа само на основата за возилото. Од посебните додатоци, само литиум-јон батериите чинат 13.000 австралиски долари. Секако дека во цената се вклучени и 700-те работни часови, кои се потребни за Mercedes G-Class да се претвори во експедициско возило.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Најскапа земја за кампување годинава е Италија

Приколка за кампување што се претвора во јахта

Кинезите бараат и приколки за кампување

Со ова возило се поаѓа во освојување на светот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mitsubishi eclipse cross продажба автомобили европа

Volkswagen и Renault водечки, Dacia и Mitsubishi со најголем раст во Европа

tesla роботско такси

Tesla најавува роботско такси веќе в година