за

Mercedes G-Class за професионалци: Не мора секогаш да биде AMG

G-Class низ сите овие децении го надрасна имиџот на робусен теренец и се претвори во луксузен автомобил. Mercedes реагира и нуди поедноставна изведба со додавка Professional.

Автомобилот што се појави во 1979 година и остана како симбол за теренец од најспособна сорта до денес, низ сите овие децении постепено се трансформира во луксузно возило за секоја пригода. Mercedes G-Class отсекогаш го држеше чекорот со времето, па така и сега добива неколку освежувања за неговата верна публика низ светот.

Најважното освежување ќе ги израдува возачите што во G-Class гледаат автомобил што треба да ја заврши само работата на теренот, во стилот на Mercedes, секако. Новитет во гамата на „Geländewagen“ е моделската изведба G 350 d Professional, поедноставена и поевтина изведба на G-Class, наменета за тешки услови на возење и за амбициозни тури по теренот. Класичарот на Mercedes отсекогаш имал сé што е потребно за таа намена, од каросерија со носечка рамка и постојан погон на сите тркала со теренска редукција, до три диференцијали со стопроцентна блокада и електрично активирање.

Моторот е трилитарски дизел V6 со 245 КС, што е за 33 проценти повеќе во споредба со претходникот G 300 CDI Professional. Потрошувачката се намали за 15,4 проценти, на 9,9 литри. Автоматскиот 7G-Tronic следува како стандард, мануелен менувач сé уште тешко може да се справи со 600-те њутнметри на овој дизел. Перформансите не се толку важни, но не е на одмет: Спринт до сто за 8,8 секунди и крајна брзина од 160 километри на час.

Теренските својства се унапредени во споредба со стандардниот модел

Едноставноста на „Professional“ се огледува и во изгледот, со мат црна маска и алу-бандажи лакирани во црна боја. Во споредба со стандардниот G 350 d, „професионалецот“ има за 10 милиметри повеќе растојание од подлогата (245 mm), аголот на пристап изнесува 36, место 30 степени, додека аголот на заминување изнесува 39, место 30 степени. Способноста за искачување и натаму е „стопроцентна“, што значи G 350 d совладува нагорнина до 45 степени, а странично може да се навалува до 54 проценти. Понирањето во река успева сé додека длабочината не надминува 600 милиметри.

За талентот говори носивоста од 592 килограми, како и дозволената тежина на приколка до 3.200 килограми. За разлика од претходникот од генерацијата W461, арматурната табла на новакот (W463) е помодерна, покомфорна и полесна за ракување. Мултифункциски волан е стандард, заедно со седишта со неколку електрични функции. При враќање во цивилизација ќе биде од корист тоа што подот може комплетно да се испрска со црево и да се отстрани нечистотијата.

Со доплата следуваат челичен преден браник со држач за чекрек, заштитна решетка за биксенонските светла, како и за трепкачите, носач за багаж на покрив со скалило, или практични прагови за пристап.

Mercedes стартува со нарачки веќе од утре, 1-ви јуни, испораките следат во септември. Цената во Германија изнесува 79.968 евра, вклучувајќи 19% ДДВ. За споредба, стандардните изведби на G-Class, вклучувајќи неколку освежувања, стартуваат од 90.636,35 евра.

[FAG id=24541]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Moto Guzzi за почесната гарда на италијанскиот претседател

Nissan GT-R Nismo: Годзила на тркачката патека