за

Mercedes EQC ги полни батериите на шпанското сонце

Mercedes EQC

Таму кадешто повеќето заминуваат на летен одмор, Mercedes тестира. Шпанија е следната адреса за електричниот Mercedes EQC пред почетокот на продажбата

Претсериските примероци од идниот електричен теренец на Mercedes ќе минат добар дел од летово во Шпанија. Но, за разлика од целиот свет, кој убавата Шпанија ја посетува за уживање и закрепнување, односно за „полнење на батериите“, тимот од Штутгарт тука мора да работи безгрешно и без пауза. Целото тестирање во услови на екстремна жега на Mercedes EQC, поточно само EQC, ќе биде на Иберискиот Полуостров.

EQ е марката електрични возила на Mercedes, C е за класата

Ова е важно тестирање, затоа што мора да се провери, како ладењето и полнењето на батеријата, работата на погонот и на контролните уреди, функционираат при екстремна жега. Токму високите температури се голем предизвик за батеријата. Додека при студ само се смалува капацитетот, тука може да се случи комплетно оштетување на батеријата. Во Шпанија ќе се тестира како работи системот за ладење на батеријата, како жештината влијае врз капацитетот, па дури и возење сé додека има „сок“ во батеријата, додека возилото не запре.

Mercedes EQC 15

Податоците добиени тука ќе се користат и при наведувањето на досегот во техничките податоци за серискиот автомобил. Ништо не смее да се одмине, од оценување на звукот на компресорот за климата, до мерење на времето што е потребно за кабината да се излади пред патниците да влезат во возилото. Тоа е комоција што им се има посебно допаднато на сопствениците на електрични автомобили, кои го програмираат возилото да се излади или загрее навреме – сепак, на товар на енергијата во батеријата.

Тестирањата во повеќе различни земји се важни и поради тоа што треба да се провери дали камерата ги препознава локалните сообраќајни знаци, брзинските ограничувања или знаците пред наплатните станици за патарина.

Во кратки црти: Вака се развиваат новите модели на Mercedes

Дигитално тестирање: Вклучени се сите важни подрачја, од симулација и подготовка за производство, преку краш-тест, аеродинамика, возни својства, вибрации и бучава, тежина, до потрошувачка и досег.

Од компјутер преку пробна рампа на улица: Секој нов модел мора да мине низ обемна серија тестирања во реални услови. Притоа се проверува издржливоста на одделните компоненти и на целото возило, во различни климатски услови. Посебен нагласок кај EQC се става на електричниот погон и на батеријата. Реалното тестирање учествува со 65% при развојот, дигиталното со преостанатите 35 проценти.

Околу 200 прототипи и претсериски примероци се изработуваат заради тестирање.

Неколку стотини експерти учествуваат во тестирањето и одобрувањето.

Развојниот период кај EQC изнесува околу четири години.

Три зими и три лета: EQC се тестира три лета и три зими во екстремни услови, од минус 35 до плус 50 степени Целзиусови

Пред почетокот на продажбата се вршат обемни тестирања во Германија, Финска, Шведска, Шпанија, Италија, Дубаи, Јужна Африка, САД и Кина.

[FAG id=33169]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

tesla proizvodstvo

Илон Маск обвинува за саботажа во Tesla

товарни велосипеди

Товарни велосипеди ја преземаат доставата на пратки