171
22 shares, 171 points

Камионот со електричен погон Mercedes-Benz eActros веќе е подолго од една година на тестирање кај големите компании. Десет камиони во верзии од 18 и 25 тони беа предадени на тестирање во реални услови кај фирми во Германија и Швајцарија. Овие десетици илјади извозени километри на струја им донесоа вредни сознанија на инженерите на Mercedes. Заедно со забелешките од возачите и менаџерите на возни паркови, сите овие сознанија ќе влијаат во натамошниот развој на eActros до сериско производство. Тоа е планирано да се случи по 2021 година.

Камионскиот огранок на Mercedes ја заврши првата фаза, сега се на ред следни десет компании да ги тестираат електричните камиони. Од досегашното тестирање се покажа дека досегот од 200 километри е сосем реален, независно од натовареноста, патеката или топографијата. Во поглед на моќноста, електричниот Actros исто така не заостанува зад обичните камиони со дизел мотор, во градски услови, на автопат или во прекуграничен сообраќај.

Возачите го фалат дејството на рекуперацијата, при возење по надолнина – во таков случај практично е непотребно да се користат сопирачките, а во исто време се полни батеријата

Системот за ладење на товарот, исто како и климатизацијата во кабината – двата со погон на струја – се докажаа и во жешкото лето годинава, како и во зимски услови. Возачите се најмногу одушевени од тишината и од пријатното чувство во возењето. Дополнително се пофали и рекуперацијата, односно претворањето на кинетичката енергија во електрична, при сопирање или возење по надолнина. Во такви случаи ретко било потребно да се користат сопирачките.

Камионите беа тестирани во широк дијапазон на примени, од достава на храна, до транспорт на градежни материјали. Овие фирми го тестираа електричниот eActros во првата фаза:

  • Hermes (Фриденвалд/Хесен)
  • TBS Transportbeton (Манхајм)
  • Meyer-Logistik (Хамбург)
  • EDEKA (Берлин)
  • Rigterink (Флерсхајм на Мајна)
  • Dachser (Штутгарт)
  • Pfenning Logistics (Манхајм)
  • Camion Transport (Сент Гален)
  • Migros (Цирих)
  • Nagel-Group (Хамбург)
New photo by Automedia MK / Google Photos

Како основа се користи Mercedes-Benz Actros. Два електромотори од по 126 kW и вртежен момент од 485 Nm се поставени блиску до тркалата на задната оска. Во зависност од преносот, тоа произведува до 11.000 њутнметри, што е исто како кај обичен дизел мотор. Енергијата доаѓа од литиум јон батерија со 240 kWh. При користење брзи полначи (150 kW), полнењето трае два часа.

Развојот и тестирањето на тешкиот електричен камион е дел од проектот „Concept ELV“, со финансиска поддршка од Сојузното министерство за животна средина и Сојузното министерство за стопанство и енергија.

Швајцарски превозници тестираат електрични камиони на Mercedes


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

171
22 shares, 171 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *