за

Mercedes E-Class за сите терени

Ако на моменти се чинеше дека теренската офанзива на Mercedes е завршена, на салонот во Париз ќе се покаже дека во Штутгарт имаат уште многу планови на ова поле. По пример на Audi Allroad quattro, марката со сребрената ѕвезда го нуди E-Class All Terrain, кој има еден многу важен детал што другите го немаат.

Ловечка јакна место темно одело. Овој тренд ја зафати и класата E на Mercedes. Неодамна претставената комби изведба со елегантна линија на каросеријата доби примеси на теренско возило. Тоа што на Audi веќе со децении му успева со моделите Allroad, исто како и на основоположникот на „теренското комби“ Volvo, со неговите изведби Cross Country, отсега ќе биде домен и на марката со сребрената ѕвезда.

Сите модели од оваа „сорта“ имаат неколку заеднички карактеристики што го сочинуваат концептот: Погон на сите тркала, зголемено растојание од подлогата и неколку каросериски додатоци од пластика, со коишто во изгледот се внесува робусна нота како на теренско возило. Очигледно дека денес ниту една празнина во понудата не е доволно мала за да не се пополни. Mercedes ќе стартува со продажба на E-Class „за сите терени“ од следната пролет, премиерата е на салонот во Париз, во почетокот на октомври.

Mercedes E-Class All Terrain

All Terrain ги доби вообичаените пластични додатоци околу арките на крилата и по должината на страничните прагови. На овој стил се надоврзува и маска со двојна ламела, каква што е карактеристична за спортските теренци на Mercedes. Предниот и задниот браник го следат стилот, исто како и заштитните панели за подвозјето, коишто повеќе имаат естетска, отколку практична функција. Впечатливо изгледаат и огромните бандажи од 19 инчи.

Пневматската амортизација му обезбедува на All Terrain за 5 cm поголем клиренс

Поголемите тркала во комбинација со стандардната пневматска амортизација му обезбедува на теренскиот E-Class растојание за подлогата за 29 милиметри повисоко отколку кај стандардната изведба на комбито. Погодностите на пневматиката се искористуваат мошне практично, со тоа што растојанието од подлогата се зголемува за уште 20 милиметри при брзина до 35 километри на час. На тој начин, E-Class All Terrain веќе избива во предност пред конкуренцијата и навистина може да се смета за способно теренско возило, алтернатива на нормалните спортски теренци.

Но, за теренските квалитети да не превладеат, Mercedes сепак ја подограничи понудата. E-Class All Terrain во почетокот ќе биде достапна единствено со дволитарскиот дизел со 194 КС. Тоа е повеќе од доволна моторизација за големото комби, но не и за клиентелата што сака да располага со автомобил со моќност што никогаш нема да го искористи во целост. Во тој случај, преостанува вообичаениот избор, GLE.

[FAG id=25549]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

електрични автомобили smart forfour ed

Салон Париз 2016: Надоаѓа следниот електричен бран

Toyota стартува со нарачки за C-HR веќе од октомври