за

Македонска гордост на салонот во Женева: Славче Таневски и Mercedes CLA

Mercedes CLA Shooting Brake Slavce Tanevski designer Zeneva

Сцената на салонот во Женева и на кој било друг важен салон на автомобили не помни македонско име да претстави нов автомобил пред светот. Овој настан е уште поважен, затоа што станува збор за автомобилската марка пред сите марки, но и за сопствена креација. Македонскиот дизајнер во Mercedes-Benz, Славче Таневски, лично го претстави новиот Mercedes CLA Shooting Brake пред публиката на салонот покрај Лак Леман.

Историски моменти во Женева. На огромен екран пред публиката на салонот се прикажува кус филм, во кого што Славче Таневски зборува за своите почетоци во автомобилскиот дизајн и за инспирациите што го водат денес, додека работи како дизајнер од светски ранг во Mercedes-Benz. Додека одминуваат последните сцени на екранот, одненадеж се појавува црвен автомобил, зад чијшто волан седи лично Таневски. Тоа е достигнување и признание, сопствениот дизајниран автомобил буквално да го довезеш пред светот!

New photo by Automedia MK / Google Photos

Славче за време на претпремиерната ноќ на швајцарскиот салон е на сцената, покрај шефот на концернот Дитер Цече, првиот човек на Mercedes, Ола Келениус и уште неколку менаџери во германската автокуќа. Сето тоа го следи македонската публика, бројките за посетеноста на неколкуте првични објави уриваат рекорди.

Значи, Mercedes CLA Shooting Brake или комби-изведба од стилската купе-лимузина CLA, исто така креирана од Таневски. Тој цени дека комбито од CLA поставува нови стандарди во дизајнот во компакт класата и посочува на предаторскиот поглед на автомобилот кој „го гледа патот пред себе исто како што предатор го фиксира пленот пред да го нападне.“ Јасно е, Хер Таневски!

Дитер Цече: „Вака денес изгледа Mercedes од компакт класата: Тој е подвижно уметничко дело со изобилство од корисен простор“
New photo by Automedia MK / Google Photos

Идејата зад комбито во широката гама на A-Class е да понуди впечатлив изглед со практичност и многу простор. Внатре е силен печатот на дигиталната ера, со двоен дисплеј место класична табла со инструменти и со виртуелен батлер кој ги исполнува барањата на возачот, како дел од фамозниот систем за ракување MBUX. Продажбата на Shooting Brake почува во септември. Производството се одвива во фабриката на Mercedes во Кечкемет, Унгарија, заедно со купето со четири врати CLA и со A-Class.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во споредба со претходната генерација, CLA Shooting Brake порасна за 48 mm во должина (сега 4688 mm), за 53 mm во ширина, а 2 mm е понизок. Меѓускиното растојание е поголемо за 30 mm, но и ширината на трагата порасна драстично. Зад широкиот заден капак се крие багажник со зафатнина од 505 литри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Под хаубата работат посилните мотори од A-Class, со турбо дволитарец со 225 КС во CLA 250. Во повеќето моделски изведби стандардно се вградува менувач со двојна спојка. Погон на сите тркала исто така е достапен во гамата на CLA Shooting Brake.

На Mercedes CLA му се посреќи во Лас Вегас

Интервју со Славче Таневски, дизајнер во Mercedes-Benz Cars: „Целта е добра, но и патот дотаму треба да биде убаво искуство“

Лимузинскиот Mercedes A-Class во Македонија стартува од 27.990 евра

Славче Таневски го претставува Mercedes CLA Shooting Brake на салонот во Женева

Да нема двоумење кои се ѕвездите на салонот во Женева. Уште еднаш, честито Славче!

Posted by Automedia.mk on Tuesday, March 5, 2019

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Jimny test

Suzuki Jimny останува во трката за светски автомобил на годината

Mitsubishi Engelberg Tourer

Mitsubishi го прикажува идниот Outlander во Женева?