Во Хамбург започна проект на Daimler, со 500 возачи на Mercedes кои ќе ја тестираат услугата на достава на пратки во багажникот, додека возилото е паркирано.
Производи што ќе се нарачаат преку интернет може да бидат доставени во багажникот на автомобилот. Тоа е идната услуга што Daimler ја подготвува за возачите на Mercedes и Smart. Услугата наречена chark е во пробна фаза и засега е достапна само во германскиот град Хамбург.
Во тестирањето на услугата ќе учествуваат 500 возачи на Mercedes кои ќе се пријават за учество и живеат во поширокиот регион на германскиот пристанишен град. Понатаму е можно услугата да биде достапна и во други германски градови, но и во други држави, доколку постои интерес за тоа. Доставата во багажникот може да се направи достапна и за возачите на други марки.
Chark е изведено од „change the way you park“; Според Daimler, паркирањето добива сосем нова смисла со оваа услуга
Партнери се онлајн-продавницата на Mercedes и синџирот модни бутици Breuninger, а доставата од онлајн-продавниците ја презема компанијата Liefery. Услов е возилото да поседува Mercedes me Connect.
Учесниците во проектот ќе можат преку мобилната апкикација или преку веб-страницата www.chark.app да ги погледнат понудените услуги. Користењето на услугата засега е бесплатно. По нарачката на одреден производ, лицето за достава бара сопственикот на возилото да му испрати дигитален клуч. Овој клуч може да се користи еднократно, односно за отворање, оставање на производот и затворање на багажникот.
Нарачателот на услугата претходно ја наведува временската рамка за доставата во багажникот. Доставувачот ја наоѓа локацијата на возилото преку сателитска навигација. На крај, сопственикот на возилото добива фотографија од багажникот, со доставениот производ внатре.
Услугата е осмислена од Lab1886, иновациската лабораторија во рамките на Daimler AG, во којашто се работи на идеи и услуги надвор од матичната дејност на германскиот концерн.
Пристигна пошта во багажникот на автомобилот
Проект на Skoda: Испорака на онлајн-нарачка директно во багажникот
Куса историја од Mercedes M-Class до GLE: Веќе достапен за тест-возење во Мак Аутостар
Пет милиони примероци од Mercedes A-Class од фабриката во Раштат