152
71 shares, 152 points

Mercedes уште лани го прикажа освеженото годиште на својот најпродаван модел C-Class, но сега ги имаме и македонските цени. Промените во изгледот се незначителни, под каросеријата работи изобилство нова техника, вклучувајќи и благ-хибрид.

Моделската серија на Mercedes од средната класа е веќе петта година на пазарот и продолжува да ја зголемува продажбата. Еден од секои пет продадени автомобили со сребрената ѕвезда е Mercedes C-Class. Такви автомобили заслужуваат темелно освежување уште во рамките на постоечката генерација. Како и вообичаено, Швабите го прават тоа без премногу зафати во изгледот, но затоа со коренити промени под каросеријата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тоа не се забележува однадвор, но во новото моделско годиште на Mercedes C-Class се сменети дури 6.500 делови. Мали промени има во изгледот на предниот браник, во маската исто така. Новите модели одзади се препознаваат по додатокот во дното на браникот. Предните и задните светла имаат сменета шема на осветлување.

Mercedes C-Class има традиционална и широка клиентела, „експерименти“ како MBUX засега не се применуваат

Концептот на ракување MBUX, кој имаше премиера во A-Class, воопшто не се нуди во моделот од средната класа. Со доплата се достапни дигитални инструменти со пречник од 12,3 инчи и со три различни прикази. Оваа опција логично повлекува уште една, во стил на дисплеј од 10,25 инчи на врвот на средишната конзола.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Воланите се од новата генерација, со познатите сензорски копчиња. Рачката на темпоматот повеќе не штрчи лево зад воланот, туку командите сега се вградени во воланот. Стартувањето на копче е стандард, така што клучот може да остане в џеб.

Во C 200 работи благ хибрид, кој ветува порелаксирано возење во град, но и намалување на потрошувачката

Најголемиот новитет во погонската спрега се наоѓа под хаубата на моделската изведба C 200. Таму работи нов турбо бензинец од генерацијата M264, со зафатнина од 1,5 литар, но изведен како благ хибрид. Место обичен стартер се вградува стартер-генератор, кој добива погон директно од ремен. Моторот самостојно гасне кога брзината пред семафор ќе се спушти под 8 километри на час.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како една од предностите на стартер-генераторот, моторот по гаснењето на семафор стартува брзо и тивко. Поважно е тоа што од него доаѓа екстра моќност при забрзување и поаѓање, за моторот да се напрега помалку, а со тоа и да троши помалку гориво во градски услови на возење. Како што кажува и името стартер-генератор, уредот ја полни малата батерија при секое запирање или отпуштање на гаста. Таа енергија потоа се користи за краткотрајното, но ефектно активирање на електромоторот. Стартер-генераторот и батеријата работат под напон од 48 волти.

Стартер-генератор место обичен анласер, испорачува ексрра 14 КС и 160 њутнметри при поаѓање и забрзување

Моќноста на моторот во C200 изнесува 184 КС, на што се надоврзуваат 14 КС и 160 њутнметри плус од стартер-генераторот. Спринтот до темпо сто трае само 7,7 секунди. Целото возачко доживување го заокружува деветстепениот автоматик, кој следува како стандард. За останатите мотори и комбинации следи подетален преглед по завршетокот на текстот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Паметна техника пристига и директно од S-Class. Радарскиот темпомат самостојно потсопира кога напред има побавно возило, но сега може и самостојно да го следи патот, доколку нема премногу остри свијоци. Дланките сепак мора да останат на воланот, инаку системот се исклучува.

Радарскиот темпомат од S-Class управува и во свијоци, а има и автоматско престројување

Дел од техниката на идниот автопилот претставува и можноста C-Class автоматски да се престрои во соседната лента, само со повлекување на рачката на трепкачите. Радарот, сензорите и камерите проверуваат дали има возило одзади, по што ја извршуваат процедурата како самиот возач да управува.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во списокот на дополнителна опрема првпат се појавуваат диодни светла со повеќе снопови, сочинети од по одделни 84 диоди, кои се приспособуваат според условите на возење и на патот. За светлата има уште една опција – диодни светла со високи перформанси.

Покрај лимузината и комбито, гамата опфаќа уште купе и кабриолет изведба; на тоа следи и моделската понуда на Mercedes-AMG

Во палетата се додадени две нови металик бои, мохаве сребрена и смарагдно зелена за лимузината и комбито T-Modell, односно селенит сива за купето и кабриолетот. Огромен избор има кај бандажите, каде стојат на избор дури 20 различни дизајни, вклучувајќи и таканаречени аеро-бандажи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Македонскиот ценовник за освеженото моделско годиште на Mercedes C-Class стартува од 33.990 евра за C 160 со 1,6-литарски турбо со 129 КС, познат од A-Class. Комби моделот со традиционалната ознака T-Modell чини 2.000 евра повеќе во изведбата C 160, но затоа има поголем багажник и повеќе простор на задната клупа.

Два хибридни модели во C-Class, едниот во комбинација со бензинец, другиот со дизел, но двата ослободени од плаќање акциза – тоа се гледа и во цената

Најдостапен дизел е C 180 d со 1,6-литарец со 122 КС и цена од 36.990 евра. Истиот мотор се нуди и со 160 КС, во C 200 d, со цена од 39.780 евра. Следен е C 220 d, кој прави голем скок од послабите верзии со цената од 45.510 евра, но затоа е стандарно комбиниран со автоматски менувач. Верзијата со погон на сите тркала чини 48.870 евра. Врвот му припаѓа на C 300 d, со дволитарец со 245 КС, за 49.990 евра, односно во верзија 4Matic за 52.880 евра. Има и хибрид, C 300 de, кој комбинира дизелски 194 КС и „електрични“ 122 КС, но затоа е ослободен од акциза и соодветно чини 49.990 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Назад кај бензинците: Благиот хибрид C 200 со 184 КС чини 42.510 евра, вклучувајќи деветстепен автоматик. По него е C 300 со дволитарец со 258 КС и 48.770 евра и хибридниот C 350 e, со 211+155 КС и цена од 50.990 евра.

Кралот на гамата на C-Class и натаму е C 63 AMG S, со 510 КС и 99.790 евра. Во гамата на моделот од средната класа влегуваат уште купе и кабриолет изведбата. Првата стартува од 41.980 евра за C 180, додека кабриолетот почнува од C 200 и чини 53.850 евра.

Кус преглед на техничките податоци и цените за Mercedes C-Class во Македонија:

Бензинци:

Mercedes C 160 • Зафатнина: 1595 cm³ • Менувач: Мануелен, 6 степени • Моќност: 95 kW (129 КС) • Вртежен момент: 210 Nm • Потрошувачка: 6,8 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 10,2 s • Крајна брзина: 214 km/h • Цена: од 33.990 евра.

Mercedes C 180 • Зафатнина: 1595 cm³ • Менувач: Мануелен, 6 степени • Моќност: 115 kW (156 КС) • Вртежен момент: 250 Nm • Потрошувачка: 6,5 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 8,3 s • Крајна брзина: 225 km/h • Цена: од 35.990 евра.

Mercedes C 200 • Зафатнина: 1497 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност на бензинец: 135 kW (184 КС) • Моќност на електромотор: 12 KW (рекуперација) / 10 kW (дополнителна моќ) • Вртежен момент: 280 Nm (бензинец) / 160 Nm (електромотор) • Потрошувачка: 6,3 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 7,7 s • Крајна брзина: 239 km/h • Цена: 42.510 евра.

Mercedes C 200 4MATIC • Зафатнина: 1497 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност на бензинец: 135 kW (184 КС) • Моќност на електромотор: 12 KW (рекуперација) / 10 kW (дополнителна моќ) • Вртежен момент: 280 Nm (бензинец) / 160 Nm (електромотор) • Потрошувачка: 6,9 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 8,1 s • Крајна брзина: 234 km/h • Цена: 45.390 евра.

Mercedes C 300 • Зафатнина: 1991 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 190 kW (258 КС) • Вртежен момент: 370 Nm • Потрошувачка: 6,9 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 5,9 s • Крајна брзина: 250 km/h • Цена: од 48.770 евра.

Mercedes C 300 4MATIC • Зафатнина: 1991 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 190 kW (258 КС) • Вртежен момент: 370 Nm • Потрошувачка: 6,9 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 5,9 s • Крајна брзина: 250 km/h • Цена: од 50.730 евра.

Mercedes C 350 e (хибрид) • Зафатнина: 1991 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 155+60 kW (211+82 КС) • Вртежен момент: – Nm • Потрошувачка: – l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: – s • Крајна брзина: – km/h • Цена: од 50.990 евра.

Mercedes C 400 4MATIC • Зафатнина: 2996 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 245 kW (333 КС) • Вртежен момент: 480 Nm • Потрошувачка: 8,2 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 4,9 s • Крајна брзина: 250 km/h • Цена: од 59.990 евра.

Дизели:

Mercedes C 180 d • Зафатнина: 1597 cm³ • Менувач: Мануелен, 6 степени • Моќност: 90 kW (122 КС) • Вртежен момент: 300 Nm • Крајна брзина: 207 km/h • Цена: од 36.990 евра.

Mercedes C 200 d • Зафатнина: 1597 cm³ • Менувач: Мануелен, 6 степени • Моќност: 118 kW (160 КС) • Вртежен момент: 360 Nm • Потрошувачка: 4,5 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 8,5 s • Крајна брзина: 226 km/h • Цена: од 39.780 евра

Mercedes C 220 d • Зафатнина: 1950 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 143 kW (194 КС) • Вртежен момент: 400 Nm • Потрошувачка: 4,8 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 6,9 s • Крајна брзина: 240 km/h • Цена: од 45.510 евра.

Mercedes C 220 d 4MATIC • Зафатнина: 1950 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 143 kW (194 КС) • Вртежен момент: 400 Nm • Потрошувачка: 5,5 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 6,9 s • Крајна брзина: 233 km/h • Цена: од 48.870 евра.

Mercedes C 300 d • Зафатнина: 1950 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 180 kW (245 КС) • Вртежен момент: 500 Nm • Потрошувачка: 5,1 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 5,9 s • Крајна брзина: 250 km/h • Цена: од 49.990 евра.

Mercedes C 300 d 4MATIC • Зафатнина: 1950 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 180 kW (245 КС) • Вртежен момент: 500 Nm • Потрошувачка: 5,5 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 5,7 s • Крајна брзина: 250 km/h • Цена: од 52.880 евра.

Mercedes C 300 de (хибрид) • Зафатнина: 1950 cm³ • Менувач: Автоматик, 9 степени • Моќност: 143+90 kW (194+122 КС) • Вртежен момент: 400 Nm • Потрошувачка: 5,5 l/100 km • Забрзување 0-100 km/h: 6,9 s • Крајна брзина: 233 km/h • Цена: од 49.990 евра.

По купе-лимузината Mercedes CLA доаѓа и BMW 2 Gran Coupe

Пред 20 години во Женева: Луксузното купе од Mercedes S-Class

Македонска гордост на салонот во Женева: Славче Таневски и Mercedes CLA

Mercedes-AMG GLE 53 со мала напомена: Благ хибрид


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

152
71 shares, 152 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *