за

Овој Mercedes е сé освен автомобил од Б-класа

Mercedes B-Class

Кај Mercedes B-Class сé функционира одлично со генерации наназад, освен изгледот. И тоа се смени. Македонскиот дизајнер Славче Таневски има голем удел во дизајнот

Традиционалистите на марката обично ја гледаат оваа каросериска форма како најголем натрапник во моделската понуда на Mercedes, но таа упорно останува. Дури и конкурентот BMW мораше да се адаптира, па со доцнење го понуди Active Tourer од серијата 2. Заклучокот е дека семејните ванови од премиум марките имаат повеќе обожуватели, отколку противници. Сега ќе има многу повеќе од првиве.

Mercedes B-Class е третата каросериска изведба што се придружува во семејството на новата A-Class, по стандардната комбилимузина и лимузината. Стилската трансформација што компактниот ван ја пропушти во претходната генерација, се случува сега. B-Class покажува неколку спортски црти, нуди повеќе простор и располага со интуитивното гласовно командување MBUX од A-Class. Светот првпат ја гледа сериската верзија на ванот сега на салонот во Париз. Изгледот дефинитивно доби повеќе живост од претходно, особено кога станува збор за варијантата со спортски стил.

Mercedes B-Class Pariz 2
Комплетно сменетата странична силуета внесува динамика во појавата на Mercedes B-Class

Вообичаено за Mercedes, носот се појавува во класично-елегантна верзија, со две дебело хромирани лајсни во маската, како и во спортска верзија, со дијамантска маска и поагресивни форми во браникот. Со доплата може да се добијат диодни светла или приспособливи диодни светла со повеќе светлосни снопови.

Најголемите промени во стилот се во страните на каросеријата, на коишто нашиот познат дизајнер Славче Таневски има работено најмногу. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,73 метри, исто колку кај A-Class, со тоа што кај ванот повеќе се забележува колку се редуцирани каросериските превиси напред и назад. Покривот и столбовите се драстично стеснети – секако само оптички – и тоа создава комплетно нов впечаток за ванот на база на A-Class.

Принципот на сведување на минимум се забележува и во опашот. Светлата се многу потесни во споредба со претходната B-Class. Во краевите на браникот се поставени две издувни цевки, кои секако дека се само лажна маска. Mercedes почнува да прима нарачки во декември, испораките ќе стартуваат во февруари в година.

Mercedes B-Class Pariz 3

Спортската нота останува само надвор. Во внатрешноста на B-Class се најважни комфорот, функционалноста и практичноста. Тоа што ги привлече сениорите да ја избираат првата генерација на ванот – лесното седнување, поради повисоките седишта во споредба со A-Class, како и широките и високи врати, и изобилството слободен простор над главата – остануваат и кај новиот модел. Многумина, впрочем, се решаваат за „сродните“ СУВ-модели од слични причини. Седиштата може да се добијат и во верзија со масажна функција, како и со вентилација.

Ванот стандардно се испорачува со два дисплеја во арматурната табла, со пречник од 7 инчи. Опција се два дисплеи од по 10,25 инчи, кои воедно се и услов за во кокпитот да функционира интуитивното говорно командување MBUX. Стратезите во Mercedes очекуваат дека повеќето купувачи на B-Class ќе се решат за оваа опција. Бидејќи системот се усовршува постојано, има неколку нови можности во ванот.

Mercedes B-Class Pariz 6

Исто како кај A-Class, иако возилото е само 26 милиметри подолго од порано и пошироко е за еден сантиметар, во кабината има многу повеќе простор отколку што се очекува. Задната клупа лизга надолжно за 14 сантиметри, а се мести и наведнатоста на клупата. Кога клупата е поместена најнапред се добива багажен простор од 705 литри. Тоа се 250 литри повеќе отколку во положбата во којашто се добива најмногу простор за нозе на задната клупа. Оваа можност ќе биде достапна дури кон средината на следната година, неколку месеци по пазарниот старт. Како врв на практичноста може да се доплати за електромотори што го отвораат и затвораат задниот капак.

Од поголемите модели на Mercedes пристига мноштво системи за асистенција, вклучувајќи и полуавтономно возење како во S-Class, радарски темпомат или самостојно запирање при опасност. Асистенцијата при сопирање, којашто распознава пешаци и велосипедисти на патот, следува како стандардна опрема во B-Class.

Mercedes B-Class Pariz 9

Понудата од мотори се состои од два бензинци и три дизели. Бензинските мотори располагаат со зафатнина од 1,33 литар и постигнуваат 136 КС и 200 Nm во B 180, односно 163 КС и 250 Nm во B 200. Во основниот модел со дизел мотор B 180 d работи познатиот 1,5-литарец од Renault, со 116 КС и 260 Nm. Нова верзија од дволитарскиот дизел OM 654 работи во B 200 d, кадешто постигнува 150 КС и 320 Nm, додека во B 220 d испорачува 190 КС.

Во почетокот, сите мотори се во комбинација со менувач со двојна спојка, со таа разлика што во посилните дизели се вградува новата верзија со осум степени. Понудата постепено ќе се надополнува со верзии со погон на сите тркала и со верзии со мануелен менувач.

[FAG id=35337]

Mercedes развива паркирање без возач за Кинезите

Mercedes GLE ќе го прави шоуто на салонот во Париз

Mercedes X-Class и Renault Alaskan: Пикапите се новите теренци?

Лимузинскиот Mercedes A-Class пристига во почетокот на 2019

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Премиера на серијата 3 на BMW (G20) 14_n

Шеста генерациска смена за серијата 3 на BMW

Ferrari 488 Pista Spider

Ferrari 488 Pista без покрив во Париз