за

Колку функции има волан во Формула 1

Mercedes-AMG Petronas volan F1

Само воланот во болидите во формула 1 има повеќе функции отколку што има копчиња во целиот кокпит кај некои автомобили. Следи кусо објаснување на функциите на копчињата, и уште неколку интересни детали што ни ги соопштува Mercedes-AMG Petronas

Болидите во формула 1 се врв на инженерското умеење и дури и најситниот дел во нив е доведен до совршенство, во секој поглед. Тоа не е ништо ново, исто како што не е ново сознанието дека пилотите во кралицата на мотоспортот имаат пред себе цел арсенал од команди на воланот. Mercedes-AMG Petronas ни открива каква функција има секое од копчињата, како и уште многу детали околу конструкцијата и изработката на воланот во Ф1.

Колку копчиња има воланот во Ф1 и кои се нивните функции?

Воланот во болидите на Mercedes-AMG Petronas во сезоната 2019 има вкупно 25 копчиња и потенциометри, а на тоа уште и спојка и рачки за менувачот. Преку пет од овие копчиња се влијае врз дотерувањето на сопирачките. Возачот може да го префрли балансот од напред кон назад и обратно, за на тој начин да постигне оптимален баланс за одреден свијок. Во исто време може да се влијае и врз силината на моторното сопирање.

Разлика од првите волани во формула 1 до денешните

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со другите потенциометри се влијае врз диференцијалот на влезот во свијокот, на темето и на излезот од свијокот, односно се префрлува вртежниот момент меѓу задните тркала. Преостанатите копчиња и прекинувачи извршуваат низа функции, од дотерување на моторот, преку избор на податоците на дисплејот, до активирање на радиоврската или на брзинското ограничување во боксовите.

Сезонава се воведува Drag Reduction System (DRS, приспособлив заден спојлер) со когошто големиот заден спојлер постигнуваат уште посилен ефект. Со овој систем исто така се ракува преку копче.

Кои се најважните копчиња?

На трката се најважни перформансите, па затоа одговорот е: Најважно е копчето Strat. Со него се влијае врз пеформансите на моторот, како и на електричната поддршка на MGU-K и на MGU-H. Различна стратегија на погонската спрега се применува за секој дел од патеката и за секој дел од трката, заради постигнување баланс меѓу перформансите и издржливоста. Обично инженерот го советува возачот за стратегијата што треба да ја користи во моментот.

Која е најкористената функција?

Логично, освен управувањето, втора најкористена функција е менувањето на степените на пренос. На трката во Мелбурн, на пример, возачот префрлува степен околу 50 пати во еден круг. Над дисплејот се наоѓаат 15 диоди, кои помагаат да се погоди најдобриот момент за промена на степен.

Од што се изработува воланот во Ф1?

Воланот се состои од карбон, фиберглас, силикон, титан и бакар. Тоа се петте материјали од коишто се изработени повеќето стотици делови на воланот. Тие се изработуваат во фабриката во Бракли. Единствено што е стандард за сите тимови и се испорачува готово се дисплејот и основното печатено коло.

Дали возачите учествуваат при дизајнирањето?

Да, нивното влијание всушност е најважно, затоа што воланот се изработува точно според мерка на возачот. Во текот на сезоната, возачите може да побараат одредени измени во формата или во положбата на кочињата. Тоа зависи од нивните барања, како и од самата патека.

Колку се лесни за ракување копчињата за време на трката?

Многу тешко се ракува со нив, поради силните вибрации и поради самата брзина на возење. Дополнително отежнува тоа што возачите носат нараквици, а копчињата се и мошне мали. Заради спречување можност за грешка, се користат копчиња од аеронаутиката. За ракување со нив обично е потребна поголема сила. Тимот во боксот ги следи местењата на одредените функции и може да го извести возачот, ако погреши при ракувањето.

Колку волани се потребни за цела сезона?

За една сезона, возачот обично менува три до четири волани. Изработката трае околу 80 часови.

⇒ Кус опис на главните функции на воланот:

New photo by Automedia MK / Google Photos

1 DRS · Го отвора преклопникот во задниот спојлер и ја зголемува крајната брзина

2 SKIP 1/10 PRESET · За управување со контролните сензори, во чекори од 1 и 10

3 GEARBOX NEUTRAL · Менувач во неутрална положба

4 PIT LANE SPEED · Ја ограничува брзината во бокс

5 PIT CONFIRM · Порака до тимот во бокс да се подготви

6 DIFFERENTIAL · Диференцијал, повеќе објаснување во текстот

7 ENGINE BRAKING · Интензитет на моторно сопирање

8 BRAKE BALANCE · Баланс на сопирачки. Повеќе во текстот. Со копчињата се дотерува фино, со потенциометарот се врши главното дотерување

9 MARK · Се задржува прикажувањето одредени податоци во дисплејот

10 ACCEPT · За прифаќање на избраните режими со копчето 2

11 RACE START · Контрола при старт

12 RADIO · Радио

13 STRAT MODE ROTARY · Избор на режим на погонска спрега

14 MENY ROTARY · Избор од мени со најразлични параметри, од силина на радио до осветленост на дисплеј

15 HPP ROTARY · За избор на режим на погонска спрега, заедно со енергетски менаџмент и местења за MGU-K

16 LED · За раководење при префрлување степен, отстрана се прикажува бојата на знамето при вонредни услови на патеката

17 Рачки за менување степен · Лево степен надолу, десно степен нагоре

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford transit sport

Може едно спортско комбе од Ford со 185 КС?

Volksswagen grupacija elektro najava

Volkswagen ќе пушти 70 електрични модели во следните десет години