за

Трикратна ѕвезда во салонот на Mercedes: Цивилен болид AMG GT R

mercedes amg gt r mak autostar
mercedes amg gt r mak autostar

Една за Mercedes, една за темпераментниот огранок AMG, една за тркачкиот болид GT R, за којшто на шефот во заминување Цече сигурно му прогледале низ прсти, за автомобилот да добие дозвола за возење во редовен сообраќај – трикрака ѕвезда во салонот на Мак Аутостар, односно токму суперѕвезда.

Овој Mercedes во салонот на Мак Аутостар е спектакл сам по себе. Секаква музичка придружба, било да е хард-рок или даб-техно, ќе се изгуби покрај него, исто како што и циркуски акробати пуштени да скокаат наоколу, пак никој нема да ги забележи. Ова е најгласниот, најнезаузданиот и најзовриениот, најнеконвенционалниот Mercedes, MercedesAMG, и тоа, MercedesAMG GT R.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Значи, ова не е „обичен“ GT со 476 КС, не е ниту GT S со 522 КС, и не е ниту GT C со 557 КС, туку е GT R со 585 КС, пристигнат во салонот на својата марка во Скопје, да го освети и да се поздрави со своите „верници“ – точно така, асоцијацијата за последново води во вистинската насока.

Моќноста од 585 КС пристига од фамозниот четирилитарски V8 со битурбо натполнење, а системите за контрола на возната динамика повеќе ја имаат на ум тркачката патека отколку автопатот. Управувањето „досега“ до задната оска, каросеријата е врвна мајсторија на врвни аеродинамичари, гумите се тркачки, сопирачките дискови од керамика.

Речиси не постои марка што не се пофалила дека при развојот на одреден модел тестирала на Нирбургринг. Навистина? AMG GT R, исто така е развиван во „Зелениот Пекол“

Тука не се зборува за амбиентално осветлување, автопилотирано возење или говорни команди, туку за искуството да се погоди вистинската комбинација на еден од деветте степени на контролата на тракција, со чувствителноста на погонската спрега и тврдоста на амортизерите, плус аголот на задниот спојлер, со цел да се подобри личното време на круг. Затоа, пак, исто како што секој параметар може да се намести за жешкиот асфалт, така со едно притискање копче, овој GT R израснат на Нирбургринг се претвора во цивилен автомобил, буквално за човек да се одвезе до пекара по топол леб.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Вредностите на перформансите овојпат ќе ги прескокнеме, од почит. AMG GT R, кој со право може да се води како 300 SL на денешницата, перформансите ги изразува во „десетинки на тркачка патека“.

Во меѓувреме, алпски белиот Mercedes-AMG GT R ќе биде заминат од салонот, свечено предаден и благословен. Кус поглед во ценовникот: AMG GT чини 159.990 евра на нашиот пазар, GT R качува до 224.900 евра, без опции. Со среќа, господо!

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Twingo Cup Makedonija

Започна Renault Twingo Cup, победа на Мартин Делев

Ники Лауда

Ники Лауда: Најпознатите цитати на човекот што ја имаше формулата за ѕвезда