136
18 shares, 136 points

Шампионска низа, како по договор. По Вардарци, сега следи и нова изведба на стилското комби CLA Shooting Brake, за чијшто изглед е заслужен македонскиот шампион-дизајнер во Mercedes, Славче Таневски. Возењето брзо комби никогаш досега не било посакувано повеќе.

Комбито CLA 35 4Matic Shooting Brake е петти модел во гамата околу A-Class што е достапен во изведба на AMG. Остануваат транспортните способности на мајсторски обликуваното комби-купе од Славче Таневски, но во оваа варијанта, посебна смисла добиваат перформансите: Со дволитарски турбо со 306 КС, CLA 35 AMG спринтува до сто за 4,9 секунди. Сето тоа се случува со беспрекорна тракција, благодарение на погонот 4Matic, до когошто пристигаат 400 њутнметри преку седумстепен менувач со двојна спојка.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во лесно препознатливите форми на CLA Shooting Brake се кријат детали од спортските автомобили, како што се широките арки во крилата, ниските прозорци и широкиот опаш, во спој со долга хауба. Како посебни детали на AMG се забележуваат предната маска со двојна ламела и предниот спојлер, исто така со ламели во страничните отвори за воздух, но лакирани во сребрена боја.

Кога задниот дел од каросеријата станува „чоколадната страна на лепчето“

Стандардно следат бандажи од 18 инчи, со 5 двојни краци. Линијата на страничните прозорци е идентична со купето CLA до средниот столб. Кај Shooting Brake, горниот раб на прозорците продолжува речиси на иста висина, со што се олеснува пристапот назад. Назад доминираат дифузорот со четири вертикални перки, додатокот на кровниот спојлер и тркалезните издувни цевки лево и десно. Тенките светла прават задниот дел да изгледа уште пошироко.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Својствено за AMG, може да се избира од широка понуда на пакети и опции, почнувајќи од „ноќен дизајн“ или аеродинамички оптимиран пакет, како и три различни дизајни на бандажите од 19 инчи.

Најдобро би било, CLA 35 AMG да се остава на паркинг со отворени врати – заради прозорците без рамка; Во некои земји, тоа навистина би можело да функционира беспрекорно

Вечно ефектен ретро-детал се вратите без прозорска рамка. Спортските седишта се обложени со комбинација од вештачка кожа и микрофибер, со црвен штеп. На средишната конзола се наоѓаат контроли за тристепениот ESP и рачка за мануелно менување на степените. Со доплата е достапено приспособливо подвозје AMG Ride Control.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Фамозниот систем за ракување MBUX може дополнително да се надгради со т.н. асистент за ентериер, кој во основа овозможува ракување без допирање. Сензорите го препознаваат движењето на дланката и соодветно вклучуваат одредена функција додека прстите се приближуваат до дисплеите, на пример, го зголемуваат приказот на седиштето во дисплејот и ги прикажуваат посебните опции за местење на седиштето. Идејата е да се скуси бројот на чекори при ракувањето.

Технолошки центар за одгледување здрави коњски сили под хаубата на Shooting Brake

Срцето на автомобилот е нов дволитарски турбо со 306 КС од генерацијата M 260. Станува збор повеќе за технолошки центар, отколку за мотор. Вентилите се управуваат варијабилно преку Camtronic, исто како и приспособливиот термоменаџмент на моторот и маслото, пиезо-инјекторите или повеќекратното создавање искра на свеќичките.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Race-Start се вградува стандардно, за поаѓање со максимално забрзување. Инженерите ветуваат и посебно звучно доживување, вклучувајќи и автоматски меѓугас при префрлување во понизок и делумен прекин на палењето при префрлување во повисок степен.

Бројни детали во водењето на тркалата се посебни за AMG-изведбата. Суштинска разлика има и во сопирачките: На предните дискови од 350 mm гризат четириклипни клешти, односно едноклипни клешти на задните дискови од 330 mm. Посебност е управувачката летва со променлив пренос и два режими на работа, зависно дали во моментот се бара повеќе комфорна реакција или директна реакција на управувањето.

Остануваат уште изведбите „45“ во гамата компакт модели, а можеби и „50“

Уште се чека врвот во понудата на AMG во компакт класата. Дволитарскиот турбо се очекува да достигне далеку над 400 КС во новиот „45“. Се шпекулира и дека две варијанти ќе го заокружат врвот, се спомнува A 50 AMG.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Пет милиони примероци од Mercedes A-Class од фабриката во Раштат

Трикратна ѕвезда во салонот на Mercedes: Цивилен болид AMG GT R

Mercedes во април продавал во просек 8.300 возила дневно

Топ 10 Најдобри дизајни на Mercedes во избор на Славче Таневски


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

136
18 shares, 136 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *