161
21 shares, 161 points

Mercedes-AMG A 45 не мора многу да убедува. Тој го има најсилниот четирицилиндарец во светот, со 421 КС. Се нуди и поумерена изведба со 387 КС. Класичната А-Class и купе-лимузината CLA стартуваат заедно.

Нема поголемо задоволство од тоа да го собориш сопствениот рекорд. Mercedes-AMG A45 и претходно возеше со најсилниот сериски четирицилиндарец во светот. Во новата генерација на A-Class, моторот е уште посилен и ослободува 421 КС. Тоа важи за изведбата со додаток S, вредноста кај „обичната“ изведба изнесува 387 КС, што пак е повеќе отколку кај претходникот.

Дрифтот е задолжителна дисциплина за секој нов екстремен спортист на пазарот

За дволитарец со толку екстремна моќност е неопходен и врвен менувач. Тоа важи за осумстепениот менувач со двојна спојка AMG Speedshift DCT-8G, кој префрлува за неколку милисекунди и секогаш во вистинското време. Погонската спрега ја заокружува погон на сите тркала AMG Performance 4Matic+, кој ги префрлува њутнметрите до задната оска посебно за секое тркало. Тоа се грижи за врвна тракција, но и за спектакуларен дрифт. Тоа го овозможува новиот преносник на задната оска, кој користи две ламеласти спојки, за секое тркало по една.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Mercedes-AMG A 45 и купе-лимузинската изведба CLA 45 првпат ја имаат маската со 12 вертикални ламели, како што е вообичаено за целата гама на AMG Performance. Во директна споредба се забележува тоа што го посочи нашиот Славче Таневски, дизајнер на CLA: „Носот“ уште кај стандардната купе-лимузина е значително поширок отколку кај A-Class, поради што и проширувањата на крилата кај CLA 45 се забележуваат помалку отколку кај A 45 – на CLA му е вроден „AMG-дизајнот“.

Купе-лимузината има пошироки бандажи и поширока трага од A 45; Славче ги убеди техничарите да одат на поширока трага кај CLA, за дизајнот да се заокружи подобро. Возните својства, исто профитираа

Основната изведба вози со 10-краки бандажи од 18 инчи, лакирани во тантал сива боја и со гуми 245/40 R 18, додека S-моделите се распознават по бандажите со пет двојни краци и пречник од 19 инли, со гуми 245/35 R 19. бандажите кај CLA се пошироки за половина инч (9,0 инчи), па соодветно носи и гуми 255/35 R 19. Разлики има и во сопирачките клешти: Сиви кај стандардниот модел и црвени кај S-моделот, поголеми и со шест клипови.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Алуминиумска плоча под кошот на моторот дополнително ја зајакнува каросериската структура; Има и шипка меѓу амортизерите, а дополнително и по една дијагонална шипка напред и назад во подот

Моторот е комплетно нов и го надминува претходникот за 40 КС. Порасна и вретжниот момент, од 475 на сегашните 500 њутнметри. Со 211 КС по литар, моторот на AMG ги надминува и моторите на некои суперспортски модели. Изработката во Афалтербах е според принципот „еден човек, еден мотор“, исто како кај V8-моторите.

Помалку од четири секунди за спринт до темпо сто и крајна брзина лимитирана на 270

Спринтот до сто трае 3,9 секунди (4,0 s кај CLA 45 S). „Основниот“ мотор доцни само една десетинка. Крајната брзина кај „S е ограничена на темпо 270, односно 20 km/h порано кај стандардната изведба.

Највисокиот вртежен момент од 500 Nm се постигнува при 5.000-5.250/min. Инженерите на AMG имаа цел да постигнат карактер како на атмосферски мотор. Спортскиот карактер се потврдува и со максимално дозволените 7.200 вртежи.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Во вратилото на компресорот и на турбината првпат се користат валчести лежишта, исто како кај најсилната верзија на 4,0-литарскиот V8 во AMG GT 4-door. На тој начин се постигнува полесно и побрзо вртење на компресорот – до максимални 169.000/min. Притисокот на натполнење изнесува 2,1 бари, што повторно е рекорд во сегментот.

Комбинација од директно и индиректно впрскување, заради постигнување на екстремната моќност

Горивото се впрскува во два степени. Во првиот, пиезо-инјектори го впрскуваат горивото под притисок до 200 бари директно во коморите за согорување. Во вториот степен се врши впрскување во вшмукувачката гранка, преку магнетни вентили. Тоа е потребно заради постигнување на високата специфична моќност.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како опција стои на располагање приспособливо подвозје, со три режими. Возачот може да избере нагласено комфорна или спортска работа на подвозјето, при што се врши моментно приспособување на секое тркало посебно. Повеќе забава лежи во шесте возачки програми: Лизгаво, комфорно, спортски, спортски+, индивидуално и за трка. Се менува чувствителноста на гасот, префрлувањето на степените, звукот, работата на погонот на сите тркала, на управувањето и на контролата на стабилноста.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Мак Аутостар веќе е подготвен за нарачки за „45-те“

Мак Аутостар веќе ги има цените. Изведбата A 45 AMG 4Matic со 387 КС чини рамно 62.000 евра, додека A 45 AMG 4Matic S со 421 КС додава до 67.980 евра. Кај CLA засега фигурира единствено A 35 со 306 КС и 59.990 евра. Испораките веројатно ќе следат на крајот на летото или во почетокот на есента, приближно околу салонот во Франкфурт.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

161
21 shares, 161 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *