за

Премиум А-класа или обичен Голф: Колкава е разликата?

мерцедес а-класа

Правиме апсолутно невозможна споредба, модел од премиум марка против модел на когошто и во името му пишува дека е народен автомобил. Новата A-Class ја споредуваме со Golf, Mercedes со Volkswagen, во класата кадешто марката од Волфсбург е најмоќна, меѓу компактите. Колку новиот Mercedes A-Class е навистина поскап од Golf?

Тоа што нé интересира не е дали компактот со сребрена ѕвезда е покомфорен или подинамичен од европскиот број 1 во продажбата, ниту дали е поубав или попрактичен. Тука се прави примерна домаќинска пресметка, со најнеочекуваното меѓу сите очекувани прашања: Колку новиот Mercedes A-Class е навистина поскап од Volkswagen Golf каков што сите го познаваат?

Можеби се чини дека тоа е прашање што никој не си го поставува, но статистиките од пазарот покажуваат дека компактите од премиум сегментот се многу поотпорни на продажниот бум на СУВ-моделите, отколку компактите од „големоволуменските“ марки. Европските купувачи ги сакаат компактните модели од Mercedes & Co., особено во екстремните спортски изведби. Тие веќе дошле до одговорот.

Претпоставката надвор од круговите на ентузијастите би била дека A-Class е двојно поскап од Golf

Повеќето возачи на коишто автомобилизмот им се сведува на возење од А до Б, би навеле, веројатно со мала доза на револт, дека Mercedes е двојно поскап од VW Golf и не би се двоумеле околу тоа. A-Class во меѓувреме пристигна и на македонскиот пазар, а многумина и го слушнаа и видоа тоа, благодарение на маестрално изведената промоција, со силен локален печат и со Викторија Лоба во одлична улога на амбасадор на моделот.

Ние сепак ќе ја прескокнеме локалната нота и ќе ги користиме цените од германските ценовници, зашто тоа во моментов е покомотно. Поактуелно, исто така. Golf 1.5 TSI, којшто е соодветна моделска изведба за споредување со A 200, уште не фигурира во македонскиот ценовник. Тоа што Mercedes е незначително поевтин на нашиот пазар, ќе го оцениме како уште еден добар гест на Мак Аутостар.

споредба а-класа и голф-04

Конечно, Mercedes A 200 во стандардната изведба чини 30.232 евра, додека Volkswagen Golf 1.5 TSI ACT, со најниското ниво на опрема што е достапно за овој мотор, а тоа е Comfortline, чини 25.575 евра. Уште едно ниво погоре, Golf би чинел 27.325 евра, во верзијата Highline, со екстра сериска опрема. Според тоа, Mercedes е поскап за 4.657 евра од VW. Тоа е разлика од цели 18 проценти, исто како да се плаќа данок за премиум модел.

Но, разликата е помала, многу помала. Притоа, A-Class не е опремен многу побогато, ниту пак премиум чувството во кабината има некаков спа-ефект, па компензира за повисоката цена. Објаснувањето е во една вредност којашто кај нас уште не се зема предвид при пресметката околу изборот на автомобилот. Станува збор за амортизација, за тоа колку автомобилот ќе изгуби од вредноста по одредено време.

Германците веднаш го пресметуваат степенот на амортизација за секој нов модел што ќе се појави на пазарот, меѓу другото и поради тоа што оваа вредност фигурира при финансирањето на продажбата, односно при лизингот. По 60 месеци и 15.000 километри секоја година, Mercedes A 200 ќе вреди 9.052 евра. За истиот период и истата километража, вредноста на VW Golf 1.5 TSI Comfortline ќе се спушти на само 6.435 евра.

Ако сопственикот го купил Mercedes A 200 за 4.657 евра поскапо од VW Golf 1.5 TSI Comfortline, по пет години и 75.000 километри ќе го продаде за 2.617 евра поскапо – тоа значи дека разликата меѓу премиум A-Class и обичен Golf, на крајот изнесува само 2.040 евра

Дали овие бројки индиректно и во приближен сооднос се пренесуваат и на нашиот пазар? Секако, да. Македонскиот возен парк обично се „обновува“ од германските плацеви со користени автомобили. Овој увоз потоа ја диктира вредноста и на домашните автомобили купени на ново, кога ќе дојде време да се смени сопственикот.

Mercedes A-Class нема вечно да чини 30.000 евра, нов. Тоа сепак е цената за A 200. Моделите со послаби мотори и соодветно пониска цена уште не пристигнале. Таква е практиката на Штутгарт, новите модели прво се појавуваат во поскапите верзии, па откако малку ќе потспласне еуфоријата, следат „народските“ изведби.

споредба а-класа и голф-09

Споредбата меѓу премиум и масовно не завршува тука. Сé уште нé интересира дали Mercedes A-Class е можеби побогато опремен од Golf. Во денешно време не зборуваме за централна брава или радио, туку за системи за асистенција, конективност, за дотерување според сопствени потреби и желби.

Двата модела активираат самостојно запирање кога системите ќе регистрираат опасност на патот, при возење со градско темпо. Систем за препознавање замор кај возачот исто така е дел од стандардната безбедносна опрема, како и воздушна перница за колената на возачот.

споредба а-класа и голф-10

Тоа што Mercedes го има како екстра е „torque vectoring“ при сопирање во свијоци, односно варирање во распределбата на вртежниот момент, потоа активен систем за следење лента или систем за итен повик до спасувачките служби. Од класичните ставки, сензор за светло и сензор за дожд се стандард во A-Class.

Golf се одбранува со контрола на стабилност којашто соодветно реагира и при влечење приколка, како и со паркинг сензори и со алуминиумски бандажи. Тука јасно се покажува генерацискиот јаз на Golf со новиот A-Class. Новите технологии во опремата денес не доаѓаат во форма на електрика на прозорци или двозонска клима, туку во системи за асистенција и вештачка интелигенција, и за нив „нема копче“ во кокпитот.

Новите ставки од опремата обично немаат копче – тие се дел од новата вештачка интелигенција во автомобилите

Премиумот на Mercedes е очигледен и при изборот на дополнителната опрема. Диодни светла со повеќе независно управувани сементи се недостапни за Golf, климатизирани седишта исто така. Дополнителен избор кај седиштата во A-Class е мултиконтурната изведба, со вградени воздушни перници што се надувуваат точно според тело.

Интелигентниот кориснички интерфејс MBUX преку когошто возачот комуницира со A-Class уште е музика од иднината за Golf. Следна опција е проекциски дисплеј, како и надградена реалност за MBUX или можноста телефонот да се користи како дигитален клуч за возилото.

Кога ќе се земат предвид и ставките „што не се гледаат“ кај A-Class, тогаш излегува дека Mercedes е дури и поевтин од VW Golf – настрана големиот технолошки јаз меѓу двата модела

Многу трпение е основен предуслов кога се избираат екстра ставки кај Mercedes, но и VW не заостанува. Пример: Ако идниот сопственик посака вратите да му се отклучуваат без да посегнува по клучот, освен 476 евра за Keyless ќе мора да доплати и за моделска верзија Style, Progressive или AMG Line. Истата ставка кај Golf чини 390 евра, но затоа мора дополнително да се избере и аларм (плус 340 евра).

споредба а-класа и голф-05

споредба а-класа и голф-06

споредба а-класа и голф-07

споредба а-класа и голф-08

споредба а-класа и голф-11

Во поглед на перформансите или практичните вредности нема поголеми отстапувања меѓу двата модела, коишто би можеле да решаваат околу изборот. Единствената повпечатлива разлика е во потрошувачката на гориво, но таа произлегува само од различните стандарди. Mercedes веќе ја изразува потрошувачката на гориво според новата и многу пореална норма WLTP, додека VW уште се повикува на мерењето според старата NEDC.

Не би требало да е неважно тоа што 1.5 TSI поседува систем ACT, односно активен систем за исклучување дел од цилиндрите при пониско оптоварување на моторот, како дополнителна мерка за штедење. Но, тоа што повеќето производители воопшто не ја користат оваа техника, во време кога секој грам намалување на СО2 е вреден милиони евра, веројатно говори дека таа е корисна само во лабораторија.

Прашањето премиум модел или обичен модел, всушност било отсекогаш актуелно и во самиот концерн VW. Премиум A3 или обичен Golf? Многумина веќе го знаат одговорот.

[FAG id=32961]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 508 SW

PEUGEOT 508 SW ги става СУВ-фановите на мисла

BMW Z1

Кој беше BMW Z1, претходникот на сите „Z“