за

Mercedes 600 – Голема ѕвезда за големите ѕвезди

Што имаат заедничко Џон Ленон, Папата Павле Шести и Јосип Броз Тито? На прв поглед апсолутно ништо. Одговорот следува по отворањето на гаражната врата: Сите тие имаа Mercedes 600.

Тоа што го започна таканаречениот Adenauer-Mercedes со моделот 300 го доврши неговиот наследник Mercedes 600 од пред половина век. Сите конкуренти изгледаа малечки, скромни и безначајни во споредба со овој автомобилски хиперлатив. Во тоа време не постоеше подолга лимузина од сериско производство од Mercedes 600, но и поскапа лимузина во лигата на Bentley S3, Rolls-Royce Phantom V, Cadillac Fleetwood и Lincoln Continental. Цената на големиот Mercedes во Германија изнесуваше 63.500 марки, односно исто колку четири примероци од Porsche 356 или 15 примероци од Бубата на Volkswagen.

Телефон, климатизација и телевизор, ништо не недостига

Mercedes 600 беше најубедлив начин за изразување на моќта и добростостојбата пред светот. Автомобилот поседуваше сé што дотогаш можеше да се замисли само во романите од научната фантастика: Хидраулика за местење на седиштата, електрика за прозорците и за капакот на багажникот, затворање на вратите со електромотор, телефон, климатизација и телевизор, а од 1972 година дури и видеоплеер.

Со 3,4 тони, овој симбол на политичката моќ тежеше исто колку обичен камион. Покрај тој факт беа сензационални спортските перформанси на џинот на четири тркала, обезбедени од осумцилиндарскиот мотор од 6,3 литри и 250 КС. Не постоеше лимузина од класата, а ретко и спортски автомобил, кој во тоа време можеше да бришка со преку 200 километри на час по автопатиштата. Во исто време, патниците можеа да уживаат во чувството на летање при возењето, благодарение на хидрауличната амортизација.

Целата земјина топка дозна за големиот Mercedes. Политичката елита не се двоумеше да се закити со Mercedes 600.

Совршен автомобил за Претседателот

Бројни политичари парадираа со германската суперлимузина: Советскиот водач Леонид Брежњев седна во Mercedes 600 во 1966 година, исто како и јапонскиот крал Хирохито, романскиот претседател Николае Чаушеску, југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, првиот човек на Уганда, Иди Амин, Кралот Хасан од Мароко и Претседателот Бургиба од Тунис, но и Мао Цетунг, со 11 парчиња од моделот, Шахот Реза Пахвали од Персија со 20 парчиња, Претседателот Мобуту од Заир со 23 парчиња и арапските монарси со околу 100 парчиња.

Традиција во Mercedes имаше и Папата Павле Шести, кој паралелно го користеше Mercedes 600 со претходникот 300. Музичките и филмските ѕвезди и светските милијардери исто така сакаа да се најдат зад големата хромирана маска, меѓу нив Џон Ленон, Елвис Присли, Лиз Тејлор, Џек Николсон, Аристотел Оназис, Херберт фон Карајан, Миреј Матје

Купувачите на новиот Mercedes мораа да бидат мошне трпеливи по стартот на сериското производство на знаменосецот на Mercedes во 1964 година. Поради претежно рачната изработка, за едно возило да се произведе беа потребни 13 недели. За варијантата Pullman, со каросерија долга 6,24 метри, мораше да се чека уште повеќе, осумнаесет недели.

Џон Ленон го доби својот Mercedes 600 Pulman со каросерија лакирана во бело и со зелени стакла. Но, една желба остана неисполета. Ѕвездата побара телефонската слушалка да биде бела. Тоа не можеше да се промени. Телефонот остана во црна боја на бакелит.

[nggallery id=31]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рекордно производство на Honda на глобално ниво

Технологија на Volvo ја смалува потрошувачката за 25 проценти