за

Mercedes 190: Стариот Беби-Бенц е шампион во издржливост

Mercedes 190 има помалку дефекти и од автомобилите што се 20 години помлади од него. Тоа го покажа истражувањето на германската организација Dekra.

Познавачите ги ценат внатрешните квалитети на пазарот на користени возила. Обично се работи за модели што не се толку популарни поради нивниот изглед, едноставната внатрешност или поради гласните мотори. Но, токму овие автомобили најчесто се вбројуваат меѓу најиздржливите.

Тоа се потврдува во последниот извештај на германската организација за технички преглед Dekra. Според податоците што ги открива извештајот, Mercedes 190 е ѕвезда во сенка меѓу користените автомобили. Дури и многу поновите модели со знакот на Mercedes имаат повеќе дефекти од овој своевремено револуционерен модел за марката со сребрената ѕвезда.

Овој модел што се произведуваше во периодот меѓу 1982 и 1993 година има помалку дефекти и од многу помладата Dacia Logan, која што се појави на пазарот во 2004 година. Кај романската евтина лимузина се регистрирани сериозни дефекти кај 22 проценти од возилата што дошле на редовен технички преглед со километража меѓу 50 и 100 илјади километри, наспроти Mercedes 190, кај кого што само 21 процент од возилата морале да се вратат повторно на технички преглед, по отстранувањето на дефектите.

Подобар и од многу помладите модели

Изненадува и тоа што малечкиот Mercedes, којшто во неговото време беше нарекуван „Беби-Бенц“ поради компактните димензии, ги декласира и многу помладите моделски серии на марката. Првата генерација на класата А се појави на пазарот дури четири години по завршетокот на производството на Mercedes 190 и остана во понудата до 2004 година. Но, 22 проценти од овие модели, со километража меѓу 50 и 100 илјади километри, во минатата година биле вратени од технички преглед поради сериозни дефекти. Теренецот од класата М од 1997 година, којшто исто така важи како неуништлив автомобил, во извештајот на Dekra минува полошо од Mercedes 190.

Моделите на Mercedes во тоа време очигледно беа направени да траат вечно. Mercedes 190 и серијата W 124, којашто следуваше неколку години подоцна, се синоним за квалитетот на германските автомобили. Старата класа Е во познавачките кругови е сигурна како англиската банка и издржлива како швајцарски часовник. Нејзиниот биланс во извештајот на Dekra исто така е примерен, со само 18,2 проценти сериозни дефекти кај возилата. Високите стандарди за квалитет достигнаа врв во првата серија од моделот R129, претпоследната генерација на родстерот SL што се произведуваше до 1995 година. Само еден пример за вниманието што се посветуваше во квалитетот: Ламелите во маската беа изработени од титан и неколку недели се тестираа со удари од камчиња, за да се провери нивната издржливост и евентуално да се коригира пред влегувањето на моделот во сериско производство.

Денешниот пазар повеќе не бара автомобили што траат вечно

Рапидното зголемување на процентот на дефекти кај поновите модели не мора секогаш да произлегува од притисокот за штедење во производството на автомобилите. Денешните купувачи имаат сменети критериуми при изборот. Автомобилите станаа израз на животниот стил, подлегнаа на модните трендови и нивниот изглед застарува брзо. Со тоа се скуси и животниот период на моделските серии, новите генерации доаѓаат сé побрзо. Само мал круг купувачи бара автомобил што ќе трае вечно.

Во Mercedes 190 има само малку електроника

Една од причините за големата надежност на Mercedes 190 е отсуството на електроника. Само системот против блокирање на тркалата и централната брава имаат контролни модули, коишто се заменуваат едноставно. Отпорноста на корозија е речиси легендарна. Кај добро сочуваните примероци од моделот нема место за овој непријател на металот.

Моделите од конкуренцијата заостануваат далеку зад Mercedes 190 (фабрички код W201) и Mercedes W124. Серијата 3 од генерацијата Е36 (1990) на BMW, има сериозни дефекти кај 27,8 проценти од возилата, Opel Astra G од 1998 има 22,9 проценти, Renault Laguna G од 2001 година има 24,9 проценти, па дури и првата генерација на Smart од 1998 година минува полошо со сериозни дефекти кај 22,9 проценти од возилата.

По повеќе од 20 години откако беше произведен последниот примерок, Mercedes 190 ќе ја доживее својата втора слава. Цените на моделот на пазарот на користени автомобили постојано растат, колекционерите се заинтересирани. На германските улици моментно има над 60.000 примероци од „Беби-Бенц“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

По Скопје сега и Лондон најавува коли на струја за изнајмување

ТЕСТ • Ford Focus 1.0 GDTi Trend Sport