142
19 shares, 142 points

Тоа е автомобилот што отсекогаш е тука, а притоа никој не се прашува колку тој навистина е стар. Триесет и пет години, толку се минати од ноември 1984 година, кога Mercedes W124 ја имаше својата светска премиера во Шпанија.

Овој датум дефинитивно важи како почеток на едно важно поглавје, не само за штутгартската марка, туку и за целата автомобилска историја. Лимузините од серијата 124 на Mercedes беа претставени премиерно на 26-ти ноември 1984 година, во Севиља, Шпанија. Продажбата стартуваше веќе во декември. Во серијата подоцна следеа комбито T-Modell (1985 година, S124), купето (1987, C124), продолжената лимузина (1989, V124) и кабриолетот (1991, A124). Постоеше и „гола шасија“ за посебни каросериски надградби.

Во 1993 година, W124 стана прва генерација од вишата средна класа на Mercedes што ја понесе ознаката E-Class. Денес на сцената на олдтајмерите посебно се ценат варијантите 500 E (326 КС) и 400 E (279 КС) со мотор V8, изведбите на Мercedes-AMG (E 60, 381 КС) и елегантните каросериски изведби со две врати. Генерално се бараат сите моделски изведби во добра оригинална состојба и со мала километража.

Сите моделски изведби во 1985 година (од лево): 200 D, 250 D, 300 D, 200, 230 E, 260 E, 300 E
New photo by Automedia MK / Google Photos

Сопственото одделение на Mercedes за трговија со олдтајмери, редовно има во понуда примероци од оваа особена серија. Моментно во таканареченото „колекционерско издание“ е достапен E 200 од 1995 година. Возилото имало тројца сопственици и има поминато само 48.800 километри (https://www.mercedes-benz.com/de/ats_vehicle/mercedes-benz-w-124-e-200-4/). Секако дека станува збор за врвно дотерани олдтајмери, со печат за квалитет од самиот производител.

Пазарната вредност на 500 E, од крајот на 2011 година, до септември годинава, се зголемила повеќе од двојно. Меѓу најценетите моделски изведби на сцената на олдтајмерите моментно се вбројуваат купето 320 CE во изведба Sportline, како и 300 CE-24 со четиривентилска техника.

Серијата 124 го означи дотогаш најголемиот технолошки скок во развојот на мотори и каросерии во вишата средна класа на Mercedes

Лесната конструкција и оптимираната аеродинамика ја смалуваа потрошувачката и овозможуваа одлични перформанси. За добрите возни својства и воедно за безбедноста се грижеше иновативната задна оска со поеќе водилки. Сите бензинци, од есента 1986 година стандарно се испорачуваа со регулиран трифазен катализатор.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Историјата на W124 почнува уште во времето кога во салоните на Mercedes се нудат лимузините од сериите W 114/115. На крајот на 1975 година, во Штутгарт се решава околу наследникот на моделот кој треба да се појави на пазарот дури во јануари следната година. Секако, тоа е W123, легенда поголема и од оваа.

Тогаш се случуваат големи промени на раководните позиции во тогашниот DaimlerBenz AG, па соодветно следат и промени во развојните одделенија. Покрај тоа, во светот се воведуваат и поостри норми за потрошувачка и емисија, особено во Северна Америка. Инженерите почнуваат да развиваат нови шестцилиндарци и цела палета дизели, со четири, пет и шест цилиндри, со и без турбонатполнење, кои ќе се вградуваат во W124.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Паралелно со развојот на мотори се работи и на дизајнот на новите лимузини. Целта е да се создаде полесно и аеродинамично возило, со уште повисоки безбедносни стандарди. Техниката и дизајнот на W124 се слични со новата „компакт класа“, со серијата W201, славната „190-ка“. Таа беше претставена две години пред премиерата на W124.

Во 1977 година се готови 10 модели изработени од пластелин во размер 1:5, сите со коефициент на отпор на воздух cW = 0,32. Четири години подоцна, шефовите го избираат конечниот дизајн, меѓу седум модели од глина, во природна големина

Mercedes во 1982 година започнува со краш-тестови во сите можни сценарија и тестира околу 60 возила во најразлични климатски услови. Се тестира во Африка, на патеката Нардо во Италија, на Сол и Ниеве во Шпанија, на 3.392 метри надморска висина, во Канада, во Скандинавија и на Алпите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Лимузините од серијата 124 стартуваат со испорака во 1985 година со три дизели (200 D, 250 D и 300 D), со Mercedes-Benz 200 со дволитарец со карбуратор, како и со четири бензинци со впрскување на горивото (200 E, 230 E, 260 E и 300 E).

Во истата година се појавуваат и верзии со автоматски потон на сите тркала 4Matic, во комбинација со шестцилиндарците. Тоа е дел од таканаречениот концепт на возна динамика на Mercedes, кој опфаќа уште автоматска блокада на диференцијал (ASD) и контрола на тракција (ASR). Верзијата со турбонатполнење 300 D Turbo пристига во 1987 година, покрај класичните мотори со преткомора.

Mercedes 300 E на одбележувањето на стогодишнината од првиот автомобил во 1986 година
New photo by Automedia MK / Google Photos

Во јуни 1993 година, во чекор со воведувањето на новото означување на моделските серии, W124 станува E-Class. Се менува и типската ознака: 500 Е станува Е 500, 200 D станува E 200 Diesel. Производството во Зинделфинген завршува во 1995 година, а уште една година се изработуваат модули за завршна монтажа (ckd = completely knocked down), кои се испорачуваат во неколку фабрики ширум светот. За единаесет години се произведени 2.213.167 лимузини. Заедно со останатите каросериски изведби, сериајта достига 2.737.860 примероци. Тоа е најуспешната E-Class на Mercedes-Benz.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Mercedes E-Class започна со производство во Москва

Автомобил со историја во тек: Зелениот Mercedes W115 на Драган


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

142
19 shares, 142 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *