за

Mercedes ја претвори новата E-Class во спа-центар

Новата класа Е ќе биде претставена премиерно во јануари, на салонот во Детроит, но Mercedes им дозволува на љубопитните погледи уште сега да разгледуваат. А, тука не се сведува сé само на квалитетни материјали и педантна изработка.

Големи дисплеи што ги прикажуваат сликите како да се реални, благородни дрвени облоги со пори што можат да се допрат и кожени седишта што се меки како путер и им удоволуваат на патниците со масажа – денешните лимузини од бизнис класата несомнено се претворија во спа-центри, во оази на уживањето. Новата класа Е на Mercedes го докажува тоа и најавува нови задоволства и луксузи откако во јануари ќе се појави премиерно на салонот во Детроит. Тогаш, класата Е на Mercedes ќе има и една иновација, со којашто се разликува од останатите. Повторно.

За новата E-Class стојат на располагање 64 различни бои на амбиенталното осветлување со диодни светилки
За новата E-Class стојат на располагање 64 различни бои на амбиенталното осветлување со диодни светилки

Освен преку полето на допир во средишната конзола, коешто е познато од класата С, возачите на класата Е во иднина ќе можат да ракуваат со функциите на возилото и преку таканаречените „копчиња за контрола преку допир“ во воланот. Овие малечки површини се чувствителни на допир како дисплеј на паметен телефон и реагираат на хоризонтални и вертикални движења со прстите. На тој начин може да се прегледува менито само со палците, без потреба дланките да се тргнат од воланот. За потврдување на одредена функција потребно е само да се притисне копчето. На воланот се наоѓаат уште по четири копчиња лево и десно, за ракување со познатите функции, како менување на силината на звукот или телефонирање. За внесување букви и бројки со прст служи големиот дисплеј во средишната конзола. Во исто време, возачот може да користи и говорни команди.

Дводелниот џиновски дисплеј во кокпитот го следи примерот од класата S

Централен елемент во прегледниот кокпит е огромниот монитор познат од класата S. Тој се состои од два дисплеја со големина од по 12,3 инчи, коишто се наоѓаат под заедничко покривно стакло и можат на различен начин да се користат од страна на возачот и на совозачот. Во левиот дисплеј во видното поле на возаот се прикажуваат дигиталните инструменти, додека во средишниот дисплеј над централната конзола се прикажуваат сите функции на возилото. За дизајнот на инструментите стојат на располагање три различни стилови: Класичен, спортски и прогресивен.

Долгите и удобни патувања отсекогаш биле домен на класата Е, а новата генерација ќе го направи тоа доживување уште попријатно со новата генерација седишта. Секое ниво на опрема има различни седишта, при што уште во основното ниво се нагласува луксузот на класата Е. Нивото Avantgarde има спортски седишта со поизразени странични контури и со вентилација, додека новите седишта од AMG располагаат со уште поцврсти странични контури и поголема ширина во делот на рамениците. Линијата Exclusive има надолжна ориентација на перничињата, со боја во хармонија со целосната скулптура на седиштата.

Во отсуство на каков било звук во кабината е неопходно врвно озвучување од Burmester со „концертна“ моќ од 1.450 вати

За кабината да се претвори во концертна сала, со доплата се добива 3D озвучување од специјалистот Burmester, коешто дава совршен звук и во моделите на Porsche, како и во класата S. Во создавањето на тридимензионалниот звук учествуваат 23 звучници. Четири основни местења се грижат да понудат соодветен звук за секаков слух. За маратонските слушачи стои на располагање модусот „Easy Listening“, додека за вистинските аудифили се нуди модусот „Pure“ без какви било дополнителни ефекти. Исто како во големата класа S, звукот може да се дотера посебно за секое место, преку таканаречениот „VIP-Setting“.

Премиерата на новата класа Е на Mercedes е закажана за салонот во Детроит во јануари. Три месеци подоцна ќе стартува и продажбата на лимузината, а наесен следува и комби-моделот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Продажбата на Porsche за првпат надмина 200.000 возила

Две легенди на Volkswagen Golf GTI на патеката Портимао