за

Mercedes отвори кафуле во Хамбург

Иновациите го движат светот на автомобилите. Тоа важи и за начинот на пристапување до клиентите. Mercedes отвори авто салон во когошто автомобилите се споредна работа.

Иако во последниве години воопшто не им недостигаат, во Mercedes не сакаат повеќе да чекаат клиентите да дојдат во нивните салони и се решија да применат нова тактика. Место клиентите да доаѓаат кај нив, Mercedes оди кај клиентите. Со цел да воспостават реален контакт со потенцијалните купувачи, Швабите измислија еден вид на бистро-бар-лаунџ-автосалон.

Првиот ваков салон е отворен на ексклузивна локација во Хамбург и го носи името Mercedes Me. Во објектот со површина од 550 метри квадратни нема ниту еден автомобил – барем навидум. Веднаш по влезот се пристапува во ресторанскиот дел со стилски дотерани маси, столици и светилки, по што следува долг бар со витрини за колачи, салати и храна. Уште малку повнатре следуваат скалила за пристапување до лаунџ делот, со ротирачки фотелји за ниско залегнување и лулашка. Последниот дел е сепаре, одвоено со стаклени ѕидови, со огромен екран на ѕидот и неколку маси и столици. Преку екранот може да се конфигурира автомобил по желба, а за поверодостојно упатување во изборот стојат на располагање мустри од лак, кожа и штоф во посебни фиоки што се впуштени во ѕидовите.

Идејата не е да се продаваат автомобили, туку да се допре до клиентите, да се побудат нивните емоции и да се оттргнат евентуалните предрасуди за марката, односно Mercedesда се зближи со клиентите. За тоа може одлично да послужи и парче торта од јагоди со шлаг. Секако дека никој нема да се побуни ако гостинот реши по десертот да седне на конфигураторот и да се распрашува за автомобилите, па евентуално и да направи нарачка. Нема проблем да се направи и за пробно возење. На паркиралиштето во близина секогаш се наоѓаат пет пробни возила, со полн резервоар и спремни за возење. Секој знае дека кафе и торта не се доволни за еден локал да функционира. Затоа, секој месец ќе се организираат посебни настани, изложби, концерти, трибини.

Од 1995 година се отворени 20 вакви локали на Mercedesи сите работат солидно. Локалот во Берлин, на престижната локација „Унтер ден Линден“, во последните четири години го посетиле 1,7 милион гости. Овој и останатите локали на ексклузивни места во строгите градски центри набрзо ќе се преуредат по примерот на Mercedes Me, а до 2020 година ќе се отворат уште 20 нови.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германски магазин по трагите на автомобилската мафија

Прв споредбен тест на Mercedes C, BMW 3 и Audi A4 во Auto Bild