за

Mercedes најавува GT со четири врати за Женева

Пред деценија и пол, Mercedes го претстави првото купе со четири врати, CLS. Место од лимузинска основа, овојпат се поаѓа од спротивниот крај, од чистокрвно спортско купе. AMG GT е основата на концептот што ќе дебитира во Женева, за набрзо да следи и сериската верзија.

Кој еднаш го направил тоа, ќе го направи уште еднаш. Mercedes, на пример. Кога марката со сребрената ѕвезда го претстави првиот CLS во 2004 година, необичниот модел беше вистинска сензација со спојот на линија на купе и комфор на лимузина. Купе со четири врати, купе-лимузина. Следеше вистински наплив од модели од конкуренцијата, па дури и Volkswagen реагираше со тогашниот Passat CC, но заслугата на Mercedes остана незасенета.

За салонот во Женева се најавува следното поглавје во дизајнерската авангарда на марката, овојпат во сосема различен и уште поексклузивен сегмент. Засега од Штутгарт пристига само еден единствен цртеж од варијацијата на GT – со четири врати. Не купе-лимузина, туку лимузина-купе. Нема потреба од дополнителни детали за однапред да се знае дека овој GT ќе биде сензација на салонот. И по него.

„Суперспортската“ купе-лимузина е најавена како концепт, иако манирот на Mercedes е познат. Сосем е извесно дека набрзо следи и сериската верзија. Тоа што најавата за новиот модел преку овој концепт доаѓа релативно брзо по стартот на продажбата на Porsche Panamera укажува јасно каде цели „четиривратниот“ GT.

Mercedes може да направи вистински чуда од новата верзија на AMG GT, имајќи предвид дека – и повеќе од теоретски – на располагање стојат сите мотори од стандардното купе, што значи од 476 КС до 585 КС од четирилитарскиот V8 со битурбо натполнење.

Почетокот на салонот во Женева сега се исчекува со уште поголемо нетрпение.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пронаоѓачот на литиум-јонската батерија јавува нова технологија

Bugatti ги испорача првите три примероци од Chiron