за ,

Mercedes и Audi ја спасуваат честа на дизел моторот

Дизел моторите последниве месеци ги бие лош глас. Реалната емисија на штетни гасови мора да се усогласи со строгите законски норми. Големите автомобилски марки веќе имаат нови мотори – почисти и на улица, не само во лабараторија.

Трендот во развојот на мотори што ги одбележа минативе неколку години веќе е завршен. Производителите го научија трикот дека со екстремно смалување на работната зафатнина и постигнување висока специфична силина (сооднос меѓу бројот на коњски сили и работната зафатнина на моторот) може лесно да се постигнат ниски вредности на потрошувачката на гориво, а со тоа и на емисијата на штетни материи. Но, овој трик функционираше само во лабораториски услови, за моторите да се покажат чисти само пред законот.

Во реални услови на возење, од пропагираната штедливост и чистота на овие таканаречени „даунсајзинг“ мотори се покажа сосема поинаква слика. Кратко и јасно: Автомобилската бранша ги „штимаше“ моторите и тоа беше јавна тајна. Постоечки мотори добиваа турбонатполнење, неволно се преоѓаше на директно впрскување на горивото. Посакуваната примена на иновативна технологија и нови конструкциски принципи изостана.

ЕУ прво ќе дозволи отстапување од 80 проценти над лимитот

На крај, мораше да реагира политиката. Европската Унија притиска за што поскоро воведување на нова директива за мерење на емисијата на штетни материи во реални услови на возење, место на ротирачки валци. Веќе за наесен се очекува ЕУ да излезе со предлог како во реални услови на возење да се измери вредноста на емисијата на неразградливи честички (PM), којашто досега беше изземена од мерењата. Новите директиви во почетокот ќе дозволуваат реалните вредности да ја надминат вредноста пропишана со нормите за фактор 1,8, односно за 80 проценти.

Новите мотори на Mercedes и Audi уверуваат дека за дизелот уште има иднина. Mercedes стартува со дизел моторот со ознака OM654 во новата генерација на E-Class. Со моќност од 195 КС при работна зафатнина од 1.950 сантиметри кубни, четирицилиндарецот не го извлекува техничкиот максимум, но затоа е дотеран за ниска реална емисија на штетни материи. За таа цел, техничарите на марката од Штутгарт се послужија со три трикови. Првиот трик е познат од камионските мотори. Во челото на клипот е изработено едно возвишување, кон коешто се насочува погонското гориво. На тој начин се постигнува подобро распрскување на млазот гориво и негово порамномерно распределување во комората за согорување.

Mercedes-Benz Vierzylinder Premium-Diesel, OM 654, 2016...Merced

Вториот трик е двостепената рециркулација на издувните гасови. Во зависност од работниот режим, дел од извувните гасови се пренасочува пред или зад турбокомпресорот, се лади и се враќа во комората за согорување. На овој начин, рециркулацијата на издувни гасови, којашто има за цел да ја спушти температурата на согорувањето и како резултат од тоа да го редуцира создавањето азотни оксиди, може да се користи во речиси целото работно подрачје.

Последниот трик е во директното поставување на комлетниот катализаторски систем во самиот мотор, за на тој начин да се постигне негово побрзо загревање по ладен старт на моторот, односно побрзо достигнување на работната температура. Катализаторот SCR – селективна каталитичка редукција, преку впрскување на уреа, достапна на пазарот како Adblue – поседува зафатнина од 2,8 литри, што значи дека е поголем и од работната зафатнина на самиот мотор.

Во Audi SQ7 TDI работи нов дизел кој наскоро следува и во Porsche и Bentley

Новиот мотор на Audi „игра“ во сосема друга лига, со осум цилиндри и моќност од 435 КС. Осумцилиндарецот е со комплетно нова конструкција наспроти претходниот четирилитарски TDI. Двостепениот турбокомпресор, рециркулацијата на издувните гасови и издувната гранка се преместени во средината на моторот во V, кадешто создаваат еден вид жешка точка. Директно зад неа се наоѓа системот за пречистување на издувните гасови. Овој систем се состои од акумулациуски катализатор за азотни оксиди и комбиниран систем од селективен катализатор и филтер за неразградливи честички.

Audi SQ7 TDI

Најголемата иновација е дополнителниот компресор со електричен погон, којшто реагира уште од најниски вртежи, таму кадешто конвенционалниот турбокомпресор уште не е во состојба да произведе позначителен притисок на натполнење. За покривање на неговата погонска моќност од 7 киловати се грижи мрежа со напон од 48 волти. Сето ова впрегнување на напредна технологија се исплатува преку вредноста на мкасималниот вртежеен момент од 900 њутнметри, којшто стои на располагање уште при 1.000 вртежи.

Предизвиците кај дизел моторите се надминати, на ред се бензинците

Во иднина ќе се инвестира уште повеќе во техниката за пречистување на издувните гасови на дизел моторите. Инженерите се жртва на сопствениот успех. Намалената потрошувачка на гориво води кон тоа издувните гасови да имаат пониска температура при делумно оптоварување на моторот, со што се зголемува опасноста од создавање талози и корозија во моторот, особено во системот за рециркулација на издувните гасови. Постојат решенија, но тие чинат. Тоа му оди во прилог на бензинскиот мотор.

Додека дизел моторите се подготвени за новите норми за емисија на штетни гасови кои се поблиску до реалноста, на инженерите на бензинските мотори им претстои уште многу работа. Од 2017 година ќе се воведе ограничување на емисијата на неразградливи честички и за бензинските мотори. Ситуацијата кај нив е слична како пред неколку години кај дизелите. Решението е исто. Модерните бензински мотори со директно впрскување на горивото ќе мора да се снабдат со филтри за честички исто како нивните дизелски браќа.

mercedes dizel om 654 16

Џентлменски е потегот што го направи Peugeot. Францускиот производител ги истражуваше профилите на возење на корисниците на неговите возила и во околината на Париз дефинираше рута којашто одговара точно на просекот од сите возачи. За секој нов модел се избираат возачи според принцип на случајност и се вози по оваа рута. Потрошувачката изменера на рутата од „случајните“ возачи во иднина ќе се објавува на интернет страницата на Peugeot и во продажните салони ќе се наведува дополнително, покрај нормираната вредност.

За исклучување на секаква можност за манипулација со вредностите на потрошувачката, Peugeot соработува со невладина организација за заштита на животната средина. Добиени се и првите резултати. Peugeot 308 со 1,6-литарски дизел, според фабричката декларација троши 3,2 литри, додека под новите услови се покажува дека му се потребни околу пет литри. Оваа транспарентност ќе влијае врз натамошниот развој на моторите. Дизел моторот сепак ќе испадне како победник наспроти бензинскиот мотор, затоа што предноста во потрошувачката на гориво ќе стане уште поевидентна.

[FAG id=24448]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan ќе го „наелектризира“ финалето во Лигата на шампиони

Германија ќе забрани продажба на автомобилите на Fiat Chrysler?