за

Mercedes го пушта GLC Coupe како конкурент на X4

Конкуренцијата меѓу купе-теренците од средната класа се буди. X4 како единствен модел во оваа класа, сега добива силен соперник од Штутгарт. Со GLC Coupe продолжува моделската офанзива на Mercedes.

Во моментов може да се стави облог околу тоа дали следниот нов модел што ќе го претстави некоја марка ќе биде спортски теренец. Во случајот на GLC Coupe, малкумина ќе се обложуваа на спротивното, затоа што Mercedes уште лани го прикажа моделот на салонот во Шангај – како концептен автомобил, но фактички веќе готов сериски модел. Спортските теренци и кросовери од сите класи бележат продажба по нагорна линија и производителите соодветно го користат ова расположение на купувачите да додадат нешто ново.

mercedes glc coupe 19
Внесувањето елементи на купе ја менува динамиката на имиџот на спортските теренци, наспроти веќе унифицираната и здодевна кутиеста форма

Купе-теренец, на пример. Досега, BMW X4 единствен го покриваше овој сегмент во средната класа, иако ниту Jaguar F-Pace или Range Rover Evoque не се далеку. Во секој случај, вкрстувањето меѓу теренец и купе внесува нова динамика во имиџот и тоа им се допаѓа на купувачите, во замена за кутиестата, здодевна и унифицирана форма.

Што е тоа што им се допаѓа на луѓето, најдобро објаснува главниот дизајнер на Mercedes, Горден Вагенер: „GLC Coupe го прикажува иконскиот дизајн на купеата на Mercedes и ја симболизира биполарноста на нашата марка – тој е ‘hot and cool’. Со јасните и емотивни форми, тој совршено ја отелотворува нашата дизајнерска философија и го претставува модерниот луксуз.“

Каросеријата е подолга и пониска во споредба со стандардниот GLC

Купе-теренецот во моделското семејство на класата C е долг 4,73 метри и висок 1,60 метар, со меѓуоскино растојание од 2,87 метри. Со тоа, GLC Coupe е осум сантиметри подолг од стандардниот GLC, но и четири сантиметри понизок. Предните столбови се закосени повеќе и преоѓаат во ниската и заоблена линија на покривот, за силуетата да финишира во големото задно стакло. Тука отсуствува бришач, затоа што воздушната струја е доволна да ја заврши работата. Токму овој „мал“ детал говори за посветеноста на дизајнерите да го оправдаат купето во теренецот.

mercedes glc coupe 16
Како што е редот во „купе“, во кокпитот пречекува благородна средина со меки и елегантни линии и избрани материјали и бои

Ентериерот е дополнително облагороден како што доликува на купе, со долг и елегантен панел по целата должина на таблата, кој продолжува и во вратите. Овие форми и линии заживуваат вистински со опционалниот пакет AMG Line, со спортски седишта во комбинација од вештачка кожа и микрофибер, а по желба и во две бои.

Спортското подвозје е стандард, заедно со петте програми на Dynamic Select, коешто може да се надгради во следното ниво Dynamic Body Control, со приспособлива амортизација и уште поспортска карактеристика. Посебноста на GLC, а со и на GLC Coupe е во можноста да се доплати за пневматска амортизација Air Body Control со електронска контрола. Mercedes е единствен во класата што ја нуди оваа опција и со тоа постигнува уште поубедлив спој меѓу комфорот и динамиката во возењето.

mercedes glc coupe 2
Пневматската амортизација е силен адут на Mercedes GLC Coupe во претстојната конкурентска битка во која насоро ќе се придружат и останатите премиум марки

При избор на модусот Sport+, каросеријата се спушта за 15 милиметри и соодветно се скрутува и амортизацијата, додека во „спротивниот“ модус Comfort, на располагање стои вообичаениот комфор на пневматиката. На тоа се надоврзува и значително редуцирање на навалувањето во свијоци, автоматско приспособување според оптовареноста и спуштањето на опашот за 4 сантиметри заради полесно товарање на багажникот.

Својствено за Mercedes, практичноста не останува запоставена. Багажникот располага со зафатнина меѓу 491 и 1.205 литри, додека просторноста и функционалноста на кабината се на слично ниво со стандардниот GLC. Ширината на кабината во делот на рамената и лактите е идентична кај обата модела, исто како и должината на просторот за нозе.

Mercedes предводи во аеродинамиката и во овој сегмент

За поспортското чувство во GLC Coupe се грижи и управувањето со скусен преносен однос (15,1:1 наспроти 16,1:1 кај GLC), вклучувајќи и соодветно намалување на сервоподдршката во модусите Sport и Sport+. Со коефициентот на отпор на водух од cW 0,31 и челна површина од 2,53 m2, купе-теренецот поставува нови стандарди во сегментот, исто како и со тежината од 1.710 килограми кај GLC 250 4Matic Coupe. За тоа меѓу другото придонесуваат примената на алуминиум во каросеријата и во подвозјето, како и куќиштето на менувачот од магнезиумска легура.

Понудата ја сочинуваат четири дизели и четири бензинци, еден плагин-хибрид и спортска верзија од Mercedes-AMG. Основа се дизелските модели GLC 220 d и GLC 250 d 4MATIC Coupé, со моќност од 170, односно 204 КС, како и бензинскиот GLC 250 4MATIC Coupéсо 211 КС, со коишто ќе стартува продажбата наесен, за кон крајот на годината да пристигнат и останатите моделски изведби. Хибридниот GLC 350 e 4MATIC Coupé располага со системска моќност од 320 КС и досег на возење на струја до 30 километри.

Спортски Mercedes-AMG GLC 43 Coupe како прв на понудата – привремено

Како најспортски претставник доаѓа Mercedes-AMG GLC 43 4MATIC Coupé, со трилитарскиот V6 со 367 КС кој неодамна доживеа премиера и во стандардниот GLC. Со овој мотор, купе-теренецот спринтува до сто за помалку од пет секунди. Со исклучок на хибридот, кој поседува седумстепен автоматик 7G-Tronic Plus, во сите останати моделски изведби се вградува 9G-Tronic. Сосема е веројатно дека во следната година ќе следи и „вистинска“ и уште поостра верзија од AMG.

Во стандардната опрема спаѓаат алу-бандажи од 18 инчи, хромирани детали на каросеријата, заден капак за полесно товарање, мултимедиски систем Audio 20 CD, камера за рикверц, пристап и стартување без клуч и седишта со вештачка кожа. Од системите за асистенција, стандардно се вградуваат систем за самостојно запирање при опасност од судир, асистенција при страничен ветар, автоматски долги светла и посебно дотерана контрола на стабилност за поголема динамика во свијоци.

Во вообичаениот манир на Mercedes, новиот модел прво ќе биде достапен во ексклузивната прва серија „Edition 1“, со пакет AMG Line за ентериерот, бандажи од AMG со пречник од 20 инчи, специјални бои за каросеријата и кожени седишта во две бои.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Испорачани првите примероци од Bentley Bentayga

Jaguar ќе произведува „нови“ олдтајмери од легендарниот XKSS