за

Mercedes го зголемува водството пред BMW и Audi

mercedes

Mercedes во првите девет месеци од годинава продал 1,7 милион возила или за 12 проценти повеќе отколку лани. Напредокот на конкурентот BMW е трипати послаб, а ниту Audi не може да го следи темпото на лидерот.

Новата генерација на E-Class и широката понуда од модели во сегментот на спортските теренци придонесоа Mercedes да го зголеми лидерството пред BMW и Audi. По повеќе од еднодецениско тронување на BMW како најголем производител на премиум возила во светот, Mercedes лани го презеде водството во сегментот во когошто доминира германското трио. Ова водство се чини дека сега преоѓа во доминација.

Во првите девет месеци од годинава, Mercedes-Benz продал 1,72 милион возила или за 12 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Тоа е трипати поголем раст во споредба со BMW, кој до септември продал 1,54 милион автомобили. Последниот во премиум-триото, Audi, засега ја губи шансата за преземање на водството, со пад од 2 проценти и 1,38 милион продадени автомобили.

Расте и продажбата на кабриолетите, купеата и родстерите на Mercedes

Моделската офанзива со агресивно проширување на понудата од спортски теренци му помогна на Mercedes да се врати на позицијата на најголема премиум марка во светот. Но, не „растат“ само теренците, напредуваат и многу поегзотичните модели. Во септември, продажбата на спортските теренци пораснала за 15 проценти во споредба со лани, но уште поимпресивен е порастот на купеата, кабриолетите и родстерите, со дури 21 процент.

BMW вложува во скапите сегменти што носат профитабилност, со најавите за луксузниот теренец X7 и за ексклузивната серија 8, како одговор на Mercedes GLS и S-Class Coupe

Според BMW, задршката во продажбата во септември се должи на тоа што клиентите го очекуваат стартот на новата генерација на теренецот X3. За заостанувањето зад швабскиот конкурент да се надомести, Минхен вложува во скапите сегменти во коишто се постигнува и најголемиот профит. Понудата на теренци наскоро ќе биде крунисана со X7, а исто така е извесно и пристигањето на ексклузивната серија 8. Во исто време се вложува многу во електромобилноста и пилотираното возење.

Возењето на батерии е новиот луксуз: Vision Mercedes-Maybach 6 Cabriolet

Audi во изминатиов период беше под силен удар од последиците на дизел-скандалот, со голем пад во продажбата. Растот од околу три проценти во септемвриската продажба не ветува дека Audi во иднина би можел посериозно да ги загрози конкурентите Mercedes и BMW. Изненадувањето може да пристигне единствено од кинескиот пазар, кадешто премиум марката на Volkswagen традиционално ужива висок углед.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Роботските автомобили, Audi A8

Роботските автомобили минаа на полигон, останува уште градска

луксузни теренци

Луксузни теренци на местото на господските лимузини