132
18 shares, 132 points

Руските власти ги потврдуваат преговорите со Mercedes за отпочнување со изградба на фабрика на германската премиум марка во близина на Москва. Конкурентите BMW и Audi веќе одамна се присутни на рускиот пазар со локална продукција.

Фабрика на Mercedes ќе се гради во близина на руската престолнина. Наскоро се очекува и официјално да биде потпишан договорот со Москва. Летоска концернот Daimler потврди дека преговара со руските власти за можно производство на автомобили во земјата, не наведувајќи конкретни детали.

Русија ќе увезува готови модули за завршна монтажа на 30.000 спортски теренци на Mercedes на годишно ниво, коишто ќе се водат како локална продукција. Инвестицијата во проектот би изнесувала околу двесте милиони евра.

Конкурентот BMW веќе има потпишано соработка со рускиот производител Avtotor, којшто врши завршна монтажа на лимузини спортски теренци од готови модули во погоните во Калининград, додека Audi произведува автомобили во сопствената фабрика на концернот Volkswagen во Калуга.

Русија со потенцијал да прерасне во водечки пазар во регионот

Германското премиум трио инвестираше во руското производство, поради потенцијалите на Русија да прерасне во водечки пазар во регионот, но силниот и долготраен економски удар од ниските цени на нафтата и санкциите од западот, предизвика длабока криз во земјата, проследена со постојан пад во продажбата на автомобили.

Пазарните аналитичари предвидуваат дека наскоро ќе следува стабилизација на рускиот пазар на автомобили, иако падот во продажбата на луксузните автомобили е незначителен, во споредба со големоволуменските модели. Mercedes е 11-та најпродавана марка на рускиот пазар, пласиран подобро и од големоволуменските марки Ford или Chevrolet.

Според последните продажни статистики, Mercedes за единаесет месеци лани има продадено 38.942 возила на рускиот пазар (-15,8%), BMW заостанува со 25.169 продадени возила (-0,7%), додека Audi е на третото место со 19.059 продажби и пад од 18,2 проценти во споредба со истиот период преклани. Мошне високо котира и јапонската премиум марка Lexus, со 21.607 продадени возила на рускиот пазар лани.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

132
18 shares, 132 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *