170
22 shares, 170 points

Концептен автомобил од Mercedes пристига наесен на салонот во Париз, како најава за идниот електричен модел со продолжен досег. Во Штутгарт созрева и автомобил со водороден погон, како и нов електричен Smart.

На салонот во Париз во октомври ќе дебитира концептен автомобил со новата генерација електричен погон на Mercedes, со значително продолжен досег во споредба со тековните модели на пазарот. Првиот човек на развојот на нови модели во Штутгарт, Томас Вебер, официјално го потврди претставувањето на концептот на електричен спортски теренец на големиот авто-салон наесен, посочувајќи на досегот од најмалку 500 километри со едно полнење на батериите. Можноста за индуктивно полнење на батериите веќе се подразбира.

Според Хер Вебер, за многу скоро време ќе пристигнат и првичните резулатати од тестирањата на идниот модел во реални услови на сообраќај. Шефот на техничарите на Daimler не посочи точно кога новиот модел ќе стартува со продажба, туку само наведе дека тоа ќе се случи до завршетокот на декадава. Конкурентите Audi и Porsche веќе ги претставија концептните автомобили со електричен погон со продолжен досег, а во најскоро време се очекува и BMW да претстави таков концепт.

Дури 25 моделски изведби со хибриден погон под сребрената ѕвезда

Како новитети во сегментот на возила со електричен погон, пред крајот на годинава ќе стартува и продажбата на двоседот Smart и четириседот Smart во електрична верзија.

Марката Mercedes моментно ја има во понуда електричната верзија на B-Class, под моделската ознака B 250 e, како и повеќе моделски изведби со дизел-хибрид и плагин-хибриден погон во гамата на C-Class (C 350 e, C 300 h), S-Class (S 500 e, S 300 h, S 400 h), GLC-Class (GLC 350 e) и GLE-Class (GLE 500 e) – вкупно 25 најразлични моделски изведби со хибриден погон, што е веќе солидна понуда. Непосредно пред пазарен старт е и плагин-хибридната верзија Е 350 е, со системски 286 КС и 30 километри досег на струја, а следат и натамошни моделски изведби.

Продажба од 100.000 електрични и плагин-хибриди до 2020 година

Цел на Daimler е до завршетокот на деценијата да достигне продажба од 100.000 плагин-хибриди и електрични модели на годишно ниво. Во понудата дополително ќе се вклучи и верзија на компактниот теренец GLC со погон на водород, чијашто продажба стартува в година. GLC F-Cell сепак ќе има една посебност. Горивните ќелии што се основа на водородниот погон, ќе работат во комбинација со батерии, односно Mercedes ќе го изведе GLC F-Cell како „водороден-хибрид“. Енергијата од батериите со капацитет од 9 киловачасови ќе се користи при секојдневните градски тури, додека при посилно оптоварување и при возење на отворено, работата ќе ја преземе водородниот погон, со повремена испорака на струја од батериите.

Освен 14 милијарди евра во развој на новите електрични модели, вклучувајќи го и воведувањето на 48-волтната мрежа во пошироката моделска понуда, Mercedes инвестира и половина милијарда евра во фабрика за батерии во Каменц, во Саксонија.

[FAG id=24732]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

170
22 shares, 170 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *