за

Mercedes ги заменува алуминиумските клипови со челични

Алуминиумот долго време важи како стандарден материјал за изработка на клиповите. Но, Mercedes разви нова технологија со којашто челичните клипови доаѓаат во предност.

Марката со сребрената ѕвезда е мајка на дизел моторот во патничките автомобили – Mercedes прв вгради дизел мотор во 1936 година во моделот 260 D. Оттогаш редовно се случуваат револуции со дизел техниката во Mercedes, па сега и последнава: Во септември ќе биде претставен новиот Mercedes E 350 Bluetec во чијшто V6 работат клипови од челик место од алуминиум. Благодарение на челикот, моторот со 258 КС постигнува просек од 5,0 l/100 km, односно е за 3% поштедлив.

Челичните клипови се вообичаени кај камионските мотори во комбинација со тешки куќишта од сив лив, додека алуминиумот долго време е стандард кај автомобилските мотори. Инженерите на Mercedes развија технолошки напредни челични клипови, коишто совршено се вклопуваат со лесните куќишта од алуминиум и со технологијата на обложување на цилиндерските кошулки со наночестички, познатата Nanoslide.

Предноста на челикот е во помалата дилатација, односно во значително помалото ширење при загревање во споредба со алуминиумот – околу една четвртина помалку. Тоа се искористи за намалување на толеранциското подрачје во налегнувањето на клиповите врз кошулките во цилиндрите – народски, челичните клипови легнуваат „кнап“ во цилиндрите во алуминиумскиот блок. Како што расте температурата, алуминиумското куќиште се шири повеќе од челичните клипови и се отвора повеќе „зјај“, а како резултат од тоа се намалува триењето.

Новите клипови се ковани од висококвалитетен челик со особено голема цврстина, што е предизвик и за производителот. Развојот на новата технологија се исплатеше, затоа што клиповите се помали. Конкретно, тие се 13 милиметри пониски од нивните алуминиумски пандани (71,6 наспроти 58,6 милиметри), додека тежината им е иста, благодарение на интелигентната конструкција.

Челикот обезбедува предност и во ефикасноста. Поради помалата топлинска спроводливост се постигнуваат повисоки температури во коморите за согорување. Тоа го подобрува палењето и се намалува времетраењето на горењето. Тоа повторно влијае поволно врз потрошувачката и емисијата на штетни материи. Интерните тестови докажаа дека новите клипови овозможуваат повисока штедливост во ниското и средното работно подрачје.

Технологијата ќе продолжи да се усовршува. Клиповите ќе се смалуваат, а ќе се зема во предвид и поголемата отпорност на механички оптоварувања на челикот – сето тоа оди во прилог на принципот на „даунсајзинг“. Челичните клипови се поцврсти, моторот може да работи со повисока температура, а со тоа се постигнува и повисок термодинамички степен на ефикасност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Француската влада преоѓа на возен парк на струја

Најнеобичните сообраќајни закони во светот