за

McLaren Speedtail: Лордот од лентата за престигнување

McLaren Speedtail

Најблагородното парче автомобил отсега ни доаѓа од Вокинг. Повторно. McLaren Speedtail можеби не е најсилен, најбрз и најскап автомобил моментно, но фановите на марката и на легендарниот F1 не го гледаат поинаков од тоа. Сите останати, исто така

Тркачката машина со името на најголемата возачка легенда во формула 1 беше само вовед. По McLaren Senna, Британците го претставуваат својот врвен модел, со 1.050 КС и со три седишта во духот на McLaren F1. Поимот суперспортски автомобил веќе одамна не важи во Вокинг, во седиштето на фирмата. McLaren Speedtail е ултраспортски автомобил и го претставува најдоброто што британските специјалисти за брзина и моќ го имаат постигнато во историјата на марката. Тој го наследува P1 како дел од таканаречената ултимативна серија на McLaren.

Овој ултраспортист со 12,8 секунди до темпо 300 може да се вози по улица како секој друг автомобил

Забрзувањето од место до 300 km/h трае само 12,8 секунди, а крајната брзина од 403 km/h ги надминува 391 km/h на McLaren F1, кој долги години важеше како најбрз сериски автомобил во светот. Британците уште еднаш му оддаваат почит на својот F1 и со бројноста на серијата од 106 примероци, во којашто ќе се изработи McLaren Speedtail. Толку примероци на времето се изработија и од автомобилот што ги помести мерилата во автомобилскиот свет во средината на 1990-те години.

McLaren Speedtail 1

Нема да зачуди тоа што сите примероци се веќе продадени и покрај цената од два милиона евра, без даноци. Тоа е само „ориентациска“ цена за јавноста, бидејќи е сосем јасно дека секоја посебна желба на клиентите ќе чини најмалку по уште еден милион евра. Првите примероци ќе бидат испорачани во почетокот на 2020 година.

Како што наведува и името, највпечатлив дел во појавата на McLaren Speedtail е опашот

Според McLaren, ова е најдобриот автомобил за возење по нормален пат. Нема траги од агресивност или грубо демонстрирање моќ во дизајнот на овој автомобил, туку напротив, McLaren Speedtail оддава елеганција и култивирана спортска нота. Изгледот на предниот дел од возилото, со исклучително тенките диодни светла, не се разликува премногу од останатите серии на марката. Разликите повеќе се забележуваат отстрана и во задниот дел од автомобилот.

McLaren Speedtail 9
Бојата се нарекува Speedtail Silver и создадена е посебно за најдобриот автомобил во историјата на McLaren

Впечатокот не мами. Должината изнесува 5,14 метри, што е многу повеќе отколку останатите хиперспортски автомобили. Постои уште еден автомобил со слични пропорции: Maserati MC12, кој има идентична должина со „брзоопашестиот“. Брзо се забележува дека отсуствуваат агресивни спојлери. Но, тоа не значи дека техничарите на McLaren ги одбиваат „услугите“ на ветрот. Во издолжениот опаш се наоѓаат еден вид крилца, слични како кај авионските крила. Такви детали се и аеро-капаците за предните бандажи со формат од 20 инчи. Покрај тоа, возачот и патниците во Speedtail не мора да бараат ултра затемнети очила, кога сонцето е ниско на хоризонтот: Електрохроматското стакло ги затемнува соодветните подрачја во стаклената купола и нема потреба од класични штитници за сонце.

Возачот седи во средина исто како во McLaren F1

Изгледот на внатрешноста на хиперспортскиот автомобил е најблиску до вселенски брод. McLaren може да си го дозволи каприцот, возачкото седиште да е поставено средишно, исто како во F1 – како во McLaren F1 и како во болид во F1. Седиштата лево и десно се поместени наназад, поточно изработени се како составен дел од карбонската монокок-основа на овој цивилен болид. Тоа што вратите се крилести веќе престанува да биде спектакл во овој хиперавтомобил.

McLaren Speedtail 2

Работното место на возачот е пречистено од копчиња. Место тоа, во кокпитот има пет дисплеи, од коишто три служат за прикажување на возните и останатите информации, додека останатите два дисплеи се поставени странично и на нив се прикажува сообраќајот зад возилото – тука нема место за класични ретровизори, тука работат камери.

Копчињата и прекинувачите може да се најдат горе, на таванот, исто како кај McLaren Senna. Во овој од кокпитот се избира модусот за возење и се активира „полетувањето“, а оттука се отвораат и прозорците и се отклучуваат вратите.

Футуристичките концептни автомобили пред 20 години имаа ваква странична силуета пред 30 години

Целото возило е скроено според начелата за постигнување на колку е можно повисока максимална брзина. Страничната силуета е како водена капка, што е совршената форма за пробивање низ воздухот. Кога ќе се појде во лов на крајната брзина, дури и камерите што ги заменуваат ретровизорите се вовлекуваат, а аеро-капаците на предните бандажи се затвораат, само со цел да се прави најмалку отпор. Во тие моменти се поместуваат и крилцата во опашот.

McLaren Speedtail 5

McLaren Speedail го изведува сето тоа во таканаречениот модус Velocity, кога и каросеријата се спушта за 35 милиметри. Ентузијастите по овие ловци на брзини знаат дека проблемот со крајните брзини уште одамна не е во моќноста и во „металот“, туку е во гумите. Pirelli изработи специјални P-Zero кои можат да ја издржат крајната брзина од 403 km/h, за дванаесет повеќе од легендарниот F1.

Врвните својства на McLaren Speedtail не може да се реализираат без врвен инженеринг – и ултра скапи материјали

Возилата ќе се изработуваат во специјалното одделение MSO, од врвни мајстори, со врвни технологии и езотични материјали. Предниот сплитер, дифузорот и страничните прагови, на пример, изработени се од таканаречен 1K Titan Deposition Carbon Fibre. Овој материјал располага со 1.000 влакна по сноп и полесен е од обичниот карбон. Покрај тоа, екстраскапиот материјал има и помали ограничувања при обликувањето и може да се изведе во која било боја.

McLaren Speedtail 19
За логото на McLaren може да се побара да биде изработено од бело злато или платина

Во цената од преку два милиони евра е вклучен и комплет куфери, изработени по мера. Како пример за можностите што им се даваат на клиентите при изработката на возилото, може да послужи фактот што логото на McLaren се нуди на избор во верзија од бело злато или платина.

Speedtail е хибрид исто колку што болид во формула 1 е хибрид

Со своите 1.050 КС, McLaren Speedtail располага со 134 КС повеќе од претходникот P1. Исто како него, погонската спрега е изведена како хибрид. Британците уште не откриваат детали околу погонот, но може да се претпостави дека се користи четирилитарскиот V8 со 800 КС од Senna. Спринтот од 12,8 секунди до темпо 100 е за речиси четири секунди покус од P1. За тоа се грижи и ниската тежина од 1.430 килограми.

F1 уште е ненадминат. Тој беше побавен за само 12 km/h во 1998 година, кога постави рекорд за најбрз сериски автомобил во светот. Сето тоа, F1 го постигна со баварски дванаесетцилиндарец без турбонатполнење, со „само“ 627 КС, со мануелен менувач, без помош од електромотор, без активна аеродинамика, па дури и без специјално изработени гуми.

[FAG id=35773]

Спектакл за испораката на првиот McLaren Senna

Овој McLaren Senna чини 7.000 евра и служи како украс

McLaren го произведе 15.000-от автомобил

McLaren 720S најубав спортски автомобил на Париз Фестивал

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

делови на мотор, skoda fabia Stest AB100

Можете да ги препознаете овие делови? (Втор дел)

делови од автомобил, делови од мотор

Можете да ги препознаете овие делови? (Трет дел)