за

McLaren 600LT ја круниса спортската серија од Вокинг

McLaren 600LT

McLaren претставува уште еден модел со легендарната ознака LT. Овојпат е на ред основната моделска серија, отсега крунисана со McLaren 600LT

Точни испаднаа претпоставките дека најавите од спортската марка од Вокинг се однесуваа на додавањето на верзијата LT во таканаречената Sports Series. McLaren 600LT пристига како круна на основната моделска серија на McLaren, којашто ја сочинуваат 540C, 570S Coupe, 570S Spider и 570GT.

Ова е четврти модел на McLaren со ознаката Longtail, односно „продолжен опаш“, по легендарниот F1 GTR од 1997 година и по купе и спајдер верзиите од 675LT. Основа е 570S, кој претрпува значајни промени со цел да се постигнат уште подобри возни својства и уште покусо време на тркачка патека. Однадвор се забележуваат поагресивен преден спојлер, издолжен дифузор назад и фиксен спојлер.

Секој четврти дел во 600LT е различен во однос на 570S кој служи како основа

Британската марка произлезена директно од кралицата во мотоспортот открива дека близу една четвртина или точно 23% од компонентите на 600LT се разликуваат од „570“. Сопирачките се олеснети, моторот има добиено поиздржливи лежишта, со неколку мајсторски и фини преправки е постигнато уште попрецизно чувство на воланот и уште подиректно пренесување на командите. Монтирани се и гуми Pirelli Trofeo R.

McLaren 600LT 2

Познатиот осумцилиндарец со зафатнина од 3,8 литри и битурбо натполнење постигнува 600 КС и вртежен момент од 620 њутнметри. Посебен детал се двете дебели издувни цевки, коишто излегуваат од капакот врз моторот, слично како кај McLaren Senna. Покрај смалениот отпор, уште една придобивка од ова решение е бруталниот звук. Како што откриваат инженерите во Вокинг, издувните цевки се дури и покуси отколку во хиперспортскиот Senna.

McLaren не е марка што посветува многу внимание на украсување на ентериерот со детали што немаат директна врска со перформансите и возните својства, па затоа и внатрешноста на ексклузивниот McLaren 600LT е идентичен со останатите модели во „спортската серија“. Исклучок се карбонските школки, коишто се преземени од P1. Црвена алкантара е сосем на место во кокпитот.

По два килограми по коњска сила со екстра-компонентите од MSO

Главното внимание при усовршувањето на концептот било поставено на намалувањето на тежината. Резултатот се 96 килограми помалку во споредба со 570S. Со избор на специјални и скапи компоненти од куќниот тјунер MSO (McLaren Special Operations), одземањето на килограми може да продолжи до постигнување вкупна тежина од само 1.247 килограми. Тоа се постигнува на пример со нарачка на карбонски покрив или карбонски крила од MSO. Не е тајна дека карбонот е омилениот материјал на McLaren. Сите модели поседуваат карбонски монокок.

McLaren 600LT ќе се произведе во ограничена серија, почнувајќи во октомври, во период од 12 месеци. Изработката е рачна, ценовникот почнува од 185.500 фунти, односно околу 210.000 евра. Во цената е вклучена ексклузивна возачка обука на тркачка патека.

Врска до страницата на моделот:
http://cars.mclaren.com/sports-series/600lt

[FAG id=33385]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

bmw 3..0 csl

Баварците пристигаат со BMW 3.0 CSL и BMW M1 на парадата на легендите

Расте продажбата на автомобили со погон на метан