за ,

McLaren 570GT за тркачи на долги патеки со багаж

McLaren додаде нов модел во третата моделска серија. 570GT е полуксузен, порелаксиран и има багажник. Секако дека и брзината му е доблест. Но, до Porsche 911 Turbo му недостига уште малку.

По 570S и 540C, како трет член во основната и најмлада моделска серија на McLaren пристига 570GT. Каросеријата е варијација на неговите претходници и соодветно на значењето на додавката GT во ознаката, за Gran Turismo, моделот е замислен како суперспортски автомобил што ќе понуди малку повеќе луксуз и комфор во возењето. Дебито на 570GT ќе се случи веќе во почетокот на следниот месец, на салонот во Женева. На истото место в година се очекува да пристигне и Spider, како трета каросериска изведба во гамата на оваа моделска серија

mclaren 570 gt 015Основата потекнува од 570S, што значи дека подвозјето располага со приспособливи амортизери, со можност за избор на нормална, спортска или тркачка програма. Разликата е во тоа што електрониката дозволува малку повеќе комфор во регулацијата на работата на амортизацијата. Во исто време, предните пружини се помеки за 15 проценти и задните за 10 проценти, за долгите крстосувања да бидат уште малку попријатни за патување. На тоа се надоврзува и незначително „одземање“ на директноста во управувањето, за два проценти.

Во каросеријата е додадена дополнителна звучна изолација, а и издувот работи потивко во споредба со 570S. Внатре веќе се подразбира кожа по целиот ентериер и луксузни ставки, како електрика за седиштата, паркинг-сензори, врати со механизам за меко затворање и огромен стаклен покрив со 18-процентно затемнување. Последново е во стил на ултраспортскиот McLaren P1.

mclaren 570 gt 013Најголемиот „новитет“ што го поседува 570GT сепак е создадениот простор за багаж меѓу седиштата и моторот. Според McLaren, во овој простор што е обложен со кожа треба да собере багаж со зафатнина до 220 литри. Во тој случај, возачот ќе мора да се откаже од каква било прегледност наназад. Пристапот до багажникот се врши преку стаклен капак што се отвора странично. Ако се брои и просторот во предниот багажник, во „гран туризмо“ изведбата на Британците собира вкупно 370 литри багаж. Со тоа, 570GT е подготвен за сите можни задачи во секојдневието и за соочување со Porsche 911 Turbo. Но, има една разлика. Германскиот класичар во основа нуди простор за уште двајца патници, на задната клупа, додека McLaren останува само на придружбата од совозачкото седиште. Како тоа да е важно.

Затоа, пак, McLaren 570GT и натаму е пеколно брз. Моторот V8 со битурбо натполнење и зафатнина од 3,8 литри е неизменет од 570S. Стандардно следуваат 570 КС и вртежен момент од 600 њутнметри. Ниту супербрзиот седумстепен менувач со двојна спојка не смее да отсуствува. Спринтот до сто трае 3,4 секунди, односно 0,2 секунди подолго во споредба со 570S, но и 0,1 секунда покусо од 540C, до двеста километри на час се стасува за 9,8 секунди, четвртина милја трае 11,1 секунди, а крајната брзина е 328 km/h. Кусото доцнење при спринтот до 100 km/h се должи на зголемената тежина. Тоа конкретно изнесува 37 килограми, односно вкупно 1.350 килограми. Во тој поглед, 570GT и натаму е шампион во „суперлесна категорија“.

mclaren 570 gt 016„Најлуксузниот и најпрактичен McLaren во историјата“, како што наведуваат од Вокинг, поседува сопирачки дискови од челик, место од карбон-керамика како кај „S“, додека одзади стои спојлер што е за добри десет сантиметри повисок. Нови се и бандажите со 15 краци, со пречник од 19 инчи напред и 20 инчи назад. Со комфорно-динамичниот карактер на возилото одат и специјално проектирани пневматици Pirelli P-Zero, кои меѓу другото носат стишување за три децибели на звукот што од контактот со подлогата се пренесува до кабината.

Релаксираната возачка средина секако ќе им се најде добредојдена на идните сопственици на 570GT, откако ќе издвојат 154.000 фунти или близу 200.000 евра за возилото. Тоа е цена мошне блиска до Porsche 911 Turbo S со 580 КС, но сепак се работи за McLaren. Првите купувачи ќе можат да седнат зад воланот кон крајот на годинава.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat ги поврзува во мрежа автомобилот и сопственикот

Audi A6 оценет како најиздржливо користено возило според Декра