за

McLaren со уште една рекордна година

mclaren 720s

McLaren имаше убава завршница лани со претставувањето на Senna. Уште подобра завршница се бројките од продажбата. Единствената спортска марка што и натаму одбива да вклучи теренец во понудата продаде над 3.300 автомобили. Уште еден рекорд.

McLaren и без теренски автомобил во понудата може да постигнува раст во продажбата. Британската марка што е израсната на тркачките патеки лани продаде 3.340 автомобили. Две третини од оваа бројка отпаѓаат на моделите од спортската серија, чиишто сопственици првпат седнуваат во автомобил на McLaren. Преостанатата третина им припаѓа на моделите од супер серијата.

Од спортската серија, во којашто спаѓаат 570GT, 570S, 540C и 570S Spider, продадени се 2.119 примероци или за 88 повеќе отколку преклани. Поскапата и уште поекстремна супер серија (675LT Spider и Coupe, 650S, 625C и 720S) привлекла 1.221 нови сопственици, односно приближно исто колку во 2016-та, иако новиот 720S е само шест месеци во продажба.

Сите три серии добија по еден нов модел: Во спортската серија пристигна 570S Spider, во супер серијата имаше смена на 650S со новиот 720S, додека на врвот, во ултимативната серија, пристигна McLaren Senna. Најекстремниот модел на марката досега е именуван по легендарниот Аиртон Сена, кој сите три шампионски титули во формула 1 ги освои во McLaren. Со само 1.198 килограми, Senna е незначително потежок од McLaren F1. Лимитиран на 500 примероци, болидот е задвижуван од 4,0 V8 сo 800 КС.

Зголемувањето на продажбата доведе и до втора смена во фабриката во Вокинг. Тука моментно се произведуваат до 20 автомобили дневно, исклучиво во рачна монтажа, а се испорачуваат до мрежата од над 80 дилери во 30 држави.

Со 1.234 продадени примероци, најголем пазар за McLaren е Северна Америка

Книгите со нарачки се полни за следните шест месеци. Хиперболидот McLaren Senna е веќе распродаден, а не заостанува ниту следниот нов модел во ултимативната серија, којшто се води под интерната ознака BP23.

Во следните шест години, во развој на нови модели ќе биде потрошена една милијарда фунти. Планот е до 2022 година да бидат претставени вкупно 15 нови модели, од кои три се веќе претставени. Во 2018 година претстои отворање на новата фабрика во Јоркшир, којашто ќе почне да работи под полна пареа една година потоа и ќе биде специјализирана за карбонски „туби“. Така во McLaren ги нарекуваат конструкциските елементи коишто ќе ја сочинуваат основата на структурата на сите идни модели. Солидна сума се издвојува и за идните верзии со хибриден погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

toyota tacoma

Toyota за една година продаде 2,5 милиони автомобили во САД

tesla model 3

Tesla Model 3 станува хроничен проблем на електро-специјалистот