за

McLaren повторно е главна ѕвезда на спортската сцена

McLaren 720S

McLaren лани ја зголемил продажбата двојно. Додека Porsche, Maserati и компанија се ориентираат на теренци, McLaren останува на чистокрвни спортски модели. Новите 720S и 570S Spider ветуваат уште една рекордна година.

McLaren објави уште една рекордна година во продажбата на своите спортски модели. Во профитот, исто така. Британскиот специјалист четири години по ред бележи рекорди. Во ланската деловна година, McLaren продал 3.286 автомобили, точно двапати повеќе отколку во 2015 година. Соодветно пораснал и профитот, на повеќе од 10 милиони евра.

McLaren ќе претстави 15 нови модели и моделски изведби до 2022 година

Тоа е постигнување за респект, особено кога ќе се земе предвид фактот дека марката започна да ја проширува својата понуда од модели во 2011 година. Дури и менаџерите во Вокинг се изненадени од успехот. Продажбата е за 10% над очекувањата. Бизнис планот што се води под „Track22“, предвидува до крајот на 2022 година да бидат претставени 15 нови модели и моделски изведби. Новиот 720S е прв модел на овој список.

McLaren 720S_570S Spider

Најголемиот дел од продажбата отпаѓа на таканаречената спортска серија, односно на 570GT и 570S. „Основните“ модели на марката што израсна на тркачките патеки на кралицата во мотоспортот лани се продале во 2.031 примерок. Добро проаѓа и супер-серијата, со моделот 675LT во купе и спајдер изведба. Вклучувајќи ги лимитираните серии коишто се продадоа за само неколку недели, суперсеријата лани достигнала продажба од 1.255 примероци.

Над 1.500 нарачки откако McLaren 720S доживеа премиера во Женева

Во март беше претставен McLaren 720S, како наследник на 675LT. Уште од старт, новакот го престигнува својот претходник. Од салонот во Женева досега, примени се над 1.500 нарачки. Штотуку пристига уште еден нов модел, 570S Spider, кој денес ја има својата светска премиера на прочуениот Фестивал на брзината во Гудвуд.

https://www.facebook.com/mclarenautomotive/posts/10154706522366717

Најголем регионален пазар и натаму е Северна Америка, со 1.139 примероци и раст од 106%. Европа е уште повеќе загреана за спортската марка од островот. Растот тука изнесува 153%, со вкупно 996 продадени возила. Кина следи со 228 примероци.

За зголемувањето на профитот има заслуга и MSO, одделението за специјални операции, односно за изработка на лимитирани серии и уникати точно според барањата на клиентите.

Осумдесетте дилери на марката низ светот работат под полна пареа

Во меѓувреме во Вокинг се произведе и десетилјадитиот автомобил под знакот на McLaren. Шефовите не очекуваат дека во видно време ќе се потвори скокот од минатата година. Но, реакцијата на публиката по премиерата на 720S и на новиот 570S Spider можеби кажува дека тие не се во право. Осумдесетте дилери на McLaren низ светот веќе работат под полна пареа.

Според планот „Track22“, McLaren во 2022 година ќе достигне продукција од 4.500 возила, од коишто половината ќе користат хибриден погон. Се работи и на електричниот погон што ќе го користи идниот модел во ултимативната серија. Наследникот на P1 и на незаборавниот McLaren F1 ќе вози чисто на батерии.

McLaren F1

Во „производствениот центар“ на McLaren моментно се изработуваат до 20 автомобили дневно, во најголемиот дел рачно и за првпат во две смени. Се гради и сопствен погон за изработка на карбонска шасија за идните модели, кој ќе стартува со работа во 2020 година. Теренец не се спомнува во плановите на McLaren.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Rolls-Royce Dawn Black Badge

Rolls-Royce во уште едно „темно издание“ за Гудвуд

Ferrari Cavalcade 2017

Кавалкада на Ferrari по шести пат: Најексклузивниот собир на „фераристи“