за

McLaren ги предизвикува колекционерите со „подзаборавен“ примерок од F1

McLaren F1

Еден од последните произведени примероци од легендарниот McLaren F1 се нуди на продажба, со само 4.500 километри и директно од фабричкиот двор. Колекционерите веќе се во наддавачка треска.

Примерок од McLaren F1 со сериски број 069, од последната серија од шест автомобили произведени во 1998 година, се наоѓа на продажба во „фабричкиот двор“ на фирмата од Вокинг. По повеќе од две децении откако беше претставен моделот, McLaren F1 за многумина ентузијасти останува ненадминат во поглед на начинот на којшто тој го револуционираше сегментот на суперспортските автомобили. Само 64 „патнички“ верзии на F1 се произведоа во периодот меѓу 1993 и 1998 година.

McLaren F1-50 2

Специјалното одделение на McLaren коешто во сите овие години се грижи за сервисирањето на F1, го понуди на продажба ексклузивниот примерок од последната произведена серија, во фабричка состојба и со само 4.500 поминати километри. Идниот сопственик ќе го добие ексклузивниот McLaren заедно со комплет куфери по мера, алат изработен од титан, комплетна литература и сервисни книшки, вклучувајќи ги уникатниот часовник што го добиваа сите купувачи на F1 и монографијата „Driving Ambition“ со точниот сериски број на возилото впишан во неа.

McLaren е причина за загриженост за Ferrari и компанија

Најбрз сериски автомобил со атмосферски мотор – и по повеќе од 20 години

Конструиран од Гордон Мареј и Питер Стивенс, McLaren F1 не е ништо друго освен болид од формула 1, претворен во „патнички“ автомобил. McLaren F1 е прв автомобил со шасија од карбон, со возачко седиште во средина и две седишта за патници назад. Со мотор V12 со работна зафатнина од 6,1 литри и моќност од 636 КС, McLaren F1 веќе 20 години го држи рекордот на најбрз „сериски“ автомобил со атмосферски мотор, со постигната брзина од 390,7 километри на час.

Колку ќе треба да плати идниот сопственик на „подзаборавениот“ примерок од F1 не е познато. Тоа функционира според принципот – кој ќе понуди повеќе.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fiat ќе го произведува роботизираниот автомобил на Google?

Tesla со режим за заштита од биолошко оружје