за

Новата Mazda3 почнува да вози по македонски асфалт

mazda3 салон мк

Новата Mazda 3 може да поентира од повеќе гледишта: Со дизајнот, со марката на којашто нашите возачи ѝ веруваат, со „евтиниот“ хибриден погон, со револуционерниот бензинец кој ја пали смешата под дејство на компресија. Mazda 3, добредојде.

Моделот на Mazda од компакт класата досега имал неколку славни поглавја. Уште како Mazda 323, пред преименувањето во Mazda3 во 2003 година, јапонскиот компакт го привлекуваше вниманието на сцената во каросериската изведба 323F или подобро позната како „фантом“, а фановите го помнат и GT-R, со своите 185 турбо-КС и погон на сите тркала. Во целата измината временска рамка, моделот постојано го следеше и имиџ на издржлив и квалитетно изработен автомобил.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во сегашната моделска генерација, Mazda3 повторно ја раздвижува сцената. Било да се работи за дизајнот, за комплетно различниот концепт на внатрешноста или за новите мотори од генерацијата Skyactiv-X, моделот го има вниманието. Во меѓувреме стартува и продажбата на македонскиот пазар. Паркиран пред салон, новиот модел изгледа како студија донесена директно од премиера во Женева или Франкфурт.

Дизајнот е верно визуелно прикажување на промените што се случија под каросеријата; Духот на Mazda3 сепак остана непроменет

Но, колку и да изгледа радикално, новата Mazda3 не го напушта проверениот концепт, кој донесе шест милиони продажби во претходните три генерации, со еден милион возила само на европскиот пазар. Изгледот се води според студијата Kai, која имаше премиера пред две години на салонот во Токио.

New item by Automedia MK / Google Photos

Највпечатлив дел во појавата е големата маска, чијашто доминација уште повеќе доаѓа до израз со тенките светла. Сите површини се мазни, буквално не постои еден раб по целата каросерија. Убедливо изгледа и страничната силуета, со дебел заден столб и ниски прозорци. Освен во комбилимузинска изведба, Mazda3 повторно е достапна и како лимузина, но со дизајн што во поголема мерка отстапува од верзијата со пе врати.

Во четвртата генерација на моделот има поголема разлика во стилот на комбилимузината и класичната изведба со четири врати

Основата на Mazda3 ја сочинува целосно нова платформа. Димензиите начелно се непроменети од претходникот. Верзијата со пет врати е еден сантиметар покуса (4,46 метри), додека лимузината доби осум сантиметри во должина и сега достига 4,66 метри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Поважни се промените што се случија под хаубата. Како светска премиера, во Mazda3 работи новиот Skyactiv-X, прв мотор во сериско производство што работи како бензинец, но во одредени услови се префрлува на палење на смешата под дејство на компресија – како дизел мотор.

Револуционерниот бенцинец што „пали“ како дизел пристига во втората половина од годинава

Овој принцип со когошто своевремено експериментираа повеќе производители, меѓу другото и Mercedes со познатиот Diesotto, ги спојува предностите на бензинскиот и дизел моторот – темперамент и аголност на бензинец, со ефикасност и вртежен момент на дизел. Според Mazda, заштедата во потрошувачката изнесува до 30 проценти. Skyactiv-X ќе биде достапен подоцна, засега понудата ја сочинуваат бензински мотори изведени како благ хибрид и еден дизел.

New item by Automedia MK / Google Photos

Седиштата исто така потекнуваат од целосно нова генерација и поседуваат поцврста странична поддршка, поради што повеќе не се нуди опцијата за спортски седишта. По пример на последното моделско освежување на Mazda6, арматурната табла потсеќа на едноставните и прегледни кокпити на автомобилите од 1970-те, но во комбинација со најсовремени концепти на ракување и функции. Мошне импресивно, овој кокпит станува уште еден заштитен знак на Mazda.

Интегрален систем за ракување со функциите на возилото следи уште во основното ниво

До вообичаените функции се пристапува преку копчињата на воланот или преку контролерот во средишната конзола, место преку копчиња што ја преоптоваруваат работната средина за возачот. Во списокот на сериска опрема што го добивме од македонскиот увозник, се покажува супериорна опременост уште во нивото Comfort – иако за конечните цени ќе мора да се причека уште извесно време.

New item by Automedia MK / Google Photos

Mazda3 во нивото Comfort доаѓа стандардно опремена со навигација со дисплеј од 8,8 инчи и поврзување со телефон, но и со проекциски дисплеј кој ги прикажува информациите на самиот ветробран, место како досега на пластична плоча. Не заостанува ниту армадата од системи за асистенција, почнувајќи од самостојно запирање при опасност од судир, систем за следење лента со активно зафаќање во управувањето, радарски темпомат кој речиси самостојно го управува возилото од 30 до 200 km/h, како и камера за сообраќајни знаци или автоматика за долги светла.

Диодни светла, проекциски дисплеј, навигација – премиум карактерот не се сведува само на ветување

Сите функции на светлата ги преземаат светлечки диоди. Алиминиумски бандажи од 16 инчи се стандард, заедно со електрично собирање на ретровизорите, паркинг сензори назад и заден спојлер. Од комфорната опрема следат мануелен клима уред, електрична паркирна сопирачка, кожа на воланот и потпирач за рака напред. За комплетирање на спортскиот стил, таванот кај верзијата со пет врати е црн, додека кај лимузината е сив. Гратис следат металик лак, патосници, аларм и уште неколку ставки.

New item by Automedia MK / Google Photos

Второто ниво на опрема што ќе биде достапно на македонскиот пазар е Comfort Plus, во коешто дополнително следат бандажи од 18 инчи, грејачи во предните седишта и во воланот, двозонска работа на клима уредот, пристап без клуч, паркинг сензори напред и камера за рикверц.

На списокот на дополнителна опрема остануваат само чесно скроени пакети

Списокот на дополнителна опрема го предводи пакетот за звук, развиен од Bose и со 12 звучници, кој чини 800 евра. Пакет за стил, со матрични диодни светла, екстра затемнети задни стакла, неколку каросериски детали во сјајна црна боја и внатрешен ретровизор без рамка вреди 1.500 евра, додека за кожени седишта со електрично местење и меморија ќе бидат потребни уште 2.000 евра.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во пакетот од дополнителни системи за асистенција се добива и второ ниво на автономно возење, коешто овозможува самостојно запирање и поаѓање при возење во колона, вклучувајќи и мала корекција на правец. Меѓу останатите можности во овој пакет вреден 1.300 евра спаѓаат и приказ на возилото во 360 степени, како и предупредување при возило што наидува попреку при излегување во рикверц.

New item by Automedia MK / Google Photos

Mazda генерално настапува како премиум марка, па соодветно на тоа Mazda3 прикажува мошне зрела изработка и избор на материјали во кабината, како што можевме да забележиме при првиот контакт со моделот.

Дволитарски бензинец со директно впрскување како мотор во основниот модел, но и благ хибрид

Добра приказна има и под хаубата. Mazda нуди три мотори во новата „тројка“, два бензинци и еден дизел. Јапонците никогаш не се приклучија на трендот на смалување на бензинските мотори и додавање турбонатполнење, па затоа основниот бензинец во Mazda3 располага со два литри работна зафатнина и постигнува моќност од 122 КС.

New item by Automedia MK / Google Photos

Важна новина е тоа што моторот работи во комбинација со стартер-алтернатор, мала батерија и систем за повраток на енергијата при сопирање, односно работи како благ хибрид. Од тоа во принцип може да се очекува и ослободување од плаќање акциза, но крјаниот исход ќе се знае дури по објавувањето на целосниот ценовник. Ознаката на моторот официјално гласи Skyactiv-G 2.0 M Hybrid. Планирана е изведба со 150 КС, датумот уште не е прецизиран.

Само еден дизел во новата генерација на Mazda3

Дизелот со работна зафатнина од 1,8 литар и моќност од 116 КС веќе се вградува во кросоверот CX-3. Според проиводителот, просечната потрошувачка изнесува 4,2 литри на сто километри. Дополнително може да се комбинира и автоматски менувач со шест степени.

New item by Automedia MK / Google Photos

Третата погонска опција е воедно и главната сензација кај новата јапонска тројка. Skyactiv-X пристига во втората половина од годинава. Кај него ќе постои и можност за комбинирање со погон на сите тркала i-Activ AWD. Податоците за револуционерниот „бензински-дизел“ уште се скромни. Познато е дека моторот исто така ќе располага со зафатнина од два литри, во комбинација со механички компресор и сосем нетипичен степен на компресија од 16,3:1 за бензинец. За моќноста се очекува вредност од околу 180 КС. Моторот сé уште поседува класични свеќички, затоа што во одредени услови ја пали смешата на вообичаениот начин. Skyactiv-X исто така е изведен како благ хибрид, односно поседува стартер-алтернатор.

Mazda CX-30 меѓу најпријатните изненадувања на салонот

Mazda3 стартува со продажба во Германија: Со револуционерен „дизел-бензинец“

И во Mazda имаат нова „тројка“ за фалење

Mazda 6 привлекува внимание и без дизел скандали

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Jimny 1.5 GL Test AutomediaMK

Тест: Suzuki Jimny 1.5 GL

citroen c5 aircross skoda karoq sporedba automediamk

Прашање на добар избор: Издолжен Citroen C5 Aircross или моќна Skoda Karoq