за

Mazda MX-5: Три банки и уште не ѝ доаѓа разумот

mazda mx-5 romanija

Малечкиот родстер од Јапонија ги освојува срцата близу 30 години. Mazda MX-5 влегува со неколку измени во новото моделско годиште. Првиот MX-5 се појави во 1989 година и се продаваше само во САД. Оттогаш, Mazda продаде повеќе од еден милион примероци од моделот, низ целиот свет.
Нашите германски колеги од мрежата на Аутомедиа присуствуваа на презентацијата на новото моделско годиште на Mazda MX-5 во Романија. Нивните впечатоци и искуства ги пренесуваме во целосна форма

Малечко, лесно, со темпераментен мотор, подвижно и брзо како видра во свијоците. Со својства како на го-карт и со дизајн со италијанска нота, Mazda MX-5 во 1990 година ја врати во живот автомобилската класа, којашто изгледаше дека е изгубена неповратно. На времето, во таа класа владеја Triumph, Spitfire, MG и уште голем број малечки автомобили од Англија.

За разлика од нив, коишто повеќе ги радуваа хоби-мајсторите, отколку хоби-тркачите, MX-5 се одликуваше со јапонски квалитет и со издржливост. Европскиот пазар го поздрави автомобилот како пријател што долго време недостигал.

Возач на Mazda MX-5 нема да се вознемири кога ќе го престигат на право, тој чека да дојдат свијоците

Главниот „квалитет“ сепак беше цената. Поради тоа, двоседот го купуваа млади возачи, вклучувајќи и огромен број дами. MX-5 никогаш не се бореше да ги има најдобрите перформанси во класата. Возачи на Golf доживуваа еуфорија кога ќе го престигнеа малечкиот родстер. Возачите на Mazda само се смешкаа, без воопшто да бидат трогнати од таквиот чин. Со спуштен покрив и релаксирано темпо, тие спокојно си чекаа да дојде кривулестата делница од патот.

Mazda MX-5 Romanija 1

Возењето на право со гас до под, тоа не е главното доживување во MX-5. Во најсилната изведба со дволитарец, двоседот спринтува до сто за 6,5 секунди и постигнува крајна брзина од 220 km/h. Многу компакти денес го умеат тоа много побрзо. Друго е уживањето во оваа Mazda, чијшто култ веројатно е многу блиску до RX.

Уживањето е во чувството додека се седи ниско над асфалтот, со задна оска веднаш зад седиштата, со платнен покрив што претходно е спуштен во само еден потег, директно од возачкото седиште. Денес повеќе од 40% од продажбата на Mazda MX-5 отпаѓа на изведбата RF, којашто располага со триделен цврст покрив, со електричен погон.

Само 4 од сто купувачи избираат верзија со автоматски менувач

Чувството на возење го-карт е исто во двете изведби, особено кога опашот ќе се натера да пролизга благо и потоа моторот ќе се заврти до крај, додека дојде ред за следниот свијок. За сето време, возачот вредно ги менува степените, рачно. Така беше порано. Денес може да се доплати за шестстепен автоматик во изведбата RF. За тоа се решаваат само малкумина: Четири од 100 купувачи на MX-5 се решаваат за автоматикот.

Mazda MX-5 Romanija 12

Останатите сакаат кога работите се поедноставни. Менувањето низ шесте степени со исклучително кусата рачка е уживање, исто како и односот со директното и прецизно управување, коешто ги пренесува сите информации од подлогата. Возачот во секое време знае што му е потребно на родстерот и знае како да го орасположи. Иако возните својства се буквално како на го-карт и управувањето пренесува сé што се случува меѓу гумите и асфалтот, Mazda MX-5 останува нежна кон ‘рбетот. Родстерот е стегнат, но не е тврд.

Задоволство причинува и погодениот дизајн на внатрешноста, во спортски црна боја и со класични тркалезни инструменти, на што се надоврзуваат добри материјали и добра изработка. Во меѓувреме, во овој „го-карт“ се вдоми луксуз, исто како и електроника којашто ги држи работите под контрола – ако затреба.

Чувството зад воланот го тера возачот да ги провери способностите на родстеров – сопствените исто така

Актуелниот MX-5 остава зрел впечаток и ги исполнува денешните строги барања. Кога мошне малиот волан со дебел кожен обрач (којшто сега се мести и по длабочина) ќе се земе в раце и во скромната просторна понуда за возачот и совозачот ќе се погледне наоколу, се стекнува чувство дека се седи во безбеден автомобил. Не се само спортските седишта тие што ќе го натераат возачот да ги провери способностите.

Mazda MX-5 Romanija 8

Широко е подрачјето до достигнувањето на границите – како на личните, така и на физичките граници. Тоа е убаво искуство. За тоа да го докаже, Mazda го одржа тест-возењето на новото моделско годиште на MX-5 на планинскиот пат Трансфагарашан во Романија, една од најспектакуларните делници за секој возач. Тоа се 151 километри во свијоци по планинскиот венец Фагараш на Јужните Карпати, коишто ги спојуваат Трансилванија и Влашка. Тоа со право се смета како една од најубавите делници во светот. Амортизацијата знае дека тоа не е и најдобрата делница во светот. Сепак станува збор за воен пат, изграден од последниот романски диктатор Чаушеску.

Техничките и видливите промени во новото моделско годиште се во умерени граници. Дволитарскиот Skyactiv-G сега располага со 184 КС, што е за 24 КС повеќе од порано. Помалиот мотор, 1,5-литарскиот Skyactiv-G располага со 132 КС. Двата мотора се скромни со потрошувачката. Според новиот циклус WLTP, дволитарецот троши просечно 6,9 литри на сто километри, а помалиот четирицилиндарец се задоволува со 6,3 литри.

Преоѓањето на WLTP и на Euro 6d-Temp мина без каква било паника во Mazda

Потрошувачката на тест-возењето во должина од 400 километри, од Сибиу по планинскиот пат и назад, според патниот компјутер изнесуваше точно седум литри. Двата мотори работат без филтер за честички гареж за бензински мотори. Кај овој концепт со необично висока компресија од 13:1 и со високо ниво на вртежи, со максимално 7.500 вртежи во минути, доволни беа внатрешните зафати во моторот за да се задоволи нормата Euro 6d-Temp.

Напредок има во комфорните и безбедносните системи, исто како и во поврзувањето. Тоа стана редовна програма при секое моделско освежување, но е крајно непотребно во малкуте автомобили со иконски статус, каков што е Mazda MX-5, автомобилот за пуристите.

Mazda MX-5 Romanija 16

Ценовниот спектар почнува со 1,5-литарскиот мотор и со наједноставната опрема Prime за 22.900 евра и завршува со дволитарецот со врвната опрема Sportline, за 30.890 евра, вклучувајќи автоматски менувач и изведба RF. Меѓу двете крајности се варијантите Center-Line и Exclusive-Line. За ориентација, врвното ниво Sportline располага со матрични диодни светла со автоматика за долго светло, систем за следење лента и излегување од паркинг, пристап без клуч, генератор на звук во издувниот систем, озвучување Bose и навигација.

Родстеров е штета да се вози сам, околу проблемот со малата носивост е подобро да се заборави на багаж

Родстерот нуди степен на уживање што секој би требало да го доживее барем еднаш, но постои ограничување. Возачот треба да биде сам. Mazda наведува дека празно возило тежи 1.105 килограми, без возач. Максималната носивост изнесува 230 килограми. Кога тежината ќе се пресмета според DIN, тоа значи 68 килограми за возачот, 8 килограми за багаж и 40 kg за горивото во резервоарот, којшто според нормите треба да биде наполнет 90 проценти. Во тој случај, тежината на празно возило според DIN изнесува 1.225 килограми. Ако сметаме дека во возачкото седиште се наоѓа џокеј место возач, остануваат 110 килограми за полн резервоар, за совозач и за куферите во багажникот со зафатнина од 130 литри.

Проблемот со малата носивост го имаат голем број спортски автомобили. Во некои случаи, проблемот е уште поекстремен. Сепак е лесно да ѝ се прости на оваа Mazda. Ова е најлесниот MX-5 во историјата. Во денешно време, тоа заслужува почит.

Технички податоци · Mazda MX-5 RF Skyactiv-G184 i-Loop Sports Line

Должина x Ширина x Висина (m): 3,92 x 1,74 (со ретровизори 1,92) x 1,23
Меѓуоскино растојание (m): 2,31
Мотор: 4 цилиндри, 1998 ccm, Skyactiv, i-Loop
Компресија: 13:1
Моќност: 135 kW / 184 КС при 7500/min
Вртежен момент: 205 Nm при 4000/min
Крајна брзина: 219 km/h
Забрзување 0 до 100 km/h: 6,5 s
Просечна потрошувачка според WLTP: 6,9 L
Емисија на CO2 (WLTP): 155 g/km (Euro 6d-TEMP)
Празно возило (без возач) / Носивост: min. 1105 kg / max. 230 kg
Багажник: 130 L
Круг на вртење: 10,4 m
Бандажи / Гуми: 7 J x 17 / 205/45 R 17 84W
Основна цена (во Германија): 30 890 евра

[FAG id=34920]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo 360c роботските автомобили 3

Volvo сака роботските автомобили да ги заменат авионите

Mercedes A-Class Limousine naslovna

Лимузинскиот Mercedes A-Class пристига во почетокот на 2019