Mazda 6 уште одамна се докажа како достоен соперник за A4, C-Class и серијата 3. Со комплетно сменет дизајн во внатрешноста, повеќе опрема и примерно чисти дизели, јапонската шестка фаќа нов залет
Кај јапонските марки ништо не е сменето. Нема дизел скандали, нема скапи експерименти со технологии коишто пазарот можеби и не ги сака, сé е чесно и разумно. Mazda 6 верно ги следи своите принципи и ги пресретнува барањата на купувачите коишто се убедени дека најпродаваното не мора секогаш да биде и најдобро.
Mazda 6 дури и не заостанува со продажбата, туку напротив, големата лимузина од средна класа, со премиум нишка, се наоѓа на второто место во категоријата на увозните марки на германскиот пазар, најголемиот автомобилски пазар во Европа. Само по Skoda Superb, секако.
Актуелната генерација на Mazda 6 останува на пазарот до 2020 година. Откако лимузината и комбито на јапонската шестка веќе доживеаја моделско освежување пред две години, сега повторно следи истиот зафат. Според менаџерите на марката, станува збор за најтемелен фејслифт на Mazda 6 во историјата.
Mazda повеќе не мора да убедува дека настапува како премиум марка, тоа се гледа
Како и вообичаено, промените ќе ги забележат само фановите на Mazda, што значи најчесто и сопственици на автомобил од марката од Хирошима. Предниот и задниот дел добија поостри црти. Прво се забележува дека маската е поставена пониско. Хромираната рамка е подебела, а блок-мустрата прави маската да изгледа повпечатливо. Светлата се потесни и со нова графика. За сите светлосни функции се користи диодна техника, уште во основното ниво. Има и специјална нова боја, магма црвена металик.
Промените се забележуваат повеќе во внатрешноста, којашто речиси целосно се покажува во ново светло. Седиштата се нови, покоморни, со подебело полнење и поширока основа, а во сериската опрема отсега спаѓаат дури и проекциски дисплеј и навигација.
Првпат во модел на Mazda се вградуваат вентилирани кожени седишта. Новиот пакет Sports Line Plus дополнително го нагласува премиум-карактерот, со кафена напа кожа на седиштата, црн таван и украсни панели од вистинско дрво. Инструментите се комплетно сменети, вклучувајќи го спомнатиот проекциски дисплеј во стандардната опрема. Централен дисплеј од 8 инчи исто така следува во серискиот обем, заедно со системот за конективност MZD. Како опција може да се избере нов диспле од седум инчи, со дигитален брзиномер и приказ на податоците од патниот компјутер.
Зафатите во управувањето и во водењето на тркалата придонесуваат за подобрен комфор во возењето. Со истата цел се надоврзуваат и зголемената крутост на каросеријата, како и смаленото ниво на бучава и вибрации. Оптимираните безбедносни системи, како познатиот i-Activsense, му помагаат на возачот да реагира правилно во опасни ситуации и да ги избегне истите. Сите мотори ја исполнуваат нормата Euro 6d-Temp, којашто подразбира и мерење на потрошувачката во пореални услови на возење отколку досега.
Вградениот SCR-катализатор може да го поскапи дизелот, но барем нема ризик од афера
Во понудата од мотори, на прв поглед, нема промени. Но, сите мотори работат уште почисто. Јапонците нудат три бензинци Skyactiv-G, со моќност од 145 до 194 КС, и два дизела Skyactiv-D, со 150 и 184 КС. Користењето на варијабилни лопатки за поголемата турбина во посилниот битурбо дизел донесе плус 9 КС и го зголеми вртежниот момент од 420 на 445 Nm.
Уште неколку сложени зафати се преземени за дизелот да ја задоволи строгата норма: Модификации на комората за согорување и впрскување Rapid Multi Stage, со нови пиезо-прскалки со повеќе отвори. Дополнително се вградува и SCR-катализатор (селективна каталитичка реакција) заради смалување на емисијата на азотни оксиди. Оваа техника веројатно ќе се покаже и во цената на дизелите, но барем нема да постои основа за дизел афера во оваа марка.
Кај бензинците има промени во вшмукувачките канали, притисокот на впрскување е зголемен на 300 бари, а се користат и прскалки со повеќе отвори. На тоа следи и нова форма на челото на клиповите, заради смалување на емисијата на честички, без потреба од вградување филтер за истите. Иако тоа предизвикува забуна кај познавачите на моторната техника, бензинските мотори со директно впрскување исто така ослободуваат ПМ-честички.
Во економичноста предничи токму 2,5-литарскиот бензинец, којшто исклучува дел од цилиндрите при подолго возење со рамномерна брзина. Преносот на сила е преку шестстепен мануелен менувач, а некои мотори одат и во комбинација со автоматик со 6 степени. Системот i-Eloop е стандард во повеќето погонски конфигурации. Погонот на сите тркала е достапен за двата дизела.
[FAG id=33844]