за

Mazda ја претстави новата „двојка“

Со дизајн што е веќе познат од студијата Hazumi и со мотори од генерацијата Skyactiv, Mazda2 уште повеќе ќе ја вжешти битката во класата што се очекува со есенската премиера на новите Opel Corsa и Skoda Fabia.

Во фабриката Хофу во близина на Хирошима, Mazda официјално го одбележа стартот на производството на новата генерација на моделот Mazda2. Четвртиот член на актуелната палета на модели на Mazda ја следи философијата на своите поголеми браќа, со впечатливиот дизајн Kodo којшто беше воведен со Mazda2, како и со генерацијата мотори Skyactiv чијашто главна карактеристика е оттргнување од актуелниот тренд на „даунсајзинг“ и примена на принципот на поголема работна зафатнина и поголема компресија, во замена за турбонатполнење.

Со истата комбинација од динамични перформанси, штедлив погон, високи безбедносни стандарди и задоволство зад воланот, новата Mazda2 може само да го повтори успехот на поголемите браќа Mazda CX-5, Mazda6 и Mazda3. За разлика од нив, при пазарното воведување на моделот се става повеќе приоритет на домашниот пазар, со стартот на продажбата веќе наесен, додека продажбата во Европа ќе следува напролет.

За премиерата во Европа, Mazda2 ќе го добие новиот дизелски мотор Skyactiv-D со зафатнина од 1,5 литар, додека понудата од бензинци ќе се базира на познатиот 1,5-литарски Skyactiv-G, во дијапазон од 80 до 120 КС. Со тоа одат аеродинамична каросерија и агилно подвозје според принципите на Skyactiv. Во првичната скромна информација на Јапонците се наведува дека новиот модел ќе го поседува и иновативниот конекциски систем MZD Connect, безбедносните системи i-Activsense. Во споредба со претходникот се најавува поголема просторна понуда во кабината и повеќе внимание во изборот на материјали и изработката. Од претставувањето на првата генерација на Mazda2 во 1996 година се продадени повеќе од 2,4 милиони примероци од моделот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Продажбата на Citroen повторно оди по нагорна линија

ФБИ гледа смртоносно оружје во автономното возило на Гугл