за

Mazda подготвува две европски премиери за салонот во Женева

Mazda ќе одржи европска премиера на два новитета на салонот во Женева. Концепот RX-Vision ги открива плановите на Јапонците за наследник на спортското купе, додека Mazda 3 добива нов 1,5-литарски дизел.

Одбројувањето до почетокот на 86-от салон во Женева е веќе во тек. Mazda ќе прикаже два свои новитета на салонот покрај езерото Леман: Концептот RX-Vision и нова моделска верзија на Mazda3 со 1,5-литарски дизел мотор Skyactiv-D, како основа во дизелската понуда во гамата на компактот. RX-Vision се повикува на долгогодишната традиција на Mazda во развојот на спортски купеа со ванкел мотор и ја прикажува истата преку актуелниот дизајнерски говор на марката.

Како што Јапонците наведуваат во соопштението, RX-Vision е „симбол за предизвикувачкиот дух на Mazda како единствен производител на автомобили кој постигнал пазарен успех со ванкел моторите.“ Тоа не може да се протолкува поинаку, освен како убеденост на Mazda да продолжи со оваа традиција, иако строгите еколошки норми претставуваат голема пречка за натамошната примена на ванкел моторот.

Дизајнерите на марката исто така го прифатија предизвикот и креираа форма врз основа на актуелниот дизајн Kodo којашто на неодамнешниот Меѓународен автомобилски фестивал во Франција беше прогласена за најубав концептен автомобил на годината.

Воведувањето на новиот 1,5-литарски мотор Skyactiv-D ќе ги израдува љубителите на дизел моторите, на коишто досега им се нудеше само поголемиот и поскап дволитарски мотор. Верзијата со овој мотор ќе биде најштедлива во гамата на Mazda3. Моторот со лесна конструкција, рамномерно ослободување на моќноста и динамични придушувачи вградени во клиповите заради помирка и потивка работа, досега беше достапен само во Mazda2 и Mazda CX-3.

На штандот ќе се појави и родстерот MX-5, чијашто продажба во последниот лански квартал се зголеми четирипати во споредба со продажбата на претходникот. Новата генерација на MX-5 досега освои 15 награди, вклучувајќи ја наградата за автомобил на годината во Јапонија, награда од магазинот auto motor und spord за најдобар увозен автомобил и награда за најдобар кабриолет од магазинот What Car.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бразилскиот Ka ќе биде новиот основен модел на Ford?

Конечно Ateca, првиот теренец на Seat