за

Mazda и Toyota се здружуваат во развој на електрични автомобили

mazda toyota електрични возила

Бензинецот без свеќички и исклучувањето на цилиндрите се недоволни за Mazda да го задржи чекорот со светскиот пазар, Toyota од друга страна е премногу горда на својот хибриден погон и заостанува во електрификацијата на моделската понуда, иако може да го постигне тоа буквално преку ноќ. Партнерството меѓу двете компании конечно ќе ги впушти во трката во којашто недостигаат овие големи имиња на автомобилската сцена.

Јапонските производители на автомобили Toyota и Mazda, заедно со вториот најголем добавувач во светот Denso, денес потпишаа договор за заеднички развој на основни компоненти за возила со електричен погон. Трите компании за таа цел основаат нова компанија со име EV C.A. Spirit Co. Ltd., којашто ќе ангажира избрани инженери од секоја компанија посебно да работат во проектот за развој на заеднички компоненти за електрични возила.

Како што најголемиот автомобилски пазар во светот, Кина, најавува дека ќе ги обврзе локалните производители на автомобили, одредена квота од својата продукција да ја постигнуваат со електрични автомобили, и како што повеќе европски земји не само што планираат, туку веќе и имаат воведено забрана за дизелите, така на производителите им останува сé помалку простор за одлагање на електрификацијата на своите моделски понуди. Во исто време, покривањето на сите пазари во светот и на сите сегменти возила, бара огромни инвестиции и време. Тоа не значи друго освен нов бран здружувања и соработки.

Заедничкиот развој нема да води кон тоа моделите на Toyota и Mazda да се разликуваат само во амблемот

Mazda, Toyota и Denso заеднички ќе развиваат основни структурни технологии за електрични возила, со коишто ќе се покријат колку е можно повеќе сегменти и категории на возила. Договорот предвидува развој на техника за широк дијапазон на модели, почнувајќи од малечки автомобили до теренци и лесни товарни возила. Секој партнер ќе даде придонес со својата најсилна страна. Mazda е силна во развојот базиран врз компјутерско моделирање, Denso ги става на располагање своите електронски технологии, додека Toyota ја обезбедува основата – платформата TNGA (Toyota New Global Architecture).

Како што наведуваат компаниите, заедничкиот развој нема да води кон тоа моделите на Toyota и Mazda да се разликуваат само во „беџот“, туку ќе се настојува возилата да го задржат идентитетот на сопствената марка.

Бизнис-структурата е отворена за учество од страна на останатите производители на автомобили и добавувачи. Седиштето на EV C.A. Spirit се наоѓа во Накамура, Нагоја. Toyota учествува со 90% во компанијата со инвестициски капитал од 10 милиони јени, Mazda и Denso со по пет проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

porsche 911 gt2 rs

Porsche 911 GT2 RS го победи Lambo на „Рингот“ со време од 6:47,3 минути

паметни лежечки полицајци - smartbumps

Паметни лежечки полицајци од Македонија на чекор пред производство