за

Maserati Quattroporte се надмина себеси: Фејслифт за спортската лимузина

Дури и најексклузивните марки сé потешко можат да му одолеат на духот на времето и не можат да издржат полн моделски век без фејслифт. Во случајот на Quattroporte, сé е стокмено да биде Maserati повеќе од претходно.

По три и пол години од премиерата и над 24.000 примероци продадени на 72 пазари во светот, знаменосецот на Maserati и татко на сите купе-лимузини доживува темелно освежување. Промените во надворешниот стил опфаѓаат нов дизајн на браниците, со неколку естетски и функционални детали, што несомнено е домен на италијанските стилисти.

Новитет претставува вградувањето на таканаречена активна маска, коајшто се состои од ламели што се задвижувани од електромотор и се затвораат при повисоки брзини и кога моторот нема потреба од дополнително ладење од воздухот, за на тој начин да се подобри аеродинамиката. Заедно со промените во дизајнот на браниците, праговите, подот и делумно во опашот, новиот Quattroporte има за 10 проценти намален отпор на воздухот.

New Quattroporte GTS GranSport_rear-1

Кокпитот отсега пречекува со средишен дисплеј од 8,4 инчи и преработен изглед и функционалност на средишната конзола, вклучувајќи го и делот меѓу седиштата. Поддршката за Apple CarPlay и Android Auto се подразбира, исто како и дополнувањето со пакет од системи за асистенција, кој вклучува радарски темпомат со стоп-гоу функција, систем за следење лента, предупредување и самостојно запирање при опаснсот од судир. На тоа може да се додаде и систем од камери за приказ од птичја перспектива, корисно при паркирање. Сите моделски изведби отсега доаѓаат стандардно и со сензор за квалитет на воздухот во климатизацијата.

GranLusso и GranSport се новите две дизајнерски линии за Quattroporte

Најголемото освежување според Maserati е во додавањето на двете дизајнерски изведби, GranLusso и GranSport. Првата го нагласува луксузот на италијанската марка, вториот спортската нота. Купувачите на моделите со мотор V6, односно Quattroporte Diesel, Quattroporte, Quattroporte S и Quattroporte S Q4 во иднина ќе можат да изберат и доплатат за една од овие изведби, додека истите следуваат стандардно кај топ моделот GTS.

New Quattroporte GTS GranSport_ dashboard

Соодветно на избраната ориентација, GranLusso додава луксуз со ентериерот зад кој што стои името на Ermenegildo Zegna и вклучува уникатна свила на седиштата, вратите и таванот. На тоа се надоврзуваат ексклузивни панели од дрво со отворени пори. Наспроти тоа, GranSport го нагласува агресивниот стил на Quattrorte, во надворешноста и во кабината. Тука спаѓаат бандажи од 21 инчи и неколку спојлери во сјајна црна боја, сопирачки клешти во црвена боја, спортски седишта, соодветно модифициран волан и детали од карбон.

Подобрената аеродинамика му носи крајни 310 km/h на Quattroporte GTS

Во понудата од мотори немаше што да се менува. Quattroporte GTS е врв на понудата, со 3,8-литарски V8 со битурбонатполнење и потекло од мајчинската марка Ferrari, со погон назад, 530 КС и 710 њутнметри. Тоа проиведува спринт до сто за 4,7 секунди и крајни 310 km/h. Крајната брзина на сите модели е зголемена со подобрувањата во аеродинамиката. Во средината следи Quattroporte S со заден погон или со погон на сите тркала Q4, со 410 КС и 550 Nm од 3.0 V6 битурбо, со гени од Ferrari, крајни 286 km/h и спринт за 5,1 секунди за S и 4,9 секунди за S Q4.

Моќноста порасна за 20 КС кај основната изведба, со истиот мотор од S, којашто сега располага со 350 КС и 500 њутнметри, доволно за 5,5 секунди до сто и 270 km/h. Гамата ја заокружува Quattroporte Diesel со трилитарски V6 од VM Motori, со 275 КС, 600 Nm, спринт до сто за 6,4 секунди и крајни 252 km/h. Сите моделски изведби доаѓаат стандардно во комбинација со осумстепен автоматик од ZF.

[FAG id=24796]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi ја прославува десетгодишнината на TDI на Леман

Водородниот Mercedes GLC ќе има и приклучок за струја